Бислимоски за цената на струјата од 1 јули: Мислам дека еден отсто зголемување не е проблем за домаќинствата

Како просечна цена, ќе се движиме тука некаде, да биде нешто минимално, да нема никаков ефект. Не знам сега да кажам, 1% зголемување, мислам дека не е никаков проблем за домаќинствата“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика пред одлуката за цената на струјата за домаќинствата во втората половина од 2024 година. Еве дел од интервјуто со Марко Бислимоски објавено во емисијата „360 степени“

360°: Зборуваме за елементите што ви прават притисок на цената на струјата за домаќинствата, а едниот е поврзан со владината одлука „Електрани на Северна Македонија“ на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ да му обезбедат само 85% од струјата потребна за покривање на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Се работи за обврска преземена пред Меѓународниот монетарен фонд, со Инструментот за претпазливост и ликвидност, со кој дел од парите беа наменети и за справување со енергетската криза. Довчерашниот министер Бектеши вели дека интенцијата на Владата била да се покријат 100 отсто од потребите на „ЕВН хоум“, но дека околностите се други, а од Министерството за финансии велат дека и на хартија е преземена обврска во оваа фаза да биде 85 отсто тоа што ќе го покриваат ЕСМ за универзалниот снабдувач.

Бислимоски: Значи, тоа што го бараше ММФ беше дека ние имавме еден период среде енергетска криза кога голем број потрошувачи се вратија на регулираниот пазар и имаше доста во сива зона, влегуваа и некои компани, некои општини формираа нови претпријатија за да не бидат на слободен пазар и дојдовме до обврска на универзалниот снабдувач да обезбеди околу четири милијарди киловат-часа. Сега, со овој тренд, со воведување на блоковите за домаќинства, малите потрошувачи коишто се враќат на слободниот пазар поради пониските цени, споредено со таа криза, ние сме сега сведени на околу 3 милијарди киловат-часа, значи таа обврска од тие 15% да му ги тргнеме како обврска на ЕСМ, да ги обезбедува универзалниот снабдувач и ЕСМ да ги продава на слободниот пазар, каде што има повисоки цени за да си ја подобри својата ликвидност… И, сега, ние излеговме од енергетска криза, но секторот сè уште не ни е стабилизиран, значи ни треба време и затоа сметав дека 3 милјарди и 200-300 киловат-часа апсолутно не треба да е проблем за ЕСМ да ги обезбеди за универзалниот снабдувач.

360°: Сакате да кажете дека, сепак, бевте за одлука којашто ќе значеше ЕСМ да обезбеди 100%?

Бислимоски: Апсолутно, затоа што обврската кон Меѓународниот монетарен фонд, со мерките коишто ги преземавме, со ценовните сигнали што ги испративме, ја исполнивме.

360°: Зошто тогаш Владата реши ЕСМ да понуди само 85%?

Бислимоски: Е, па, сметале дека кога се разговарало на овие теми, да, точно дека таа обврска била преземена, но сега ние сме за да го избегнеме ценовниот шок, ЕВН ќе си го оптимизира својот начин на набавка, вклучувајќи го тука и од ЕСМ, бидејќи ЕВН има обврска да обезбеди и од обновливите извори што користат повластенa тарифа, така што за да избегнеме ценовен шок, ние како Регулаторна комисија за енергетика ќе кажеме овие 15% како набавка да не влезат во пресметките за цената на електричната енергија.

360°: А „ЕВН хоум“, сепак, да си ги набави?

Бислимоски: „ЕВН хоум“ да направи обиди тоа да го обезбеди од постоечките ресурси што ги има сега, бидејќи нивниоот договор со ЕСМ е клизен – плус 10 минус 30%, има часови на берза кога цената на македонската берза е 20-30, 50 евра… Да се оптимизираме сите за да не правиме сега нопотребно зголемување на цената на електирчната енергија.

360°: Значи, сакате да кажете дека тоа што пропадна обидот за обезбедување на тие 15% пред некој ден затоа што цените што биле понудени од тројцата понудувачи биле два и пол пати повисоки од 60 евра за мегават-час, не треба да загрижува?

Бислимоски: Нема да го признаеме во цената, туку ќе треба секој да се активира, да се оптимизира и, кажав и претходно, ЕСМ треба да почне да размислува да купува електрична енергија од овие фотоволтаици што ги има во државата. Нека се договори по некоја цена во транспарентна постапка, преку аукции, нека каже, ние сакаме да купиме од вас и кажете цена.

360°: Е, сега ајде да сумираме – што значи сето ова што досега го зборувавме за одлуката за цената на струјата од први јули за домаќинствата?

Бислимоски: Сè што ни стои како механизам на располагање, а веќе ги кажав кои се, од секој ќе побараме да се оптимизира, не верувам дека ќе има некое посериозно зголемување, мислам дека горе-долу во истите рамки ќе останеме за цената на домаќинствата.

360°: Премиерот Мицкоски, кога ги поднесуваше предлог-измените и дополнување на Законот за енергетика пред неколку дена рече, меѓу другото, ова го правиме за во првиот и вториот блок цената да остане иста, а во третиот и четвртиот, ако има зголемување, да биде 1 до 2%. Дали се ова реалистични бројки за кои зборува Мицкоски?

Бислимоски: Уште ги немаме добиено точните бројки од „ЕВН хоум“ да ги видам каква е структурата на потрошувачка по блоковите за домаќинства. Кога ќе добиеме, ќе ги видиме и ќе направиме напор да не предизвикуваме ценовни шокови. Ние сме издржале потешки периоди, никогаш не сме довеле до проблеми, секогаш се обидувавме да бидеме транспарентни, да објасниме. Јас знам дека не секогаш некој ќе прифати зголемување од 9%, 9 и пол – тоа ни било максимално. Е, сега, правиме напори да го стабилизираме сето тоа во наредниот период.

360°: Ќе има зголемување или може и да нема?

Бислимоски: Како просечна цена, ќе се движиме тука некаде, да биде нешто минимално, да нема никаков ефект. Не знам сега да кажам, 1% зголемување мислам дека не е никаков проблем за домаќинствата.

360°: Ќе има зголемување и во прв и во втор блок или само во трет и четврт?

Бислимоски: Да видиме структурата на потрошувачката каква ќе биде по блоковите.

Back to top button
Close