(Видео)Како мајка на Македонија, Сиљановска-Давкова не треба да го потпишува указот за Законот за урбанистичко планирање, бараат еко-организации

Дваесеттина еколошки здруженија и иницијативи од Македонија денеска се собраа да упатат апел и барање до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпишува указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање, чии измени завчера експресно по скратена постапка беа изгласани во Собранието.

Иницијаторот на измените, министерот за транспорт Александар Николовски, тврдеше дека измените се во корист на општините со цел да се поедностави процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи кои се финансирани од државниот буџет или буџетите на општините. Исто така, посочи дека дека ќе се „одглават“ и 600-тини ДУП-ови кои со години биле „заглавени“ во процедури.

Од друга страна, за еко-активистите ваквото „одблокирање“ ќе направи урбанистички хаос.

„Тие 600-ини ДУП-ови, чиј рок е изминат, сега ги враќаме во живот, ќе одат проектирани по стариот закон. А, за тие немаме реална состојба, попис, многу елементи што се изменети низ годините, а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови. Вака, нема да се вклучат. Втора забелешка е во однос на (бришењето на) потврдата за урбанистичка усогласеност. Таа не е случајно ставена. Една дупла контрола за тоа дали е урбанистички усогласен одреден ДУП“, нагласи денеска Татјана Стојановска од „02 Иницијатива“.

Третата забелешка, посочи таа, е тоа што со законот се дозволува изградба на катни гаражи без донесен ДУП, само со урбанистички проект, без јавна анкета, без да се слушне гласот на граѓаните, без да помине на Совет, без никаква анализа.

„Ова не важи ова само за катните гаражи. За повеќе објекти се форсира, дека тоа се однесува за сите јавни објекти. Но, пак ќе кажам, како планирате да правите болница каде не го знаете вкупниот број на жители, бидејќи таму немате внесено статистички податоци од пописот на урбанистичкиот план кој ќе биде на сила? Исто така, забелешка е тоа што министерот си ги повлекува ингеренциите за во рок од пет денови не го потпише, односно огласи за ништовен невалиден урбанистички план. Министерот рече ‘јас ќе реагирам преку МВР’. Зошто да реагира преку МВР, ако моментално има алатка во рок од пет денови да потпише забрана за изведување на ДУП?!“, праша Стојановска.

На претставници на граѓанските организации во вторникот, кога и се донесе овој закон, им беше дозволено да се обратат пред членовите на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање. Таму ги кажаа забелешките за чија подготовка велат дека имале два дена, колку што време имале и да забележат дека законот е ставен на системот „ЕНЕР“.

Татјана Стојановска од „О2“ вели дека министерот Александар Николоски имал слух за да ги повика на Комисијата, но вели дека откако ги изнеле забелешките, немало никаква реакција.

„Не можеш да менуваш на добро со враќање на владеење на стари закони, односно една брза измена со која сега гаснеме пожар. Не, пожар не се гаси со палење нови. Палиме нови работи затоа што вие имате 600 ДУП-ови кои биле заглавени. Имате проблем кога вие четири или пет години не сте ги донеле тие ДУП-ови и решението не е сега ние најдовме начин брзо да ги донесеме. Не се донеле зашто имаат реален проблем“,вели Стојановска.

Дарко Арсовски-Петровски од здружението „Гоу грин“ рече дека во комуникација со млади луѓе, тие најчесто им кажуваат дека им пречи хаосот во кој секојдневно живеат. Затоа ја повика претседателката Сиљановска-Давкова, како што рече, како мајка на своите деца и мајка на нацијата да не го потпишува указот.

„Сè е хаос, младите немаат како да стигнат до своите училишта, немаат каде да си играат. Со ова решение не се прави решение на хаосот. Ако во моментот целиот наш урбанистички простор е еден голем чвор, се додава уште едно плус помало чворче кое, наместо да се расплетка, прави уште поголем проблем. Како што децата на училиште имаат испити, ова е првиот испит за претседателката да не го потпише овој указ. Да не дозволи хаосот да стане уште похаотичен“,рече Арсовски-Петровски.

Јане Димески од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ смета дека градовите и општините во Македонија се пренатрупани, без јавен простор, без јавно зеленило и без тротоари. Според него, тоа значи дека не овозможуваат ниту минимален квалитет на живот за граѓаните.

„Тие се последици на серии на вакви одлуки, на урбанистички планови, закони, на правилници носени и менувани во слични вакви постапки. Резултатот од ваквото постапување го знаеме. Ние очекуваме нешто повеќе и подобро, особено на почетокот на мандатот на една власт – дека ќе прикаже поинаков манир на владеење и управување, бидејќи ако ги повторуваме пак истите грешки од минатото не можеме да очекуваме резултати поразлични од ова што сега го живееме“,смета Димески.

Инаку, Собранието во вторникот, на 13 август, со 64 гласа „за“ и 11 „против“ експресно и без дебата ги донесе измените на Законот за урбанистичко планирање, во скратена постапка, кои ги предложи министерот за транспорт Александар Николоски.

Неколку часа претходно предлогот на Николоски помина на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.

Измените на Законот жестоко ги критикуваа невладините организации, кои реагираа дека е недозволиво тие да се носат во скратена постапка и дека со нив ќе се направи дополнителен урбанистички хаос.

Предлагачот, министерот за транспорт Николоски, во одбрана на измените образложи дека со нив ќе бидат одглавени 600 детални урбанистички планови, а ќе бидат олеснети и процедурите за градба на објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи.

„Основата на измената на законот се однесува на тоа да можат училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи кои се целосно финансирани од буџетот на Република Македонија или од буџетот на општините и се во целосна општинска или државна сопственост и целосно финансирани од буџетот, значи не се работи за приватни болници, градинки, училишта, напротив за исклучиво државни објекти да можат да се градат во поедноставена процедура, која ќе значи истите побрзо да бидат реализирани, односно побрзо да се направат проектите кои овие објекти ќе можат да се реализираат. Тоа не значи дека воопшто ќе нема процедура, туку таа процедура ќе е многу поедноставена“,  рече Николоски.

 

 

Back to top button
Close