Решенијата со Бугарија не се на дофат на раката
Денко Малески
Идејатата за „отворање“кон Бугарија преку театарска претстава не е нова. Пред 33 години претседателот Киро Глигоров, уште на почетокот на војните во Југославија и пред дефинитивниот распад на федерацијата, повлече еден ризичен потег. На покана од бугарскиот претседател Жељу Желев отпатува на театарска претстава во Софија. Посетата, иако полу-тајна, беше своевидна сензација во политиката и првичен обид за пробивање на дебелиот мраз во односите помеѓу Бугарите и Македонците. Такви државнички потези беа очекувани на крајот од Студената војна и почетокот на европското обединување на новите демократии од Источна Европа. Денес, истиот тој политички потег е само уште еден доказ колку е дебел мразот меѓу РС Македонија и Р Бугарија. Во тие тешки моменти на процесот на нашето мирољубиво осамостојување Бугарија ни беше поддршка. Во услови на грчко ембарго пристаништето во Бургас ги полнеше нашите цистерни со толку потребната нафта за да ја прегрмиме зимата. Постоеше ризик школите, градинките, домовите, канцелариите да останат мраз ладни. Кон Бугарија, Македонија секогаш ќе има отворен прозорец, ми вели претседателот Желев при посетата на Софија на покана од нивниот министер за надворешни работи Стојан Ганев. Реалистите во меѓународната политика би имале една поинаква приказна базирана на интереси и без трошка емоции: на Бугарија и беше во интерес осамостојувањето на Македонја како важен чекор во намалувањето на српското влијание кое би можело да се замени со она бугарското во иднина. Ние сме за „еквидистанца“ во однос на сите наши соседи ќе побрза да каже Глигоров, повеќе симболично отколку што е тоа можно во реалниот живот на државите. Имено, она што се обидувавме да го афирмираме како редефинирање на односите помеѓу југословенските народи визави центарот во Белград во замислената идна асоцијација на суверени држави, „еквидистанца“,не можеше да се преслика во меѓународните односи. Но, пораката беше испратена: одлуките за Македонија се носат во Скопје а не кај соседите.
Оттогаш до денес протече многу вода под мостовите на Вардар. Имаше многу обиди заотопување на мразот. Претходниот обид на владата на СДСМ и ДУИ пропадна зради неговата дискредитација од страна на тогашната опозиција, односно на сегашната власт. Обидот пропадна но проблемот остана. Повторно ли ќе се вртиме во круг како со Грција? Да. Така е тоа во услови на демократски плурализам кој е еден процес на заедничко зреење на политиката и на народот. Партијата на власт го диктира и темпото и темите, па во интерес на државата е да има сериозна координација меѓу претседателката и премиерот за темата, а државата да зборува со еден глас во меѓународните односи. Игри од типот „добар полицаец/лош полицаец“ се толку прозирни што не вреди ни да се играат.Една политика за надвор а друга за внатре.
Дома,на бугарската тема, потезите на премиерот кон двајцата членови на историската комисија ќе произведат мраз и страв. Надвор, се разбира дека секој дијалог на претседателката е добродојден, па и по повод изведбата на „Набуко“, чии солисти, патем кажано, никој не ги удостои со име и презиме. Меѓутоа она што научивме изминативе 33 години, а особено последниве 5, е дека решенијата не се „на дофат на раката“.