ТАШМАРУНИШТА ВО ВАШИНГТОН
Го болело стомак. Да не бевме во НАТО ќе го болеше глава и којзнае што сѐ ќе го болеше. Ако воопшто и постоеше државата.
Дај, некој нека му свари чај од нане на премиерот Христијан Мицкоски. Отиде во Вашингтон на прослава на 75 години од НАТО, седеше на иста маса со уште 31 шефови на држави и влади, плус со уште десетина партнери на НАТО, го испочитуваа со сите салтанати, а тој не престана да се жали како му прави мачнина во стомакот кога ќе треба да изговори Северна Македонија.
Не знаеме што зборувал и како се однесувал Мицкоски внатре, на Самитот, ама затоа, пак, надвор, самиот среде ноќ си се сними да ѝ се обрати на македонската јавност. Па додека зад него маваа громови, ни соопшти дека таму, во Вашингтон, на роденденот на најмоќната воена и политичка алијанса во светот испратил пораки дека ќе ја прави Македонија повторно горда и дека нема да ја витка кичмата како што тоа седум години го правела претходната Влада.
Завршени ли се изборите? Каде ни е премиерот? На прослава на паралелен Илинден во Ташмаруништа? Или на Самит на НАТО? Ќе ја враќа гордоста во време кога присуствува на најгорди историски моменти за државата. Ќе доживееше Мицкоски некогаш да седи на вечера во Белата куќа, да не беше тоа „Северна“ што мораше да го прифатиме како жртва за да влеземе во НАТО. Ете, се исплатела жртвата. Ене го, македонски премиер, кој и да е, и сега и во иднина, седи на иста маса со најмоќните лидери што одлучуваат за светската безбедност и го есапат рамен на нив иако доаѓа од мала и сиромашна земја.
Ама, на Мицкоски му е поважно да биде главен во селото кај што му аплаудираат и викаат – еј што убаво им го плесна, отколку на заедничка маса каде што се носат геостратешки одлуки за светската безбедност. Отишол во центарот каде што се крои светската политика и од таму продолжува да се кара со политичките противници дома. Најголемото достигнување на Владата на СДСМ ни го претставува како пораз. Божем, најголемо зло што му го направила Владата на Зоран Заев е што му овозможила тој сега да биде таму да ја претставува државата. И ете, баш нему му се падна таа непријатна задача да вечера заедно со Бајден.
Ама што да се прави, ќе срка што му е сервирано. Претходната Влада нѐ зафркна, нѐ внесе во НАТО.
Го болело стомак. Да не бевме во НАТО ќе го болеше глава и којзнае што сѐ ќе го болеше. Ако воопшто и постоеше државата.
Ај што се кара со СДСМ, туку продолжи да се кара со Грција. На пречекот на Самитот, на нарачано прашање пак избегна да го каже уставното име, што грчкиот премиер Мицотакис овој пат реши да го игнорира, затоа што внатре на Самитот, каде што не го гледаа ракоплескачите од партиските митинзи, Мицкоски си зборувал во име на Северна Македонија.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк