Зошто возрасните треба да читаат детски книги?
Најдобрата детска фантастика „ни помага да реоткриеме работи за кои можеби не ни знаеме дека сме ги изгубиле“ пишува авторката Кетрин Рундел.
Пишувам детска фикција повеќе од 10 години, а сепак се двоумам кога треба да ја дефинирам. Но, знам, со поголема сигурност отколку што обично чувствувам за било што, што таа не е: не е исклучиво за деца. Кога пишувам, пишувам за две лица: за себе на 12-годишна возраст и за себе сега, и книгата мора да задоволи два различни, но поврзани апетити.
Моето 12-годишно јас сакаше автономија, опасност, правда, храна и пред се некаква набиеност на атмосфера во која би можела да стапнам и да бидам впиена. Моето возрасно јас ги сака сите тие работи, а исто така: признанија за страв, љубов, неуспех; на војната што постои во човечкото срце. Затоа, она за што се трудам кога пишувам – често не успевам, но се трудам – е да ги наведам со што помалку зборови работите што најитно и најочајно сакам децата да ги знаат и возрасните да ги паметат. Оние кои пишуваат за деца се обидуваат да ги вооружат за животот пред нас со се што можеме да откриеме дека е вистина. И можеби, исто така, тајно, да ги вооружиме возрасните за потребните компромиси што ги вклучува животот: да ги потсетиме дека има и секогаш ќе има големи, одржливи вистини на кои можеме да им се вратиме.
Меѓутоа, повеќето возрасни луѓе споделуваат чувство дека треба да читаме само во една насока, бидејќи ако постапиме поинаку би значело уназадување или повлекување: де-зреење. Преку Нарнија, до Фаќачот во ‘ржта или Патрик Нес, а од таму до фикцијата за возрасни, каде што остануваш не вртејќи поглед наназад, бидејќи ако погледнеш назад би значело губење на тлото под нозете. Но, човечкото срце не е линеарно возење со воз. Тоа не е начинот на кој луѓето всушност читаат; барем не е така како што јас читав. Научив да читам прилично доцна, со многу напор додека, конечно и сосема ненадејно, хиероглифите не добија облик и значење: а потоа читав со истата сештојадна бескрупулозност што ја покажував за време на оброците. Ја читав Матилда заедно со Џејн Остин, Нарнија и Агата Кристи; Со мене на универзитет ја носев „Howl’s Moving Castle“ на Дијана Вин Џонс, стегната на градите како појас за спасување. Сè уште го читам Падингтон кога ми треба да верувам, како што верува и Мајкл Бонд, дека чудата на светот се помоќни од неговиот хаос. За читањето да не стане нешто што го правиме за вознемирена самооптимизација – за тоа да не е слично на плаќање членарина во теретана секој јануари – сите текстови мора да бидат отворени, за сите луѓе.
Тешките страни на правилото на читателска прогресија се многу: едната е дека, ако некој ја следи истата шема во зрелоста, свртувајќи се секогаш кон книги со очигледна зголемена сложеност, на крајот не ви останува ништо друго освен Finnegans Wake и комплетните дела на Французите. Жак Дерида да ве развесели на смртната постела. Другата тешкотија со правилото е тоа што претпоставува дека детската фикција може безбедно да се отфрли. Би рекла дека го правиме тоа на сопствен ризик, бидејќи во зрелоста отфрламе ковчег со чуда кои, читани со возрасно око, откриваат поинаков вид на алхемија. WH Auden напиша: „Постојат добри книги кои се само за возрасни, бидејќи нивното разбирање претпоставува искуства за возрасни, но нема добри книги кои се само за деца.
Апсолутно не им предлагам на возрасните да читаат само, па дури и првенствено, детска фикција. Само има моменти во животот кога тоа може да биде единственото нешто што може да се направи.
