ТЕФТЕРЧИЊА МЕФТЕРЧИЊА
Вашата банда ќе ја замениме со наша банда.
Изгледа дека премиерот Христијан Мицкоски продолжува со терапијата за амнезија. Па за последните скандали во правосудството изјавува дека „едни тефтерчиња од минатото се заменети со други од Струмица, Бихаќка и Мала Речица“. Од кое минато? Од некое далечно минато од 1903? Или од минатото од 2006 до 2017 кога тефтерчињата се правеа во Скопје, белата палата и Мала Речица во Владата на Никола Груевски, кога Мицкоски исто така имаше висока функција?
Од која потсвест му се појавија тефтерчињата на Мицкоски? Па како фраза, тефтерчињата се одомаќинија во политичкиот речник, а и во колективната меморија, кога ги слушнавме во прислушуваните разговори од времето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски. Ги слушавме како ги избираат и како ги поставуваат судиите, ја слушавме тогашната претседателка на Судскиот совет како ѝ ги диктира имињата на кандидатите за судии на секретарката на премиерот и како министерката за внатрешни работи ги штиклираше во тефтерчето.
Мицкоски е во право кога вели дека треба да се реформира судскиот систем. И воопшто не ми е гајле дали ќе ги распушти постоечкиот Судски совет и Советот на јавни обвинители. Ама и покрај сиот оптимизам, што го немам, и покрај временската дистанца од седум години, уште ги паметам судските практики од 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И искрено, се плашам дека целисходноста на распуштањето на Советите што го предлага Мицкоски не е смена на системот. Туку замена на луѓето. Тие се судиите и обвинителите, знаеме како се поставувани и во нивно време, не се паднати од небо. Наша банда да дојде на местото на вашата банда. Не само за судии и обвинители. За сè што е на платен список од буџетот.
Оти, кај нас со промена на власта нема политичка волја да се менува системот. Само се заменуваат луѓето на државни позиции со други имиња. Тефтерчиња, мефтерчиња.
Како да веруваш дека ќе нема само замена на тефтерчињата, кога министерот за здравство Арбен Таравари на својот фејсбук профил прво напиша дека „работат да го ослободат“ Блерим Рамадани од Косово, кој беше уапсен и во екстрадиционен притвор оти беше на листата на Интерпол по барање на Србија како осомничен за воени злосторства како војник на ОВК? А потоа, откако беше ослободен од притвор и испратен во куќен притвор на гости кај роднини, Таравари напиша: „Го поздравувам ослободувањето на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани! Неговото ослободување беше мисија што ја исполнивме и неговата слобода нѐ прави сите среќни!“ И Рамадани, во духот на народната мудрост „На секој гостин, три дена му е доста“, си замина од „гостинскиот притвор“ дома, во Косово.
Одлуката да се пушти Рамадани беше на судијата од Кривичниот суд во Скопје Пајазит Пајазити.
Истиот судија Пајазит Пајазити одлучи да ја прифати спогодбата на Обвинителството со Иџет Мемети, за тој да добие една година условна казна затвор за посредување за примање мито.
Истиот судија Пајазит Пајазити не го прифати предлогот на Обвинителството да му одреди притвор на шефот на чаирскиот огранок на ДУИ Беким Незири и уште седумина силеџии, кои на 4 јануари годинава упаднаа во Контролната кула на Скопскиот аеродром и натепаа контролор на летање оти се беше солидаризирал со колегите од Синдикатот против партиски вработувања.
Што тука не е јасно?
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк