Политиката кон евроинтеграциите во албанските медиуми: Од условување до тапкање во место
Како известуваа медиумите на албански јазик за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, по прифаќањето на „францускиот предлог“ како рамка за продолжување на преговорите за членство? Како овој процес се одрази во политичкиот и партискиот дискурс за време на изборната кампања? Каков услов и рок ѝ дадоа на македонската владејачка партија албанските партии од коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) во однос на уставните измени? Дали албанската страна го споменува овој рок по изборите? Како се известуваше за „францускиот предлог плус“ што ѝ го понуди власта на ЕУ? Како се толкуваше изјавата на Александар Николовски, министер во Владата на Мицкоски, за интеграциите на Албанија? Како се известуваше за одвојувањето на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ?
Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Медиумите на албански јазик, од осамостојувањето на Република Северна Македонија, имаат попроактивен пристап кон процесот на интеграција на земјата во Европската Унија, за разлика од македонските медиуми. Ова е поврзано со фактот дека во албанските медиуми доминираше јавниот и политичкиот дискурс, кој беше подистанциран, понеутрален и „постуден“ во однос на влијанието на процесот на интеграција во ЕУ и преговорите, кои беа придружени со решавање на билатералните прашања со Грција и Бугарија поврзани со името на државата и идентитетскиот корпус на македонскиот народ.
Во овој контекст, анализата обработува неколку аспекти на известувањето на медиумите на албански јазик за текот на европските интеграции по усвојувањето на „францускиот предлог“, вклучувајќи го периодот пред и по Парламентарните и Претседателските избори и формирањето на новата влада во земјата, кога прашањето за уставните измени како услов за продолжување на преговорите со ЕУ беше во фокусот на јавноста. Покрај медиумското третирање на ставовите и дејствијата на високите претставници на новата влада и партиите на власт во наспроти политичките опоненти, посебно внимание е посветено и на медиумското известување за одлуката на Брисел за одвојување на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ и рефлексијата на оваа одлука врз јавното мислење и граѓаните во земјата.
Кратка историја на известувањето за „францускиот предлог“ и предложените уставни измени
Како што е споменато во анализите објавени од ИМА, во 2022 година во информативниот простор на албански јазик во Северна Македонија, но и во регионот, доминираа известувања со позитивна конотација за „францускиот предлог“ . На неговите критичари, пак, им беше даден мал простор, при што тука пред сè ги земаме предвид официјалните ставови на (поранешната) опозициска партија ВМРО–ДПМНЕ. Многу помал простор ѝ е даден на партијата „Левица“, поради нејзините континуирани ставови против Албанците и Косово, но и поради нејзините постојани антиевропски и анти-НАТО ставови.
Една година подоцна, медиумите на албански јазик имаа јасен и постојан афирмативен фокус и на предложените уставни измени , со кои и Бугарите стануваат дел од највисокиот правен акт во земјата.
Албански медиуми: Има или нема документ на албанските партии за уставните измени?
Во јавниот дискурс во албанскиот политички кампус пред Парламентарните и Претседателските избори, кои се одржаа на 24 април и 8 мај 2024 година, доминираше дебатата за уставните измени. Но, овој дискурс не се истакнува со длабок аналитички и контекстуализирачки пристап кон интеграцијата, бидејќи повеќе се заснова на повремените изјави на политичарите.
Изјавите главно се даваа и се даваат за партиски и политички цели, не избегнувајќи ни лицемерие или демагогија спакувана во форма на пропаганда, бидејќи двете партии кои се сега во владата се обраќаат со изјави што се дијаметрално спротивни. Албанската страна ѝ соопштува на албанската јавност дека уставните измени ќе се случат и нема отстапување од геостратешката определба на земјата кон ЕУ. Додека македонската страна изјавува дека нема намера да прави никаков компромис како што се уставните измени, кои премиерот и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ги сметаат за жртвување на идентитетската суштина на македонскиот народ, иако тоа е услов за деблокирање на процесот на интеграција.
Поголемиот дел од медиумите на албански јазик, и во однос на интеграцијата во ЕУ, докажаа дека се под големо влијание на политиката, односно на партиите од различни политички провениенции, затоа што наместо со професионална самоиницијатива да ги покренуваат важните прашања од јавен интерес како што се уставните измени како услов за интеграција на земјата во ЕУ, тие се задоволуваат со играње на инструментализирачка или на услужна улога, односно на „портпароли“ на политиката.