Како е да се чита како дете? Дали има нешто во таквото читање – гладен, извонреден квалитет – на што можеме да се вратиме? Кога бев млада читав со бес за да разберам. Сеќавањата на возрасните за тоа како некогаш читавме честопати се обесхрабрени од носталгија, но мојата потреба за книги како дете беше итна и бев бесна ако бев спречена. Моето семејство беше големо, а читањето нудеше приватност од бурниот, благо откачен паноптикон на живеење со тројца браќа и сестри: можев да седам покрај нив во автомобилот, но, всушност, тоа беше единствениот момент кога никој на светот не знаеше каде бев. Лазење низ темни тунели во друштво на хобити, стоење пред возовите кои доаѓаат, веејќи црвено знаме скинато од мантил: да читаш сам значи да влезеш во бесконечен простор каде никој не може да те следи.
Субверзивни приказни
Паралелно со педагошките текстови се развива и друг вид на приказна, од понепослушен и посубверзивен вид: бајката. Бајките никогаш не биле само за деца. Тие се одлучно за сите – стари и млади, мажи и жени, од секоја нација. Експертката за бајки Марина Варнер тврди дека бајките се најблиското нешто што го имаме до културниот есперанто: без разлика дали се германски, персиски или американски, ние ги кажуваме истите бајки, бидејќи приказните мигрирале преку границите слободно како птиците. Сите бајки, во голема мера, ги имаат истите основни состојки: архетипски ликови – маќеа, моќни кралеви, животни што зборуваат. Неправда или конфликт, често жесток, кажани со тон на факт во кој не се прави ништо за да се заштитат децата или возрасните од неговата крвавост. Но, исто така, обично има нешто – добра самовила, магија, волшебно дрво – што го внесува чудото на надежта во приказната. „Бајките“, пишува Варнер „евоцираат секаков вид насилство, неправда и несреќа, но како декларација дека со тоа мора да се престане“. Бајките предизвикуваат страв за да ни кажат дека не треба толку да се плашиме. За Анџела Картер бајката е сценографија на она што таа го нарекува „херојски оптимизам“. Надежта во бајките е поостра од забите на змејот.
Тој дух на херојски оптимизам – крвав и уморен, но сепак оптимизам – е нашироко прифатен животен принцип. Тоа зборува за сите нас: затоа што бајките отсекогаш биле дизајнирани како начин да се разговара со сите одеднаш. Тие ни даваат модел за тоа како одредени видови приказни – низ архетипи и метафори се обраќаат до најдлабоките човечките желби и – можат да ги обединат луѓето од секоја возраст и потекло, привлекувајќи нè сите, маѓепсувајќи не во иста имагинативен простор.
Бајки, митови, легенди: ова се темелите на толку многу, и како возрасни треба да продолжиме да ги читаме и пишуваме, да го реосмислуваме начинот на кој тие не осмислуваат.
Во средината на 19 век, кога хартијата станала подостапна и стапката на детска писменост пораснала, детската фикција почнала да ги зема предвид вистинските желби на децата. Гладта по субверзивноста на бајките, ослободена во новопроцветената печатница, се проби во романите за деца. Педагошките приказни за деца беа отфрлени и се роди првото златно доба на детските книги. Луис Керол, Киплинг, Џ.М. Бари и Е Несбит ги ослободија децата од родителите, или барем накратко ги оставија родителите зад нив и ги пуштија да паднат во Земјата на чудата или во Недојдија, и на тој начин го ослободиле детето од императивите на светот на возрасните. Тоа сигурно одекнало како бомба. Деца без родители и без надзор талкаа низ сказните предизвикувајќи го хаосот неопходен за да се случи авантура. Беа понудени поголеми и полуди искуства: приказни кои се случуваат на рабовите на воможното.
Отфрлена е идејата дека децата се слатки или нежни или нужно поедноставни или подопадливи од другите луѓе, заедно со идејата дека логиката мора да биде логика на возрасни. Како дете, не негував илузии дека децата се слатки: децата, знаев во сржта на моето срце, често беа гадни и брутални едни кон други. Отфрлајќи ја таа идеја, детските книги почнаа да играат според нивните сопствени правила и, на тој начин, станаа уметнички дела различни сами по себе, во нивната сопствена традиција.
