Данок на проклетија

Поради наметнатата општествено-економска и политичка состојба (читај криза) во државава, граѓаните на Република Македонија со децении страдаат во континуитет. Небрежноста и неорганизираноста на властодршците, кои го јаваат државниот апарат во сопствен, личен галоп, нѐ доведе до ситуација да го плаќаме најтешкиот данок од нашата историја, а тоа е миграција од сопствената држава или данок на проклетија.Човекот, како единка е најсилниот капитал на секоја држава. Образованието, здравството и сите останатите сфери и сегменти на државата, треба да го обликуваат човечкиот капитал како најсериозен столб на државата.

Сведоци сме, веќе со децении наназад, за масовно иселување на нашите сограѓани, претежно во земјите на ЕУ, но и во Америка и Австралија. Миграцијата во историјата на човештвото е нормална појава, но кога во мирнодопски услови ќе се претвори во егзодус, тогаш станува сериозна закана за опстанокот на државата и нејзините државјани. Најболното е што од Македонија заминува млада, работоспособна и репродуктивна популација, наоружана со вештини знаења и занаети.

За мене ова претставува синдром, бидејќи заминува популација која работи и креира своја иднина во туѓи држави. Данокот на миграцијата е како проклетија, за навек губиме генерации кои заминувајќи оставаат пустош и во бројноста и во душите на семејствата.

Секако дека има и исклучоци, се случува вљубениците во својата татковина да се вратат во родината, во сопственото огниште. Но, уште поразителен е фактот што токму овие повратници, после извесен период поминат во нашата татковина, ќе го почувствуваат гнилежот на нашето општество во сите негови пори и повторно, уште поразочарани се враќаат во туѓина.

За ваквиот егзодус виновни сме сите ние, граѓаните на Република Македонија. Најголемата вина е кај политичарите кои не прават никаква стратегија за сопирање на миграцијата и одлив на мозоци. Наместо градење на современо општество кое што ќе ги задржи нашите млади граѓани, нашите политичари го билдаат својот национален идентитет кој честопати излегува од рамките на пристојност и е спротивен на интересот за градење праведно, мулти-етничко општество.

Ние, граѓаните на Република Македонија, им даваме легитимитет на политичарите да ја водат нашата држава. Токму од овој аспект вината ја лоцирам во нас граѓаните во целост, бидејќи не умееме да дефинираме што нашите политичари треба да ни испорачаат.

Несомнено е дека вина за ваквиот поразителен факт има и меѓународната заедница, особено нашите пријатели и сојузници.

Паметам, уште од времето на моето школување кога учевме историја, дека за време на пет вековното владеењето на Отоманската империја во нашата татковина, се наметнувале многу давачки-даноци. Најтежок данок, опеан во многу книжевни текстови, бил данокот во крв.

Данокот во крв подразбирал насилно собирање на млада популација низ целата империја. Децата од предучилишна возраст биле носени во посебни училишта и интернати, воспитувани во отоманскиот дух и религија. Од таму излегувале луѓе кои што ја јакнеле империјата, од војници и стопанственици, па сѐ до политичари.

Во Отоманската империја, целиот образовен систем бил подреден да создава личности кои ќе ѝ служат на империјата.

Целото образование и живот на оваа млада популација биле на сметка на државата.

Така функционирал системот петстотини години. Денес што се случува кај нас и кај нашите соседи? Западно европските земји ни ги собираат нашите деца во периодот кога веќе имаат стекнато образование, знаење и вештини. Ни ги собираат кога се работоспособни и репродуктивни, бидејќи токму таков кадар им треба за функционалноста на нивните системи.

Што правиме ние, граѓаните на Република Македонија, кои што заедно со државата сме инвестирале во оваа млада, репродуктивна и работоспособна популација? Повеќе од јасно е дека вредноста да создадете, едуцирате и подготвите човек за негово натамошно самостојно функционирање, не е под еден милион евра. Тука ги вклучувам трошоците на општеството и семејството.

Зарем ние немаме потреба од нашата млада популација како идни доктори, професори, стопанственици, занаетчии, уметници и спортисти, да бидат професионален кадар вработен во нашето општество? Дали навистина имаме толкава хипер продукција на млада работоспособна популација, за да можеме да ги задоволуваме потребите на најразвиените земји?

Жално е, но ќе констатирам дека Македонија полека, но сигурно станува напуштена од млада популација. Повеќе од сигурно стануваме земја на пензионери, чија работоспособност и животен циклус, повеќе или помалку е во залез.

Каква е иднината на нашава држава, кога увезуваме работна сила од земји што немаат солидно образование, а имаат туѓи традиции и култура. За жал и тие за кратко ја проценуваат нашата неперспективност и сведоци сме на нивното нелегално иселување од нашата земја.

Станувам сѐ позагрижен за ваквата состојба и проклетството на мудроста која вели: „не можете да задржите ни врзано куче во дом каде што нема иднина”.

Ваквата очајна состојба во државата ја доживувам како сериозен данок кој допрва ќе го плаќаме сите граѓани на Република Македонија, данокот на проклетство на проклетијата – да ни заминуваат чеда во туѓина.

Крајно време е да се преземат сериозни чекори од страна на целото општество, а посебно од страна на политичарите!

Сакам да ја насетам светлата иднина на сите мои сограѓани, да си го сочуваме сопствениот дом и да си останеме тукашни, тука во татковината.

Трифун Костовски

Back to top button
Close