Големи реакции во јавноста предизвика изјавата на претседателскиот кандидат на коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ), Арбен Таравари на 06.04.2024 година на дебатата со противкандидатот од Европскиот фронт Бујар Османи на ТВ 21, во која тој тврдеше дека има договор меѓу албанските партии за да не се влегува во новата влада без гаранции за уставни измени.
„За условувањето за уставни измени, Таравари рече дека постои џентлменски договор меѓу двата блока.
– Сигурно г. Ахмети ви кажа, имаме џентлменски договор, ВЛЕН и ДУИ. Дека не одиме во влада која не прави уставни измени, еден џентлменски договор“, изјави Таравари во дебатата на ТВ 21.
ТВ Алсат, на 5 април 2024, во прилогот со наслов: „Најпрвин уставните измени, потоа Владата“, објави дека тогашната албанска опозиција се повлекува од констатацијата дека има потпишан документ за уставните измени, за разлика од ДУИ, која инсистираше на истото:
„Постои или не писмен документ со кој албанските партии во земјата се обврзале да го условат составувањето на Владата со уставните измени? Според ДУИ, таков договор е потпишан пред неколку месеци од неколку партии, некои од владината коалиција, а другите од опозицијата. Албанската опозиција тврди дека таков писмен документ не постои. Опозицискиот фронт останува на ставот дека ќе влезе во владината коалиција со партиите кои ги поддржуваат уставните измени. Но, тие не нагласија дека формирањето на Владата го условуваат со измена на Уставот, оставајќи ја можеби отворена можноста тоа да се случи по формирањето на Владата“, извести ТВ Алсат.
Голем одек имаше и ставот на тогашниот потпретседател на партијата Алтернатива, Зекирија Ибрахими, објавен на 14 мај 2024 година во врска со документот: „Зекирија Ибрахими го предизвикува Фронтот: Објавете го потпишаното писмо, ако го имате, или извинете се за измамата!“
Голем дел од медиумите ги пренесоа и ставовите на поранешниот премиер Димитар Ковачевски и тогашниот лидер на опозицијата Христијан Мицкоски.
„Лидерот на СДСМ, Ковачевски, објасни дека не е запознаен со документ наречен non-paper, за кој се тврдеше дека е потпишана спогодба помеѓу партиите од албанскиот блок за неформирање на коалиција по изборите со други партии што не ги прифаќаат нивните барања… Од друга страна, ВМРО остана критична кон уставните измени, посебно истакнувајќи ја загриженоста за одложениот ефект на амандманите. Нивниот лидер, Мицкоски, обвини дека договорот со Бугарија не ја заштитил македонската јазична и идентитетска посебност“, известија албанските медиуми.
На 14 мај 2024, албанските медиуми го пренесоа и ставот на претставникот на ВМРО ДПМНЕ, Стефан Андоновски, а насловот за овој став беше: „Таравари даде рок од 6 месеци за уставни измени, Андоновски: ВМРО не работи под диктат, прашањата треба да се дискутираат поинаку“.
Медиумски фокус врз политичкото условување на уставните измени
Медиумите на албански јазик во голема мера го третираа процесот на интеграција, но фокусирајќи се на уставните измени кои беа условувани од албанската страна, за што може да се каже дека е резултат и на влијанието на етноцентризмот врз медиумските содржини.
ТВ 21 го пренесе ставот на првиот човек на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, искажан на 13 мај 2024 во врска со рокот за прифаќање на уставните амандмани. Оваа телевизија извести со наслов: „Ако уставните измени не се направат за 6 месеци, ќе го разгледаме учеството во Владата“.
„Нам нѝ требаа 10 години ВМРО и ДУИ, без условувања, без ништо, за да изгубат 10 години за да се стане дел од НАТО. ВРЕДИ е гаранција во Владата дека по секоја цена ќе инсистира преговорите со Европската Унија да почнат што поскоро и да се направат уставните измени, бидејќи тоа е услов“, се цитира Таравари во известувањето на ТВ 21.
