Опуштете се, веројатно не ни размислуваат на вас
Во извадок од новата книга за максимално искористување на нашето ограничено време на Земјата, Оливер Буркеман тврди дека постојана грижа за тоа како во однос на нас се чувствуваат пријателите и колегите е прилично мачен начин на живеење.
„Одлични вести! Го најдов лекот за мојата анксиозност!!“ напиша авторката Сара Гејли на социјалните мрежи. „Се што ми треба е сите што ги познавам да ми кажуваат дека дефинитивно дека не ми се лути, еднаш на секои 15 секунди, засекогаш”
Знам како се чувствува. Со години поседував извонредна супермоќ: можев да ја претворам речиси секоја работна можност што ќе ми се појави, без разлика колку е возбудлива, во непријатна емотивна драма, едноставно со самото тоа што ќе ја прифатам. Откако ќе го прифатив рокот или ќе потпишав договор, одеднаш имаше нова личност во светот која можеби станува нестрплива што сè уште не сум ја завршил, или која може да заврши разочарана од она што го создавам – и помислата дека чувствува негативност кон мене правеше да се чувствувам многу вознемирен. Истата преголема инвестиција во туѓите емоции значеше дека секогаш кажував „да“ на работи што требаше да ги одбијам, затоа што ми создаваше притисок помислата дека друга личност се чувствува разочарано. И ретко уживав целосно на друштвените собири, поради длабокото сомневање дека другите присутни, колку и да изгледаат среќни, можеби неволно поминуваат време со мене.
Тенденциите претерано да им удоволуваме на луѓето се развиваат од различни причини, но во сржта на сите нив лежи основното негирање на она што значи да се биде ограничено човечко суштество. Кога станува збор за предизвикот за градење исполнет живот, доволно е лесно да се увиди дека фактот што нашето време на овиј свет е ограничено ни е главен камен на сопнување. (Голем дел од конвенционалните совети за продуктивност се состојат од техники за одржување на илузијата дека можеби еден ден ќе најдете начин да направите сè).
Но, ние сме оптоварени со многу други ограничувања, вклучувајќи го и она што го прави удоволувањето толку апсурден и бесцелен напор – немаме ни приближно толкава контрола врз другите луѓе или нивните емоции колку што би сакале. Во суштина, тоа е форма на перфекционизам, чувство на потреба совршено да влијаеме на се што се случува во главите на другите луѓе, за да се опуштиме или да се чувствуваме сигурно. Како и сите форми на перфекционизам, тој ја пренасочува енергијата и вниманието од она што навистина е најважно; и го охрабрува лицето да го води она што швајцарската психотерапевтка Мари-Луиз фон Франц го нарекува „привремен живот“ – живот кој некако се уште не е вистинскиот, не е „вистинска работа“, затоа што сè уште не сме развиле вештини да ги одржиме сите околу нас трајно задоволни со сè што правиме.
Она што на крајот го сфатив – не дека некогаш станува особено лесно – е дека негативните емоции на другите луѓе на крајот се проблем што им припаѓа ним. И треба да им дозволите на другите луѓе да се носат со нивните проблеми. Треба да се нагласи дека луѓето за кои сте загрижени дека можеби ви се лути, се разочарани од вас или сте им досадни, речиси никогаш не се. Тие имаат свои проблеми за кои треба да се грижат. Веројатно не ни размислуваат на вас. Секако не толку колку што вие мислите.
Според стереотипите, оние што им удоволуваат на луѓето се несебични, постојано ставајќи ги другите пред себе – а сепак има нешто неверојатно грандиозно и самобендисано во идејата дека вашиот шеф, клиент или колега нема ништо попаметно за правење па цел ден размислува негативно за вас. Или, по истиот принцип, дека вашето присуство на социјален собир е толку значајно што има моќ да го уништи за кој било друг.
Како што забележува романсиерката Лејла Салес, исмејувајќи ја оваа тенденција кај себе: „Чудно е како кога не одговарам на нечија е-пошта, тоа е затоа што сум зафатена, но кога другите луѓе не одговараат на моите е-пошта, тоа е затоа што ме мразат“. (Мислам дека вреди да се напомене и дека во неколкуте прилики кога некој возрасен навистина експлодираше од бес кон мене, никогаш не ми падна на памет дека токму тој/таа воопшто би можело да биде лут/а. Јасно, бев загрижена за погрешните луѓе).
