Маргини: Владата да ги спроведе препораките на ОН за заштита на човековите прав

Коалицијата Маргини преку соопштение до јавноста изнесе длабока загриженост од најновиот исход од 4-от цуклус на Универзалниот периодичен преглед во рамки на Обединетите нации за нашата земја.

-Иако неколку препораки беа поддржани од страна на нашата земја, вознемирува фактот што токму оние препораки кои се однесуваат на преземање конкретни чекори, а не само декларативни, за заштита на ЛГБТИК луѓето беа отфрлени.

Особено загрижува отфрлањето на препораките кои државата ги доби од Исланд и Белгија за вклучување на сеопфатна дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик, која експлицитно би ги препознала сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени категории. Иако го поздравуваме поддржувањето на препораките од САД и Уругвај за засилување на спроведувањето на законите за родово-базирано насилство и дискриминација, сметаме дека овие напори нема да бидат доволни без експлицитно препознавање на говорот на омраза во домашното законодавство.

 

Државата исто така ги отфрли препораките кои дојдоа од Германија, Исланд и Кралството на Холандија за воведување на брза, транспарентна и пристапна процедура за правно признавање на родот врз принципот на самоопределување. Покрај тоа што ваквата одлука на Владата не ги зема предвид и не се справува со надминување на бариерите со кои се соочени трансродовите лица при пристапот до заштита, таа е и спротивна на пресудата од 2019 година на Европскиот суд за човекови права во случајот на X v. North Macedonia која ја обврзува државата да обезбеди процедура за правно признавање на родот.

Иако дел од препораките кои повикаа за итно усвојување на Законот за родова еднаквост беа поддржани, загрижува фактот што државата ја отфрли препораката на Германија која беше експлицитна во насоките дека овој закон треба да биде во согласност со стандардите на Европската унија и Обединетите нации.

Дополнително, Комитетот за тортура при Обедините нации неодамна исто така ја повика државата да преземе ефективни мерки за брзо и непристрасно справување со насилството врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Комитетот исто така побара од државата воведување на дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик. Овој комитет исто така изрази загриженост за зголемените ризици со кои се соочуваат ЛГБТИК затворениците, посочувајќи дека недостатокот на напредок во проценувањето на овие ризици ја отежнува превенцијата на меѓузатвореничкото насилство.

Ја повикуваме Владата на Северна Македонија да ги испочитува и спроведе препораките од страна на земјите-членки и експертските тела при Обединетите нации, да ги усогласи домашните политики со меѓународните стандарди за човекови права и да осигура дека сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација или родов идентитет, имаат еднакви права и заштита- стои во соопштението на Маргини.

_______

 

* Универзалниот периодичен преглед е политички процес во рамките на Обединетите нации каде земјите-членки меѓусебно го следат и оценуваат напредокот при почитувањето на човековите права, со цел да се идентификуваат слабостите и да се унапредат правата на сите граѓани.

 

** Комитетот за тортура е експертско тело на Обединетите нации кое ја следи и оценува имплементацијата на Конвенцијата против тортура и други форми на сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, обезбедувајќи стручни препораки за заштита на правата на затворениците и другите ранливи групи.

 

*** Европскиот суд за човекови права е меѓународен суд на Советот на Европа кој ја толкува Европската конвенција за човекови права и одлучува по жалби за наводни прекршувања на човековите права од страна на земјите-членки, утврдени во конвенцијата или нејзините дополнителни протоколи.

 

Back to top button
Close