Нашиот вечен современик Франц Кафка
Франц Кафка е роден во Прага во 1883 година, припаѓал на еврејското малцинство коешто зборувало германски и затоа бил аутсајдер. Тој не нашол поддршка ниту во сопственото семејство. Во текот на животот, страдал поради неговиот татко, кој претпочитал неговиот син да работи некоја друга работа, наместо да биде писател.
Бидејќи не можел да се издржува само од пишување, Кафка пред пладне работел како службеник во осигурителна компанија, а потоа се посветувал на работите во кои уживал: возење мотор, одење во кино и во бордел.
Бил спортски тип, одел на излети во Берлин и Париз и уживал да се дружи. Но, не се согласувал толку добро со жените, меѓу другото, поради очекувањата наметнати од општеството.
Приквечер и во текот на ноќта пишувал дневник, приказни, романи. Неговиот најдобар пријател Макс Брод, кого го запознал за време на студиите по право, го препознал книжевниот талент на Кафка и го поттикнал да почне да ги објавува неговите текстови. Кафка, од друга страна, се сомневал во сопствените писателски способности. Починал на 3 јуни 1924 година, од туберкулоза, неколку недели пред неговиот 41 роденден. Пред тоа, тој му рекол на својот пријател да ги запали сите записи по неговата смрт.
За среќа на неговите потомци, Макс Брод не му ја исполнил желбата. Да го сторел тоа, „Процес“ никогаш немаше да биде објавен. Денес, тој недовршен роман е едно од најпознатите дела на Кафка. Станува збор за човек кој е обвинет, но кој никогаш не дознава што наводно направил. И – како и обично кај Кафка – таа приказна не завршува добро.
Каде е популарен Кафка?
Во Германија, книгите на Кафка и денес се задолжителни за читање во училиштата. Но, Кафка се чита низ целиот свет: во Азија, Африка, Северна и Латинска Америка, Европа, Австралија. Во Индија е познат во интелектуалните кругови, а сè уште е популарен во Мексико, Колумбија и Аргентина. Листата може да продолжи и во недоглед.
Бројни писатели во светот се осврнуваат на Кафка во своите романи. Тие го гледаат како еден од најзначајните современи автори на 20 век. Колумбискиот писател и добитник на Нобеловата награда за литература Габриел Гарсија Маркез, кој почина во 2014 година, дури рече дека откако го прочитал расказот на Кафка „Преобразба“ решил и сам да почне да пишува.
Германската придавка „кафкијански“ постои и во многу јазици – англиски, корејски, турски, француски, јапонски, руски, италијански, српски. Терминот опишува нешто што изгледа неразбирливо заканувачки – апсурдно, бизарно и необјасниво.
Зошто Кафка е сè уште актуелен во 21 век?
Во своите раскази, Кафка се занимаваше со безвременски теми: бирократија, на пример, авторитети или, подобро кажано, чувството да се биде зависен од нивната милост. Во подкаст серијата „Да се биде Кафка“, колумбискиот писател Хернан Д. Каро се прашува дали текстовите на познатиот автор можеби се инспирирани од соништата, особено од кошмарите.
Приказните на Кафка најмногу се вртат околу човечките искуства. Тој поетски го опишува чувството да се биде изгубен, осамен и беспомошен на овој свет. Сите овие чувства се универзални. Тоа се однесува на луѓето во минатото, како и сега. Тие важат за оние во Германија и во целиот свет. Тие се целосно независни од културниот контекст или политичките структури. Затоа Кафка се чита и се разбира на сите континенти.
Неговиот јасен и разбирлив јазик им олесни на преведувачите да ги приспособат неговите текстови на други јазици, вели Хернан Д. Каро. А на сите автори кои дојдоа по него, тој им подари неверојатно голем подарок: им покажа како се пишуваат за најчудните работи, како да се најнормалните на светот. Всушност, Кафка – чии книги беа забранети и запалени во Германија за време на националсоцијализмот – првично беше попознат во странство отколку во Германија.
Што ја фасцинира генерацијата Z кај Кафка?
Кафка стана вирален и на социјалните мрежи. Ова особено се однесува на инсектот во кој мутира Грегор Самса, главниот лик на „Преобразба“. Младите споделуваат цитати за Кафка на ТикТок. Можеби не се секогаш точни, но тоа не ја намалува почитта кон Кафка, чиј врв се роденденските торти со ликот на Кафка, кои исто така ги има на платформата. Кафка комуницира со младите луѓе, бидејќи тие исто така се судираат со авторитетите и понекогаш се чувствуваат изгубено, како и авторот во негово време.
Сепак, поголемиот дел од содржината за Кафка на Тикток воопшто не е за писателот, туку за лик од кинеската видео игра „Honkai: Star Rail“ кој нема ништо заедничко со вистинскиот Кафка освен името. Писателот на тој начин неочекувано влета во поп-културата – трансформиран во женски лик во аниме стил со виолетова коса, очила за сонце и жешки панталони.(dw)