Детската фикција денес сè уште ја носи старата бесна жед за правда што ги карактеризира бајките: злобната маќеа е обезглавена , г-ѓа Култер во филмот на Филип Пулман „Килибарниот дурбин“ (2000) вечно паѓа низ дупка во ткивото на универзумот. И, исто така, тесно поврзана со потребата за правда пренесува уште еден став: оној на зачуденоста. Во свет кој ја цени позата на знаење, детската фикција си дозволува несофистициран став на зачуденост.
Детските книги се специјално напишани за да ги чита дел од општеството без политичка или економска моќ. Луѓе кои немаат пари, немаат глас, немаат контрола врз капиталот или трудот или врз институциите на државата; кои се движат низ светот со свесност за нивната ранливост. И луѓе кои сè уште не се преокупирани со работните обврски, сè уште не се вешти во наметнување на сопствените предрасуди на другите луѓе. И бидејќи во многу моменти во животот, и покрај тоа што си го кажуваме, и возрасните се немоќни, ние како возрасни мораме да читаме книги за деца за да се потсетиме на она што секогаш постои како опција – секогаш можеме да започнеме одново.
Детската фикција прави и нешто друго: ни нуди да ни помогне повторно да пронајдеме работи што можеби не ни знаеме дека сме ги изгубиле. Животот на возрасните е полн со заборавање; Заборавив на повеќето луѓе што некогаш сум ги сретнала. Ги заборавив повеќето книги што ги прочитав, дури и оние што ме променија засекогаш; Заборавив на повеќето епифании. И заборавив, во различни периоди од мојот живот, како да читам: како да ги оставам настрана скептицизмот и да се препуштам на книга. Со ризик да звучам како луд оптимист: детската фикција може повторно да ве научи како да читате со отворено срце. Кога читате книги за деца, ви се дава простор повторно да читате како дете: да го пронајдете патот назад, назад во времето кога секојдневно доаѓаа нови откритија и кога светот беше колосален, пред вашата фантазија да биде скратена и уредена, како да е опционален додаток.
Но, имагинацијата не е и никогаш не била изборна: таа е во срцето на сè, она што ни овозможува да го доживееме светот од перспективите на другите: условот за самата љубов… Едмунд Бурк прв го употреби терминот морална имагинација во 1790 година: способност за етичката перцепција да излезе надвор од границите на минливите настани од секој момент и надвор од границите на личното искуство. За тоа ни требаат книги кои се специјално напишани за да ја потхрануваат имагинацијата, кои на срцето и умот му даваат галвански поттик. Книгите за деца. Детските книги можат да не научат не само на она што сме го заборавиле, туку и на она што сме заборавиле дека сме го заборавиле.
Последна работа: многу повеќе сакам да бидам возрасна отколку дете – сакам да гласам, да пијам и да работам. Но, има моменти во животот на возрасните – барем во мојот – кога светот изгледа празен и рамен и без вистина. Токму во тие моменти детските книги, за мене, го прават она што ништо друго не може. Детските книги и денес го имаат духот на нивните образовни почетоци, но она што тие се обидуваат да нè научат се смени. Детските романи, за мене, зборуваа и сè уште зборуваат за надежта. Велат: види, вака изгледа храброста. Вака изгледа великодушноста. Тие ми велат, преку медиумот на волшебници и лавови и пајаци што зборуваат, дека овој свет во кој живееме е свет на луѓе кои кажуваат шеги, работат и издржуваат.
Детските книги велат: светот е огромен. Велат: надежта е важна. Велат: храброста е важна, духовитоста е важна, емпатијата е важна, љубовта е важна. Овие работи можеби се или не се вистинити. Не знам. Се надевам дека се. Мислам дека е итно неопходно да се слушнат и да се проговорат.
Кетрин Рундел
Извор: BBC
Превод: Лени Фрчкоска