Кој (не) го сака Тито?

„Три града моментално се во состојба на возбуда: главниот град на Србија, Белград, хрватскиот град Кумровец и главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево. Сите три ги обединува нивната блиска врска со Јосип Броз, познат како Тито.

Поранешниот шеф на југословенската држава и партизански лидер, кој почина на 4 мај 1980 година, имено, не би требало веќе да почива во Мавзолејот Тито, таканаречената Куќа на цвеќето во Белград“, пишува

весникот „Тагесцајтунг“ и продолжува:

„Актуелната возбуда ја предизвика екс градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, кој на функција беше до октомври 2023 година. Потпретседателот на десничарската Српска напредна партија (СНС) на почетокот на неделава повика на префрлање на телото на поранешниот југословенски лидер во Кумровец, хрватското родно место на Тито. За српските националисти, партизанот и Хрватот Тито, кој победи против нацистите, е непријател на Србија. На местото на неговиот гроб во меморијалот во белградскиот луксузен кварт Дедиње би требало биде префрлен српскиот националист и водач на милициите во Втората светска војна, Дража Михајловиќ. Така барем гласи желбата на екс-градоначалникот. Тој сака просторот да стане достапен за ’големите српски личности’ и да го симне несаканиот Тито од неговиот пиедестал. Според него, треба да им се оддаде почит на народните херои кои ја бранеле Србија во Првата светска војна и кои тогаш не служеле во австроунгарската армија како Тито. Тој не го оспорува фактот што толку фалениот Дража Михајловиќ како командант на ултранационалистичките четници во Втората светска војна соработувал со нацистите и затоа бил осуден на смрт во Сараево во 1946 година.“

Во текстот натаму, меѓу другото, стои:

„Меѓутоа, дискусијата стана навистина жешка кога во неа се вклучи Сараево. Затоа што српските националисти со години се обидуваат да го ​​оцрнат градот како мрачно место на исламизмот. Претседателот на српската република во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, наместо да го користи официјалното име ’Бошњаци’ за муслиманското мнозинско население во Босна, зборува главно за ’Турци’. Додик, кој всушност потекнува од партизанско семејство и се претвори во националистички агитатор, не сака да знае ништо за антифашизмот. Градоначалничката Бенјамина Кариќ, пак, објаснува дека Сараево е отворен град: ’Тито може да дојде и во Сараево.’ А шефот на кантонот Сараево, Нихад Ук, нагласува:’Тито ќе биде добредојден овде, ние сме слободен и антифашистички град, кој се гордее со наследството на партизаните.’ Двајцата претставници потсетија дека главната улица во Сараево сè уште се вика Титова.“

Споменик на Тито во Босна и Херцеговина
Споменик на Тито во Босна и Херцеговина (архивска фотографија)Фотографија: DW/S. Huseinovic

Она што во Сараево не се заборава, се вели во текстот натаму, е тоа што Тито и партизаните „создадоа држава во која сите, без разлика на вера и потекло, се рамноправни граѓани“.

На крајот на текстот, авторот Ерих Рахфелдер се осврнува на врската на Хрватска со Тито:

„Во Хрватска и родното место на Тито, Кумровец, кое се наоѓа на словенечката граница североисточно од Загреб, луѓето имаат измешани чувства. Од една страна, сакаат да му оддадат почит на славниот син од регионот, но денес очигледно немат допиррни точки со комунизмот. Титовата родна куќа е претворена во скромен музеј. Посетителите веднаш препознаваат дека Тито израснал во сиромаштија и покрај тоа што имал вредни родители. Според едно истражување, 67 отсто од жителите се изјасниле за враќање на Тито во Кумровец“, пишува „Тагесцајтунг“.(dw)

Back to top button
Close