Немаме согласност за важните работи

Некој рече дека после изборната лавина, имаме стабилна власт која комотно ќе владее 4 или 8 години. Не го делам тоа мислење. Ако е само до бројот на пратениците, еднопартиските системи во Источна Европа требаа да бидат стабилни, а комунистичката партија да владееше вечно. А се покажа спротивното: авторитарните системи, кои не се во состојба да ги артикулираат најважните конфликтните интереси на општеството и да ги преведат во државна политика имплодираа преку ноќ.

Се покажа и дека политичка стабилност произведуваат оние „нестабилни“ и „неефикасни“ западни демократии на долги и здодевни процедури и променливи политичари, партии и политики, во кои постои согласност за важните работи. Можеби владеачката структура во Македонија нема да има проблеми со владеењето некое време, но меѓународните предизвици се толку големи што, во првиот допир со нив, потреси се неизбежни. Дома и надвор.

Македонското општество гo нема исполнето предусловот за таква стабилност: согласност околу битните работи за државата и безбедносните аранжмани менторирани од Западот. Оттаму молкот за големите теми. Но, може ли тие да се одбегнат и се да се сведе на инвестиции и борба против корупција и криминал? Некое време, да, цел мандат, не.

Да се добијат избори на негирање на сите безбедносни аранжмани кои ни беа наметнати од надвор зашто самите ние внатре не бевме во состојба да ги апсолвираме со консензус (Приемот во ОН под референцата, Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и „францускиот предлог“), а сегашната власт да ги користи привилегиите од сите нив во меѓународното општетсво на држави не е одржливо на подолг рок. Првите негативни сигнали од меѓународната заедница околу интерпретацијата на Преспанскиот договор а пред тоа за „францускиот предлог“, беа испратени уште пред новата власт да почне да управува со земјата.

Резултат на таа „непослушност“ е активната опозиција кон Северна Македонија од две држави членки на ЕУ, Грција и Бугарија, а со поведението на претставниците на новата власт по тие прашања не се среќни ниту Вашингтон, ниту Брисел. Верувајќи дека практикувањето на власта отрезнува за реалностите на меѓународната политика, странските сојузници покажуваат трпение и им ги даваат сите протоколарни привилегии и почести на претставниците на новата власт.

Но, светлата на меѓународната сцена не треба да ги заслепат нашите политичари за да не можат да видат што се очекува од нив: прилагодување на меѓународните реалности. Одбивањето, пак, ќе води до нови конфронтации во надворешната политика кои ќе се префрлат и на меѓуетничките односи дома. За жал, фатени сме во сопствената стапица: да се отвори дебата на тие теми во владината коалиција е најкраткиот пат до нејзиното распаѓање. Затоа темите се ставени во длабоко замрзнување и нема ништо друго освен борба против криминалот и корупцијата и инвестициите. Затоа ВЛЕН премина толку лесно пред фактот дека на прославата на НАТО во Вашингтон немаше ниту еден нивен висок претставник.Тема која секако би била отворена да не виси коалицијата на конец ако скршне од поставената цел: корупција и инвестиции. Само, ВМРО-ДПМНЕ не треба да си ја турка среќата предалеку.

Триесет и кусур години по приемот во ОН ние не сме се обединиле околу тој голем момент во нашата историја. Сè уште ни пречи ФИРОМ!? Поминаа дваесет и кусур години од Охридскиот договор кој, со правата на албанската заедница, го сочува унитарниот карактер на државата. Ние сè уште агонизираме за гарантираните права. Поминаа неколку години од Преспанскиот договор кој нè направи членка на НАТО. Компромисот за новото име не го прифаќаме. Со Бугарија одбиваме отворен и искрен дијалог па затоа ни „францускиот предлог“ не ни е по волја. Во меѓувреме, дојде крајот на униполарниот момент и крајот на „американската ера“ во светската политика. Се раѓа еден нов свет, а ние не сме ги апсолвирале темите од стариот. Можно е целосно редефинирање на американско-европските односи. Можно е редефинирање на политиката на Западот кон Балканот со новата администрација на Доналд Трамп. Како ќе се справи со новите предизвици малата мултиетничка држава која не ги апсолвирала старите предизвици. Ние упорно мислиме дека времето работи за нас иако времето работи само за оние кои вистински се менуваат во чекор со времето.

Денко Малески

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close