По оваа изјава, темата за интеграција во албанските медиуми избледе во смисла на медиумското третирање на информативен план, а за аналитички или истражувачки третман не може ниту да стане збор. Пад има и во третирањето на оваа тема во колумните во весниците или онлајн порталите. Ваквиот пристап е поврзан и со тоа што албанските медиуми беа фокусирани на преговорите за избор на влада, поделбата на ресорите и министерствата, имињата на министрите и замениците – министри и многу површни информации кои не се од јавен интерес, бидејќи честопати се објавуваа имиња без нивниот професионален „бекграунд“ и компетентноста за преземените позиции.
Бледнеење на интензитетот на известување за евроинтеграциите има и по формирањето на владата. На политичката сцена во 100-дневниот период на новата влада доминираа внатрешни чувствителни политички прашања кои предизвикаа етнички конфронтации. Станува збор за употреба на албанскиот јазик како службен јазик, отстранување на инструментот наречен „балансер“ за вработување во државната и јавната администрација, предлогот на коалицијата ВЛЕН за Албанска академија на науките и уметностите и Законот предложен од Социјалдемократскиот сојуз за бранителите од вооружените сили на земјата, кои војуваа во 2001 година.
ТВ 21: Коалицијата ВЛЕН се повлекува од шестмесечниот услов
Иако не беа доволно конзистентни во однос на известувањето и аналитичкото и интерпретативното третирање на интеграцијата, албанските медиуми го задржаа континуитетот во известувањето за условените рокови за уставните измени.
ТВ 21 на 9 август 2024 објави прилог, според кој коалицијата ВЛЕН се откажува од условувачкиот рок за уставни измени, со наслов: „ВРЕДИ го поместува рокот за уставни измени – Наместо 6 месеци на неопределено време“.
„Коалицијата ВЛЕН се повлекува од шестмесечниот рок за ставање на Бугарите во Уставот. Од коалицијата неколку пати потенцираа дека дале рок од 6 месеци, но од друга страна премиерот Христијан Мицкоски рече дека не работи со рокови и ултиматуми. ВРЕДИ сега го продолжи рокот, но не се знае до кога. Според нив, виновна е Бугарија. „Доколку имаше функционална влада во Бугарија, мислам дека веќе ќе ги почневме преговорите за постигнување договор меѓу РСМ и Бугарија. Имајќи ја предвид ситуацијата во Република Бугарија, мислам дека тука има простор, во координација со меѓународниот фактор, да се одложи рокот“, изјави Фари Исени, портпарол на коалицијата ВЛЕН“, извести ТВ 21.
По условувачката изјава на Таравари , на 12.08.2024, ТВ 21 објави прилог во кој Таравари се демантира себеси во однос на уставните измени, со наслов: „ВЛЕН тактизира со рокот за уставни измени – Таравари: По 6 месеци ќе седнеме да разговараме за измените“.
„Коалицијата ВЛЕН по 6 месеци владеење повторно ќе седне да разговара за прашањето на уставните измени. Ова го потврди еден од лидерите на коалицијата, Арбен Таравари. Тој во предизборниот период рече дека по 6 месеци од мандатот ќе го преиспитаат учеството во владата, но сега не појасни дали од ова прашање зависи нивното учество во владината коалиција“, извести ТВ 21.
Албанските медиуми ѝ дадоа значителен простор и на изјавата на лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, рече дека „Оваа влада го затвори поглавјето за евроинтеграции и не планира да го прави тоа, ниту да прави уставни измени“. Она што се издвојува е фактот дека оваа изјава беше главно пренесена на порталите, но не и на другите традиционални медиуми. ( Албазоне, Toп24 , Инфошќип, TВЊус).
Изјавите на премиерот Мицкоски за уставните измени се пренесуваат објективно
Иако албанските медиуми често имаат етноцентричен пристап кога третираат чувствителни прашања за државата, кога известуваат за официјалните ставови на премиерот за темата на евроинтеграции се истакнуваат за објективност и точност, кои се основни професионални принципи на новинарството.
Голем дел од албанските медиуми ѝ дадоа значителен простор на изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од 2 септември 2024, кој како премиер се согласува со гласање на уставните измени, кои ќе стапат на сила само тогаш кога земјата ќе стане членка на ЕУ. Насловот на медиумите беше „Мицкоски: Уставните измени со задоцнет ефект се можно решение, доколку има гаранција за членство во ЕУ“.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека „како држава не можеме да влеземе во наивен процес каде што ќе правиме само отстапки без да имаме јасна гаранција дека како држава ќе бидеме дел од европското семејство“. Тој рече дека бидејќи никој ништо не може да гарантира, нема да биде оптимист колку што би сакал“, известија албанските медиуми.
Пред официјалните средби на премиерот Мицкоски со европските претставници во Брисел на 19 септември 2024, ТВ Алсат објективно и коректно ги пренесе неговите изјави поврзани со европската иднина на земјата. Насловот на оваа телевизија беше: „Мицкоски: Важно е да се знае кога ќе ги завршиме преговорите“.
„Доколку се покрене темата за евроинтеграциите, тој ќе ги пренесе фрустрациите на македонскиот народ. „Како што беше во минатото кога бевме во опозиција, и сега како влада, сега имаме уште повеќе аргументи, сакаме да ги презентираме, сакаме да го пренесеме разочарувањето на македонските граѓани таму, бидејќи разочарувањето е огромно, бидејќи повеќе од две и пол децении откако го започнавме нашиот пат кон Европската унија, повеќе од една и пол деценија откако го добивме првиот позитивен извештај од Европската комисија за почеток на овие преговори, не сме во позиција да започнеме. Не затоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, не затоа што не сме љубители на европските вредности, туку затоа што има вештачки наметнати пречки што ги немала ниту една нација или држава, како што имаме ние“, рече Мицкоски“, извести ТВ Алсат.
Дел од албанските медиуми ја пренесоа изјавата на Мицкоски со наслов: „Мицкоски: Во Брисел ќе го пренесам разочарувањето на граѓаните за патот на земјата кон ЕУ“ (Инаонлајн, Лајмпрес , Тетовасот , Телеграфи).
ТВ Клан Македонија, пак, извести со насловот „Посетата на Мицкоски во Брисел/Мицкоски: Во Брисел ќе ги штити интересите на Македонија“. „Граѓаните да бидат сигурни дека ќе се бориме и ќе успееме да ги заштитиме македонските интереси“, додаде Мицкоски“, пренесе ТВ Клан Македонија.
Она што треба да се истакне е фактот дека кога станува збор за известувањето за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ, најголем дел од онлајн медиумите или порталите се потпираат на комерцијалните национални телевизии, главно на ТВ Алсат, или на националните кабелски телевизии, главно ТВ 21, што зборува за сиромашните професионални капацитети на другите редакции.
Тоа се случи и на денот на посетата на премиерот на Брисел и претставувањето на „францускиот предлог плус“, кој има за цел билатералните прашања да не бидат дел од преговорите со ЕУ. ТВ Алсат извести со наслов: „ Мицкоски: Веќе не можеме да прифаќаме ултиматуми, ако има волја, има начин“, слично како што објавија многу портали, што се потврдува на порталот за агрегирање вести на албански јазик Факс.ал.
Албанските медиуми со коректно известување за позициите на Мицкоски во однос на Историската комисија со Бугарија
Во албанските медиуми коректно и објективно се објавени и изјавите на премиерот Мицкоски против поранешните членови на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија. Изјавите на премиерот ја актуализираа работата на оваа комисија во албанските медиуми. Се додека не дојде до судирот меѓу премиерот и поранешниот прв човек на Комисијата Драги Ѓорѓиев, известувањето за комисијата беше крајно бледо, што го докажува пристапот на дел од албанските медиуми дека проблемот со Бугарија всушност се третира како етнички проблем на Македонците.
Насловот на албанските медиуми на 12 септември беше „Мицкоски ги обвинува членовите за предавство“, а се базираше на изјавата на премиерот:
„Нека се вклучи ОБСЕ, но инспекциските и истражните органи ќе бидат вклучени сега за да видат каде се потрошени парите. И ќе се вклучат да видат за што се потрошени парите, колку се парите на оние кои ништо не направиле во изминатите години, односно го посрамотија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси“, изјави Мицкоски.
