Мицотакис: Ги информирав колегите во ЕУ дека претседателката и премиерот на С Македонија го кршат Преспанскиот договор

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на вчерашниот состанок на Советот на Европската Унија ги информирал своите колеги за, како што вели во изјава за медиумите, фактот што и претседателката и премиерот на Северна Македонија директно го прекршуваат Договорот од Преспа со некористењето на уставното име внатре во државата, пренесува грчката државна телевизија ЕРТ.

Во таа насока, грчкиот премиер посочил оти е неопходно сите да разберат дека почитувањето на европското законодавство оди преку веродостојно почитување на меѓународните договори.

Мицотакис за ставот на Атина за кој говорел на состанокот, информираше на прес-конференција по Самитот на Унијата во Брисел, на која освен за главните теми на состанокот, одговарајќи на новинарските прашање, се осврна и на односите со Северна Македонија и прашањето кое се отвори со употребата на уставното име од страна на новото раководство на земјава.

„Бидејќи (на состанокот) имаше дел со прашања за проширувањето (на ЕУ), презедов иницијатива и ги информирав моите колеги во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и премиерот всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име од уставно дефинираното име на државата за внатрешна употреба“,изјави Мицотакис.

Ова, дополнително посочи грчкиот премиер, е во целосна спротивност на духот на Договорот од Преспа и затоа, како што додаде, ги информирал своите колеги за „овој непријатен развој“ и ставил до знаење дека доколку земјава продолжи во таа насока, тоа може да има последици врз интегративниот процес во ЕУ.

„Јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, во суштина, тоа ќе го отежне, ако не и практично, ќе го поништи секој процес на непосредна конвергенција со европското семејство. Така што мислам дека секој треба да ги сфати последиците од своите постапки и да разбере дека почитувањето на европското законодавство очигледно оди преку доследно почитување на меѓународните договори потпишани од двете страни“подвлече грчкиот премиер.

Реакциите од грчка страна се интензивираа по инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.

Инаку, додека Сиљановска-Давкова при давањето на свечената изјава во Собранието не го изговори уставното име, туку користеше „Македонија“, Мицкоски и министрите пред шест дена по изборот на Владата, заклетвата ја дадоа, изговарајќи Република Северна Македонија. Сепак, како што претходно најави премиерот во своите настапи дома и во давањето изјави ќе го користи името на, како што рече, мојата држава, а тоа е Македонија.

Мицкоски: Заклетвата ќе ја дадам со уставното име на државата, а ќе го користам и во странство

Грчкиот премиер неодамна изјави дека ова прашање ќе го покрене и на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, притоа порачувајќи дека ако новиот премиер на државава не каже јасно дека го почитува Преспанскиот договор, може да има непријатно искуство на самитот на Алијансата.

Коментирајќи ја изјавата на својот грчки колега, Мицкоски изјави дека не само на самитот на НАТО, туку секаде е подготвен да разговара за ова прашање со факти и аргументи.

„Се подготвувам. Јас сум човек којшто се подготвува и сака предизвици и би сакал и да го видам и тој предизвик. Мојата позиција е јасна и тука не треба никој да има дилема“,изјави Мицкоски минатата недела

Back to top button
Close