Ќе ја подобрат ли „калимерата“: Средба Муцунски-Герапетритис

Катерина Блажевска

Ова ќе биде прва средба меѓу шефовите на дипломатиите на двете држави, а се случува по јунско-јулските грчки реакции и пораки до македонското раководство за почитување на Договорот од Преспа.

Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Њујорк ќе има прва средба со неговиот колега од Грција, Јоргос Герапетритис, на маргините на Генералното собрание на ОН.

„На средбата ќе се разговара за најактуелни регионални и меѓународни теми, како и за понатамошно продлабочување на билатералните односи и економската соработка помеѓу двете земји“, кусо соопшти македонското МНР.

Информациите во однос на средбата се штури и во Атина. Од грчкото МНР највија дека Герапетритис денеска ќе учествува на министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан”, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, а потоа и на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, на чиј дневен ред се случувањата на Блискиот Исток и Украина. За средбата со македонскиот колега нема детали.

„На маргините на работата на Генералното собрание, г-дин Герапетритис ќе има одделни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Боливија, Северна Македонија, Бахреин и Саудиска Арабија“, соопшти грчкото МНР.

Билатерални средби

Ова ќе биде прва средба меѓу шефовите на дипломатиите на двете држави, а се случува по јунско-јулските грчки реакции и пораки до македонското раководство за почитување на меѓународните договори, односно на Договорот од Преспа, во однос на именувањето на државата.

Шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис
Шефот на грчката дипломатија, Јоргос ГерапетритисФотографија: Giannis Panagopoulos/Imago Images

Засега се знае само дека Муцунски во Њујорк има богата агенда. Според МНР, планирано е тој да се обрати на „Интерактивниот дијалог 2“ на тема „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународен мир и безбедност“, што е клучен настан за повторно обврзување на глобалното единство според Повелбата на ОН. Тој ќе учествува и на вториот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Г20, како и на отворената дебата на високо ниво на Советот за безбедност на ООН на тема: „Лидерство за мир: Обединети во почитување на Повелбата на ООН во потрага по безбедна иднина“. Муцунски во Њујорк ќе има значајни средби со земјите од А5, земјите членки на ПСЈИЕ, ОБСЕ Тројката, ќе учествува на појадокот со министрите од Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), ќе одржи бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции, а ќе оствари билатерални средби со министри за надворешни работи на повеќе земји, но од МНР не прецизираат со кого.

Поддршка за Тирана

Нема информација дали Муцунски ќе се сретне и со шефот на бугарското МНР, кое пред пет дена регираше на „последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од официјални лица на РСМ“, соопштувајќи притоа дека „ги информирало партнерите за непредизвиканите провокации, чија цел е уривање на дијалогот“.

„Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на РСМ“, порачаа од бугарското МНР, по последната размена на реплики меѓу политичарите од двете земји.

За разлика од односите со Скопје, Софија е задоволна од односите со Тирана. Бугарскиот министер за надворешни работи, Иван Кондов вчера веќе остварил средба со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани. Како што соопшти бугарското МНР, Кондов во разговорот ја потврдил поддршката на Бугарија за процесот на пристапување на Албанија во ЕУ, и ги поздравил напорите на земјата за зајакнување на регионалната соработка. Во тој контекст, двајцата министри потврдиле дека забрзаната изградба на транспортниот Коридор 8 е заедничка стратешка цел за двете држави.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Иван Кондов
Бугарскиот министер за надворешни работи, Иван КондовФотографија: Jonas Ekströmer/TT/IMAGO

„Посебен акцент беше ставен врз улогата на бугарското национално малцинство во Албанија, како важен мост на пријателството и фактор за зајакнување на меѓусебната доверба, која постои меѓу двете земји. Министерот Кондов го изрази задоволството на бугарската страна од организацијата и спроведувањето на пописот на населението во Албанија и од дадена можност на претставниците на бугарската заедница слободно да се изјаснат за својот идентитет“, се наведува во соопштението по средбата Кондов-Хасани.

Храбри потфати не се можни без длабоки реформи

Постои интерес и дали претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН во Њујорк, ќе се сретне со бугарскиот премиер Димитар Главчев, кој ја предводи бугарската делегација.

„Ќе разговараат ли?“, прашува „24 часа“, но одговор нема.

Сиљановска вчера во обраќањето на Самитот на иднината во ОН, побара да се стави крај на непочитувањето, заобиколувањето и на селективната примена на повелбата на ОН, како во македонскиот случај. Порача дека храбрите потфати не се можни без длабоки реформи во Организацијата на обединетите нации, кои мора да се бараат со осмислена и решителна акција.

„Потребен е и зајакнат мултилатерализам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот на безбедност и Генералното Собрание, поголема инклузивност и транспарентност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикаснот во справувањето со енермните закани за мирот, одрливиот развој и човековите права“, рече Сиљановска.

Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова
Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-ДавковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според неа, потребни се структурни, функционални, меритократски и демократски реформи, а треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание, како претставничко тело на нациите.

„Меѓународиот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспаретноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите. За таа цел, Советот за безбедност го замислувам како своевидна светска коалициона влада”, порача македонската претседателка.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close