Според албанските медиуми, премиерот Мицкоски и на 26 август 2024 година упатил остри критики до поранешните членови на комисијата. Насловот на албанските медиуми беше: „Мицкоски: Заедничката македонско-бугарска комисија не беше бранител на интересите на РСМ“.
Одекот на изјавата на Николовски: Албанија нема да стане членка на ЕУ!
Изјава, која во последно време предизвика голем, но негативен одек во медиумите во земјава, беше изјавата на министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, според која Албанија никогаш нема да биде дел од ЕУ . Иако оваа изјава имаше негативна конотација во албанското јавно мислење, бидејќи се читаше како тенденција кон Албанија, всушност објективноста на оваа изјава е различна од толкувањето. „Јас тврдам дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Не поради Албанија, туку поради погледите на Европската Унија“, рекол Николовски.
Значителен простор за одвојувањето на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ
Одлуката на земјите членки на ЕУ, Албанија да се одвои од Македонија и на 15 октомври во Луксембург да ги започне преговорите за поглавјата за членство во ЕУ, доби голем простор во албанските медиуми. Главната причина е поврзана со тоа што оваа одлука го остава процесот на интеграција на Северна Македонија во статус- кво, што всушност е лоша вест за граѓаните на земјата. Според медиумските известувања, Северна Македонија стои во место поради неподготвеноста на владината страна да ги вклучи Бугарите во Уставот, притоа подвлекувајќи дека Албанија оди напред по интеграцискиот пат во споредба со нашата земја, која со оваа одлука ја потврдува стагнацијата во процесот.
„Северна Македонија не успеа да направи одлучувачки чекор кон членство во ЕУ – се одвојува од Албанија“, е насловот на прилогот на ТВ Алсат, објавен на 26 септември 2024 година.
„Патот на Албанија кон ЕУ ќе биде одделен од оној на Северна Македонија, со тоа што на 15 октомври официјално ќе бидат отворени првите групи на преговори за Тирана, според едногласната одлука на амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, пишува Алсат. Следниот чекор Албанија се очекува да го направи кон средината на октомври во рамките на меѓувладината конференција за отворање на Првиот кластер – Основи. Оваа група вклучува неколку поглавја – набавки, статистика, судство и основни права, правда, слобода и безбедност и финансиска контрола. Ова е добра вест за Албанија во нејзините напори да ги исполни барањата за напредок на нејзиниот пат кон ЕУ, но е назадување за Северна Македонија, која уште еднаш не успеа да направи одлучувачки чекор кон членство во ЕУ“, извести ТВ Алсат.
ТВ 21 извести со наслов „Албанија со зелено светло за ЕУ, што е со Македонија? Мицкоски: Со диктати, не, благодарам“, што ѝ укажува јасно на албанската јавност за дискурсот и ориентацијата на владата кон Европа.
„Албанија добива зелено светло на патот кон ЕУ. Неофицијално, втората меѓувладина конференција во Тирана е закажана за 15 октомври, додека Македонија останува во чекалната. Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја ситуацијата, вели дека „Не треба повеќе да прифаќаме услови за сметка на национални отстапки и идентитет, без гаранции. Според мене, ова е диктат. Ако тоа е условот Македонија да ги продолжи преговорите, тогаш, реков и во Брисел, не, благодарам“, рече Христијан Мицкоски“, пренесе ТВ 21.
Порталот Инаонлајн во објавата со наслов „Или Бугарите во Уставот, или затворен европскиот пат, Скопје ќе одлучи?!“ го претстави ставот на двајца поранешни премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков, кои рекоа дека Договорот за добрососедство мора да се почитува. Тие ги повикаа властите во Северна Македонија да одлучат дали ќе ги вклучат Бугарите во Уставот или дали нивниот пат кон ЕУ ќе остане затворен, објави ИНА.
Многу медиуми известија со наслов „Бугарски медиуми: Албанија ги започнува преговорите со ЕУ на 15 октомври, се разделуваат патиштата со Северна Македонија“. Впрочем, веста за одвојувањето на Тирана од Скопје ја објави бугарското радио БНР, повикувајќи се на дипломатски извори.
