Расправа за унгарскиот кредит: Минимална сума за предвремена отплата е 50 милиони евра, банката може да го раскине договорот ако има граѓански немири
Собранискиот спикер закажа седница на која ќе се расправа за законот со кој ќе се овозможи задолжување во Унгарската експорт-импорт банка и покрај тоа што претседавачот на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска од редовите на СДСМ не сакаше да закаже седница на која ќе се расправа за законот.
Заменик- министерот за финансии Николче Јанкуловски кој го презентираше Предлог-законот уште еднаш повтори дека станува збор за заем од 500 милиони евра, што ќе се повлече во една транша. Рокот за отплата е 15 години со вклучен грејс-период од 3 години. Каматата е фиксна 3,25 проценти, а провизијата за правни услуги е 70.000 евра.
Според договорот, заемопримачот (во случајот Македонија) има право предвреме да го отплати заемот во целост или делумно под услов минималниот износ на предвремената отплата да изнесува 50,000,000 евра, под услов банката да даде писмена согласност во поглед на предложената предвремена отплата на главницата во рок од 15 (петнаесет)работни дена, каматата на претходно отплатената главницата, пресметана до датумот на предвремената отплата, да се плати на датумот на предвремената отплата и Македонија да ѝ ги надомести на Експорт-импорт банката сите настанати трошоци и загуби коишто произлегуваат од таквата предвремена отплата.
Нашата земја потоа не може повторно да позајми ниту еден дел од финансиската поддршка којшто е отплатен или предвремено отплатен.
Според член 12 од законот, затезната камата за задоцнети плаќања е два проценти годишно и таа се додава на каматата од 3,25 проценти.
Според член 15 од законот, унгарската банка има апсолутно дискреционо право да ги прекине сите видови на повлекување средства и да го прекине или отповика правото на заемопримачот за повлекување средства – со или без примена на санкции по основ на раскинување доколку настанат или продолжат кои било од следните т.н. „политички ризици“ (настани на прекин) коишто би можеле да имаат, според разумно мислење на банката „суштинско материјално влијание“:
– настани на политички ризици
– каква било забрана за конвертирање на која било валута, или должничко олеснување или репрограмирање на долг врз основ на меѓународна одлука;
– или војна, граѓанска војна, бунт, револуција, побуна, граѓански немири или слични политички случувања;
– постои основано сомневање за сторено кривично дело или друго незаконско дело (на пр. поткуп и слични кривични дела, злоупотреба на положба или обид за кои било од нив, што резултира со кривична или друга постапка; или
– промена на околностите што според разумното мислење на банката ја прави мала веројатноста Заемопримачот да биде во можност да изврши која било обврска од овој договор.
Според претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче предлог Законот изобилува со многу недоречности и непознаници, што го прави скандалозен и коруптивен.
Се посочува на непостоење на јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари. Нема јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, не се јасно прецизирани трошоците односно има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени.