Ребалансот (на предизборните ветувања) и Трите писма на Мицкоски

1. Стар е вицот за трите коверти што премиерот му ги дал на неговиот наследник со совет: „Како ќе ти станува тешко, отворај ги по ред, еден по еден“. Пар месеци по „медениот месец“ на новата Влада, под притисок на секојдневието, новиот премиер го отворил првото писмо, во кое пишувало: „За сите проблеми обвини ја претходната Влада“. По бројни интервјуа на премиерот и министрите во кои претходниците биле виновни за се, јавноста се смирила.

Поминало време, дошле социјални барања, афери… и премиерот посегнал по вториот коверт, а во него стоело упатство: „Вети нови големи проекти и борба со криминалот и корупцијата“. Премиерот тоа го сторил и – повторно јавноста се смирила, минале празници, наближиле следните избори.

Но гледајќи дека „ѓаволот ја однел шегата“, премиерот го отворил и третото писмо, а во него пишувало: „Напиши три писма за следниот премиер“.

2. Мицкоски е далеку од третото писмо, но очигледно и вицот и советите од првиот и вториот коверт му се добро познати.

Апсолутната власт за која Груевски се бореше низ предвремените, претседателските и локалните избори 2008-09, Мицкоски веќе ја има од 8 мај: ВМРО-ДПМНЕ ја доби Силјановска, апсолутно, па и 2/3 мнозинство, а локалните самоуправи во огромно мнозинство веќе ги управува, вклучително Градот Скопје. И ита кон својата 2011.

Затоа, разбирливи се отсуството на суштински ентузијазам за спроведување реформи кај ВМРО-ДПМНЕ, сведувањето на државните функционери на чувари на канцеларии и на односите со јавноста на повторување ставови од партиски штабови.

3. Последично, ребалансот на Буџетот проследен со обвинувања кон претходната Влада не предизвика позначајна вознемиреност вон медиумите – на сите им е јасно дека Мицкоски веќе го отвори првото писмо. Впрочем ВМРО-ДПМНЕ ја следи буџетската кондиција уште со техничкиот дополнителен заменик министер од јануари.

Темата што Мицкоски всушност сака да се одбегне е Законот за „специјална економска соработка со Унгарија“, од која произлегува кредитот од 500 милиони евра.

Особено по посетите на Орбан на Москва и Пекинг вон координацијата со неговите европски колеги.

За Северна Македонија суштински се прашањата колку пари, под кои услови доаѓаат и од каде тие потекнуваат.

Фокусот на овие прашања паралелно со импликациите по финансиската стабилност на државата е предизвик пред опозицијата и во и вон Собранието.

Задолжување вон расположливите инструменти и под понеповолни услови одошто кај европските и меѓународните кредитори, имено, може да значи прифаќање политички влијанија од изворот, а не само од формалниот преносител на тие пари со сите последици по државата.

Дополнително, вкупниот надворешен долг може да спречи поповолни задолжувања, а актуелната владина надворешна политика може да се одрази на пристапот до европските помошти од кои зависи адаптацијата на цели индустриски гранки на кон европскиот пазар.

4. Следствено, пожелно е Мицкоски да ги искористи средбите на Европската политичка заедница за излез од изолацијата што си ја наметна со реториката и до и по изборите. Без да чека согласност од Вучиќ за европската интеграција на Северна Македонија да се издвои од орбитата на Србија.

Впрочем, сите се подготвени за исчекор:

– во однос на Преспанскиот договор низ примена на името на државата erga omnes

– за спроведување на Дополнителниот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Затоа “живаљевиќи” и не успеаа низ пописните резултати во Албанија да го поларизираат Скопје кон Тирана за да се нарушат односите меѓу Македонците и Албанците.

Ивон Величковски

Back to top button
Close