Трамп чука на вратата на Македонија

Какво отрезнување ќе и донесат на Македонија промените кои ќе се случат со, веќе многу веројатната, победа на Трамп на изборите за три месеци од сега?

Нашите политичари и нашата јавност ќе станат свесни за вредноста на безбедноста.

Имено, безбедноста е најважниот елемент во меѓународното општество на држави исто онака како што е животот за секој поединец. Во анархичната структура на меѓународното општество на држави во кое не постои централна власт на која би можеле да се повикате кога сте во невоља, грижата за сопствената безбедност е примарната задача на политичарот. Поважна е и од благосостојбата зашто без држава нема ништо. И додека, во таквиот свет, големите сили се во натпревар за моќ со цел да не дозволат ривалите да стекнат предност, малите држави бараат засолниште во сојузите.

Свеста кај некои политичари за пресудната улога на безбедноста на почетокот од македонската независност беше производ на секојдневните етнички колежи и на опасноста пожарот на војните во федерацијата да ја зафати и Македонија. Тогаш, кај раководството на државата во раѓање, ништо не беше поважно од тоа: како да не бидеме вовлечени во војните, како да го одржиме внатрешниот мир и како да се стекнеме со меѓународно признвање.Потоа, како што минуваа годините, а со тоа и опасноста од војните, на политичката сцена се појавија генерации политичари кои поверуваа дека суштината на меѓународната политика не е безбедноста туку благосостојбата. Повеќе личната отколку општествената, додуша, но тоа е друга тема.

Волшебниот збор беше и се уште е:„инвестиции“. Причина? Имаше кој, од надвор, да се грижи за нашата безбедност. Ние Македонците им наоѓавме маани и протестиравме за безбедносните решенијата кои не ни беа по волја (Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, „францускиот предлог…). Тој став, во голема мерка се должи на отсуството на свеста за најважниот елемент на водење на држава: безбедноста. Зашто, лесно е владеењето ако се е врзано за „инвестиции“, „култура“, „принципи“ и не мораш да мислиш за примарната задача на секоја држава: безбедноста. Со доаѓањето на Трамп за претседател на светската суперсила и далеку најмоќната држава во светот Америка, оваа политика која ни ја гарантираше безбедноста може да се смени. Имено, свртувајќи се кон главниот ривал Кина, Трамп би можел да го ослаби или да го укине НАТО.

Во отсуство на државата која обезбедува повеќе од 80 проценти од воениот потенцијал, би згаснале сите светла во седиштето на НАТО во Брисел. Каков би бил нашиот континент во пост-американската ера? Од Втората светска војна наваму, Европа, засолнета под американскиот безбедносен чадор живееше во светот на Кант , свет на благосостојба и демократија. На стража, со исукан меч, во светот на Хобс, свет на војни, беше Америка наспроти заканите од СССР.

Без стражарот, повлекувањето на американската моќ од Европа ќе мора да значи старт на вооружување на големите европски сили, кој веќе е најавен. Зошто? Затоа што безбедноста и опстанокот е најважниот приоритет на секоја држава, исто како што е животот на секој поединец. Во отсуство на американската доминација со која е решена европската безбедносна дилема за тоа што ми подготвува соседот, тој вечен извор на војни, помалите држави ќе се почувствуваат прилично непријатно гледајќи ги поголемите соседи како се вооружуваат. Доколку, пак, американската политика одлучи да заигра на картата на овие ривалитети, да се сојузува со едни европски држави против други, отиде бестрага „европската идеја“. Повлекувањето на американската моќ од Балканот, пак, е рецепт за инстант-конфликти.

Ете зошто на европските држави им одговара „вазалскиот статус“ кон Америка. Тој статус е решение за вечната безбедносна дилема која со столетија наназад е извор на европските војни. Ете зошто, европските политичари ќе ги вложат сите свои усилби да остане така, независно од можната промена на претседателот. Но, решението отвара нов проблем. Дали тоа значи дека државите членки на ЕУ и на НАТО треба да ја следат Америка и во нуклеарна војна со Русија, ако треба? И ете нов парадокс: Трамп, за разлика од Бајден, ветува мир за 24 часа. Но, дури и да може така, иако е тешко замисливо, решението на проблемот со прифаќање на чинот на распарчување на суверена држава од страна на посилната, ќе отвори безброј нови проблеми кои ќе треба да се решаваат. Овие бранови во морето на светската политика не може а да не ја заплиснат и Македонија. Можеби се ближи крајот на комотното владеење на македонските политичари кои ќе мора да почнат да мислат за најважното: Безбедноста, внатрешната и надворешната.

Денко Малески

Back to top button
Close