Погрешно е да се чувствувате добро само зависно од сознанието дека и другите околу вас се чувствуваат добро. Но, конечно што ако некој навистина е бесен, разочаран или на друг начин вознемирен од вас? Сепак – на најфундаментално ниво – не е ваш проблем. Ова не е за да се одобри „игнорирај ги хејтерите!“ менталитетот со кој често не гњават гуруата за самопомош, според кои принципиелно треба да ги игнорирате емоциите на другите луѓе. Ниту, пак, е карт бланш да се биде кретен со другите, самозадоволно убедувајќи се себеси дека не треба да преземете одговорност за чувствата што ги предизвикувате. Наместо тоа, поентата е дека едноставно е глупава задача – и флагрантно негирање на самите себеси – да го направите вашето расположение зависно од сознанието дали и другите околу вас се чувствуваат добро.
Мислењето дека туѓото одобрување е она што на крајот ја одредува вредноста на нашите постапки започнува рано во животот и е длабоко. Многумина од нас стануваат средовечни а сè уште копнеат за одобрување од нашите родители, без разлика дали се живи или не. Канцелариите во светот се полни со луѓе кои потсвесно ги третираат своите менаџери како мајки, татковци или постари браќа и сестри, додека самите напорно ја повторуваат улогата – „корисен/на“, „менаџер за кризи“, „со високи достигнувања“ – што им предизвикала најголемото одобрување кога биле деца. (И се прашувате зошто толку многу ве потресува кога ќе добиете порака од шефот!)
А сепак, веста дека некој е вознемирен затоа што не се однесувате како што сакале да се однесувате е токму тоа: извештај за нивната емотивна состојба. Можеби ќе одлучите да постапите според тоа, можеби не, но тоа е друга работа. Да претпоставиме дека вашиот менаџер бара итен одговор на неговата е-пошта или вашиот вознемирен партнер сака да побрзате и да донесете одлука за вашите планови за патување. Во секој случај, може да одлучите дека е во ваш најдобар интерес, или во согласност со вашите вредности, да одговорите навремено, а ако го направите тоа, вашето надворешно однесување може да биде сосема исто како да сте биле мотивирани од силна желба да го смирите нивниот стрес. Сепак, целосната реалност на ситуацијата ќе биде радикално поинаква. Ќе правите свесен избор, ќе ги мерите емоциите на другата личност наспроти вашите приоритети пред да одлучите во оваа прилика да направите нешто што ќе ги задоволи. Или, можеби ќе одлучите дека ова е еден од оние моменти кога ќе мора да се справат со своите чувства без ваша помош.
Длабоката вистина овде е онаа што толку жестоко ја изрази Шелдон Коп, американски психотерапевт кој почина во 1999 година: „Слободни сте да правите што сакате. Треба само да се соочите со последиците“. Животот е конечен, секој избор да се направи нешто доаѓа со некакви негативни последици, не само затоа што, во секој момент, можете да изберете само еден пат и мора да се справите со последиците од тоа што не избирате некој друг.
Да се помине еднонеделен одмор во Рим значи да не се помине истата недела во Париз; избегнувањето конфликт со пријател на краток рок значи справување со се што би можело да произлезе од оставањето на лошата ситуација да се задлабочува. Слободата не е прашање на тоа како да се ослободите од последиците – за жал, тоа не е опција – туку да сфатите дека треба да изберете со кои последици да се носите.
Вистинското откровение е дека она што го нарекуваме „удоволување на луѓето“ не е ни особено ефикасен начин на задоволување на другите луѓе.
Како што еднаш кажа комичарката Витни Камингс: „Да им угодуваш на луѓето е форма на курназлук… затоа што никому не му угодуваш – само ги замразуваш затоа што си неискрен, а исто така не им го овозможуваш достоинството на сопственото искуство [затоа што претпоставувате] дека не можат да се справат со вистината“.
Поминувањето низ животот обидувајќи се да ги смирите другите не ве прави забавен човек да се работи или да се живее со него. Луѓето сфаќаат дека ги третирате како деца и само ги исполнувате вашите обврски кон нив во обид да се чувствувате подобро, наместо да бидете мотивирани од искрена желба да помогнете.
Како што еднаш ми кажа една уредничка, откако цел ден чекаше да ја известам дали можам да преземам одредена задача, бидејќи се плашев дека немам време и ресурси но исто така не можев да поднесам да ја разочарам: „Знаеш, ако не можеш да направиш нешто, ако кажеш веднаш обично им олеснува на сите“.
Извор: Гардијан
Превод: Лени Фрчкоска