Предвашингтонско ретерирање на власта за “купување време” и контрола на штетата

1. Пасив-агресивната надворешна политика на Владата околу Преспанскиот и Софискиот договор е заокружена со нејзиното поставување по пописните резултати во Албанија.
Со неа “Илинденска” 2 и Вила “Водно” за две недели целно ја вратија Северна Македонија во позиција на клин меѓу трите непосредни соседи – сојузници во НАТО.
2. И Атина и Софија, но и Брисел и Вашингтон брзо ја препознаа потребата на ВМРО-ДПМНЕ за “пред Букурешка” атмосфера во Скопје.
Антиквизациските егзибиции на Владата 2006-08 и одбивањето на “Република Македонија (Скопје)” од тогашните македонски првенци го произведе грчкото вето по антиквизациските провокации на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Епилог е членство на Северна Македонија во НАТО со задоцнување од една деценија.
3. Обидот на оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и на Давкова за дневно-партиско толкување на обврските од Преспанскиот договор, Дополнителниот протокол и Преговарачката рамка – со цел предизвикување вето во Брисел од Софија или Атина – е прочитан маневар за ново одложување на интеграцијата на Северна Македонија, овој пат во ЕУ.
Но, изјавите на грчките и бугарските, а и на европските и американските дипломати покажуваат дека “итроманството” на официјално Скопје е прочитано: ниту Софија ниту Атина се закануваат со вето, ниту Брисел ниту Вашингтон се заинтересирани за “репреговарање” на меѓународните договори или на преговарачката рамка.
На ВМРО-ДПМНЕ (и ВЛЕН), а особено на премиерот и на Давкова им е препуштено да најдат начин како од предизборна реторика да се вратат на реална политика.
4. Затоа премиерот од Гевгелија мораше да се жали дека “дипломатите се мешаат во домашната политика” и реченица потоа од нив да побара “ако знаат подобри решенија, нека ги кажат”.
И вчера му ги кажаа: “важи се што до сега е усвоено, спроведете го и одиме напред”.
Затоа и Давкова се обиде преку интервју за К5 да ретерира – сфаќајќи дека политиката во Северна Македонија членка на НАТО не може да се сведе на играта “добар полицаец, лош полицаец” соодветна за ПЈРМ што водеше политика на “еквидистанца”.
Сфаќајќи ја промената, вчера и Муцунски и Мисајловски побрзаа да испратат пораки на “кооперативност” кон партнерите. Можеби доволно за реплицирање на дистанцата што од нивните позиции пред една деценија ја манифестираа Попоски и Јолевски кон Груевски и Иванов. Но, сега за сега, ништо повеќе од тоа.
5. На опозицијата ни останува обврската да останеме доследни на определбата за:
– партнерство, а не само членство во НАТО;
– припадност, а не само пристапување во ЕУ и
– владеење на правото низ институционален капацитет и персонален интегритет што подразбира борба со корупцијата.
Спротивставувајќи се на политиките на власта што ја вовлекуваат ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија во зависност од интеграциите на Србија и од темпото на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина до меѓусебно признавање.

Back to top button
Close