Европската комисија бара систематска проверка на проекти во Македонија

Проектите во кои учествувале поединци и фирми идентификувани во минатото од страна на ОЛАФ како злоупотребувачи на ЕУ-фондови да бидат систематски проверени, бара Европската комисија. Ова за Нота.мк го потврдува портпаролката на Комисијата, Јохана Бернсел, која нагласува дека се бара и спречување на иден конфликт на интереси. Во македонскиот буџет се крателе пари за да се надоместат злоупотребените средства од ЕУ.

Кон крајот на јуни годинава ОЛАФ објави извештај во кој наведе дека 50 лица и ентитети од Македонија и пет ЕУ-членки здружено ги поткопале целите на Еразмус+ и дека Европската комисија дала „административни препораки за зајакнување на процедурите и процесите, со цел подобро спречување на ваквите случаи во иднина“. Нота.мк праша во македонското Министерство за образование на што се однесуваат тие препораки, односно што прави или ќе направи Министерството за да спречи повторни злоупотреби на европските фондови?

„Од страна на Европската комисија дадени се препораки на НАЕОПМ (Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, н.з.) за следење на одредени процедури и проверки. Тоа не се информации од јавен карактер. (…) Содржината на упатствата, кои ги издава Европската комисија, не се информации од јавен карактер и за нив се потпишуваат декларации за тајност и доверливост“, одговорија од МОН.

Препораките, кои според оваа македонска институција не се од јавен карактер, за Нота.мк ги споделува онаа која ги дала – Европската комисија во Брисел.

„Препораките се однесуваат на мерките што треба да се преземат за: под А, систематска проверка на сите проекти во кои субјектите и поединците, идентификувани во извештајот на ОЛАФ, биле вклучени во минатото; и под Б, да се спречи каков било потенцијален иден конфликт на интереси меѓу поединците вклучени во постапките за селекција и доделување, со кои менаџира Националната агенција“, објаснува Јохана Бернсел, портпаролка на Европската комисија, која меѓу другото е задолжена и за образование и млади.

Од Министерството за образование велат дека оваа институција како „национален авторитет спроведува мониторинг на исполнување на барањата од страна на Европската комисија“. Од МОН додаваат дека „Министерството ќе формира тим за следење на работата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“.

Нота.мк уште во март информираше дека злоупотребите се поврзани со лице, кое има и претходна трага на злоупотреба на европски фондови, а кое е двоен македонски и бугарски државјанин, и поранешен истакнат активист на ВМРО-ДПМНЕ близок до националната координаторка за евроинтеграции во Владата на СДСМ, Нола Исмајлоска Старова. Нота.мк, по анализа на трансакции, информираше и дека фирмите пријавени за злоупотреба на ЕУ-фондови и натаму добиваат пари за Еразмус + проекти преку Националната агенција.

Сведок, кој двапати сведочел пред инспектори од ОЛАФ – Европската канцеларија за борба со измами, за Нота.мк нагласи:

„Од самото основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, па сѐ до ден денешен ја тресат скандали со неправична распределба на средствата, кои Европската комисија ги издвојува за образовни програми, а се наменети за нашата држава. Најинтересно од сѐ е дека скоро сите тие скандали се поврзани со една особа и неколку нејзини блиски соработници. Тоа е првоосомничената особа во вашиот текст со двојното државјанство. Заради таа особа нашата држава беше веќе еднаш суспендирана од Еразмус + програмите“, тврдеше сведокот на ОЛАФ, додавајќи: „Станува збор за класична злоупотреба на средства низ мрежа на здруженија, компании, туристички агенции, како и основни и средни училишта. Едно нешто се кажува дека ќе биде реализирано во проектите, друго нешто се реализира на терен, трето нешто стои во завршните извештаи. Секако оваа мрежа има своја логистика во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Без нив не може да се одобрат проектите, кои оваа мрежа на криминалци ги поднесува до Националната агенција, а не може ни да се одобрат финалните извештаи и да се затворат проектите на начинот на кој се затвараат истите. Злоупотребите се од лукративни причини, за личен бенефит и лично богатење на грбот на децата, кои треба да се крајни корисници на бенефитите од овие европски прогами и мобилностите“.

Откако истрагата на ОЛАФ потврди злоупотреба на над 2,2 милиони евра, а претходната влада не го испочитува рокот до 17 Мај годинава за враќање на злоупотребените средства, Европската комисија ја скрати сумата од уплатата за Еразмус+ проекти за оваа година, барајќи Министерството за образование да ја покрие дупката, за проектите да се спроведат до крај. И од Европската комисија и од Министерството потврдуваат дека парите се обезбедени. Нота.мк праша каде се кратени средства за да се надополнат злоупотребените пари од ЕУ, но изостана прецизноста во одговорот.

„Владата на Македонија обезбеди средства за непречено одвивање на програмата Еразмус+ во рамки на ребалансот на буџетот. Средствата се обезбедени на Националната агенција за европски ибразовни програми и мобилност. Министерството за образование и наука ја следи ситуацијата во улога на национален авторитет. Буџетот е јавно достапен документ до кој секој може да има пристап“, стои во одговорот од МОН.

Во текстот за ребалансот на буџетот на 558 страници не пишува во кои делови се направени кратења за да се надоместат европските средства и стои дека со заеми од две банки ќе се реновираат студентски домови или ќе се подобруваат условите во основното образование. Министерката за образование, пред ребалансот на буџетот, даваше изјави за огромна дупка во него со која се соочила. Нота.мк праша и дали Министерството би поднело тужба против првопријавеното лице и фирмите, поради прекршување на законите и нанесување штета на државата и јавниот интерес, со цел враќање на злоупотребените средства во буџетот, на што од МОН одговорија дека „во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе има постапка за овој проецес“. Постапката е во предистрага, по пријавата за злоупотреба на европските фондови поднесена од Лидија Димова на крајот на декември 2019 година. По завршување на предистрагата ќе се одлучи дали ќе се отвори истрага.

Во меѓувреме од МОН информираат дека актуелниот директор на Националната агенција останува да го извршува својот тековен манадат и јавноста ќе била информирана доколку се случи промена.

Преземено од нота.мк

Back to top button
Close