Смена на власта

При секоја смена на власта ја слушаме иста приказна: ТИЕ се криминалците а НИЕ сме чесни. Зарем ВМРО-ДПМНЕ не беше „криминална банда“ пред седум години? Зарем СДСМ и ДУИ не се „криминалната банда“ денес? Ако на власт се сменуваат една група криминалци со друга тогаш очигледно е дека проблемот е во системот кој овозможува криминал и корупција. Ако, пак, власта има тенденција да корумпира а ситемот овозможува криминал тогаш и најчесните можат да завршат како „криминалци“.

Затоа, потребни се реформи во системот. Но, за таква реформа е потребна соработка меѓу партиите и барем минимум меѓусебна доверба . Тоа го нема зашто партиите никако да разберат дека не се тие кои ја спасуваат демократијата и правната држава, туку дека е тоа демократскиот систем кој не спасува од нивните зулуми. Каков е тоа систем? Политиката е нужно зло па затоа успешен во борбата против криминал и корупција е политички систем кој поаѓа од темната страна на човековата природа и претпоставката дека пљачкосувањето и личната промоција , во една или во друга форма, се својствени за оние на кои им е доверена јавна функција.

Целокупната организација на власта во Америка, пишува професорот од Харвард и некогашен сенатор Патрик Мојнихан, почива врз оваа претпоставка: дека власта има тенденција да корумпира и секој носител на јавна функција е потенцијален крадец. Не, не е секој политичар крадец. Во својата оригинална форма оваа мисла на Лорд Актон го содржи зборот „тенденција“. Сепак, решението се бара во креирање на систем кој почива врз темната страна на човековата природа, зашто, оние доблесните кои се спремни да го стават општествениот интерес пред личниот, се многу, многу ретки. Татковците основачи на американската република го нашле одговорот во спротиставување на една гранка на власта на друга преку систем на „пречки и рамнотежи“. Тој принцип, инаогуриран на врвот од државната пирамида во форма на спротиставените извршна, судска и законодавна власт, се применува и надолу на секое ниво на кое на поединци им се доверува јавна функција. Имено, во демократските системи, кои се плод на една вековна еволуција, од секој кој располага со јавна власт се бара „отчетност“. Не „одговорност“(responsibility)како што вообичаено велиме ние, туку „отчетност“(accountability).

Нашиот експеримент со демократијата ќе биде долг, тежок и неизвесен. Вистинската промена кај нас ќе настане кога партијата која ќе дојде на власт ќе рече дека во отсуство на демократски систем и демократска свест опасноста произлегува од нив самите. Тоа нема наскоро да се случи. Новата власт на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите претходни, има намера самата да ја востанови правната држава, самата да се контролира (!?), откога ќе ја одбрани демократијата од опозицијата(!?). Оттаму нема разговор со нив додека не се расчисти со криминалот на раководствата на СДСМ и на ДУИ. Криминалот, се разбира е работа на судскиот систем во кој низ правна процедура се докажува вина, за што следи заслужена казна. Политичарите имаат друга задача:да произведуваат договори меѓу политичките репрезенти на граѓаните (партиите) за да можат тие да живеат заедно во општество со кое не владеат поединци туку закони.На политичарите не е да изрекуваат пресуди туку да произведуваат договори.

Американците преговараат со Талибанците, па зошто ВМРО-ДПМНЕ не може, додека судот утврди кој е криминалец, да преговара со СДСМ и ДУИ за демократска реформа на политичкиот систем со цел да добиеме отчетна и контролирана власт во мандатот на владеење? Да изградиме демократска власт во која има скали за горе и скали за долу по кои еден ден достоинствено би слегле едните и би се качиле другите. Одговорот е јасен: оние кои се на власт не ги интересира демократија туку само гола власт, по цена да бидат исфрлени посрамотени од неа низ прозорец на крајот или во текот на мандатот.Нормално ли е тоа? Кога е во прашање човековата природа имаме и полоши случаи во историјата на човештвото. Во книга насловена „The Ottomans“ читам за жестоката борба на живот и смрт меѓу претендентите за престолот на убиениот султан. Свеста дека, со сигурност, и самите ќе бидат убиени еден ден, ни малку не ја намалувала нивната желба за власт.

Денко Малески

Back to top button
Close