Во врска со ова прашање, порталот Журнал го објави и написот со наслов „Идеален момент за продолжување на патот кон ЕУ “, во кој нуди современа историска контекстуализација во однос на спорот со Софија:
„Овој спор го блокираше процесот на евроинтеграција на земјата, со тоа што Бугарија во текот на 2021 година двапати стави вето на Северна Македонија, еднаш во јуни, а потоа, на 14 декември 2021 година, уште еднаш го блокираше почетокот на преговорите РСМ-ЕУ. И во 2020 година, исто така, соседна земја двапати стави вето на Северна Македонија, еднаш во Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, како и во Советот за општи работи на ЕУ, спречувајчи го на тој начин усвојувањето на преговарачката рамка на земјата за почеток на преговори со ЕУ“, објави Журнал.
ТВ Шења извести со наслов „Се потврди „повторувањето“ на Македонија кон ЕУ, Меџити чека официјални информации“.
Меѓу ретките колумни посветени на одвојувањето на земјата од Тирана и отворањето поглавја во преговорите со Албанија е онаа на професорката Беса Арифи, со наслов „Едни напредуваат, други заостануваат“.
„Одлуката на ЕУ претставува победа за Албанија и критичен момент за Северна Македонија. Додека Албанија прави важни чекори напред, Северна Македонија се соочува со последиците од политичкото недејствување, одложувајќи ја нејзината долга амбиција за членство во Европската унија“, пишува Арифи на Порталб.
На денот на објавувањето на веста за одвојувањето на Албанија, албанските медиуми објавија дека „100 илјади Македонци добиле бугарско државјанство“.
Албанските медиуми со информативна интонација известија и за Декларацијата на бугарскиот парламент за спречување на антибугарската кампања во Република Северна Македонија .
„Бугарскиот парламент инсистира на враќање на позитивниот дијалог прекинат од РСМ и прекинување на антибугарската кампања и провокативните изјави против Бугарија во РСМ. Декларацијата ја потврдува подготвеноста на бугарската држава и институции за организирање заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, имајќи ја предвид богатата заедничка историја на двете земји. Народното собрание исто така не се согласува силно со негирањето на заедничката историја на Република Македонија и Бугарија од страна на членовите на владата на Република Северна Македонија и смета дека тоа е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година“, објавија албанските медиуми.
Како што се забележува од известувањата и интерпретациите, албанските медиуми имаа балансиран пристап кон актерите вклучени во прашањата поврзани со процесот на евроинтеграција, бидејќи им е даден простор на гласови од владата, но и опозицијата, иако во насловите се забележува доза на разочараност што земјата стагнира.
Заклучоци
Прашањето на евроинтеграциите во албанските медиуми е заменето со дебатата за уставните измени кои се услов за интеграција во ЕУ. Ова се однесува и на фактот дека во јавниот дискурс на албанскиот јазик потребата за усвојување на уставните измени е интерпретирана како неопходна.
Медиумите на албански јазик се задоволуваат со површно новинарско известување, што значи дека новинарството емитува изјави поврзани со прашањата за интеграција, без да навлегува во анализи и толкувања. Овој факт ги дефинира медиумите како екстензија на политиката, бидејќи тие ретко покренуваа прашања што се од јавен интерес, а кои се поврзани со интеграцијата.
Немаше анализи за тоа какво ќе биде влијанието на неизгласувањето на уставните измени врз стабилноста на државата од аспект на безбедноста, врз економскиот раст, врз реформите во државната и јавната администрација, борбата против корупцијата и организираниот криминал, и во други сектори.
Воопшто не е разгледувано прашањето што ќе се случи со процесот на интеграција на земјата ако не се прифати „францускиот предлог плус“ на претставниците на власта, и дали владата ќе понуди меѓународна сојузничка алтернатива ако интеграцијата остане блокирана како резултат на условувањето од бугарската страна.
Она што се забележува како тренд, и што не е нова појава, е фактот дека јавниот дискурс во медиумскиот амбиент на албански јазик на оваа тема е диктиран од традиционалните медиуми, поточно националните телевизии, додека во оваа насока предводат ТВ Алсат и ТВ 21, од кои порталите копираат вести и медиумски известувања. На овој начин цвета копи-пејст новинарството, а дел од луѓето кои работат во порталите се претвораат во дистрибутери на вести.
Во албанските медиуми изјавите на македонските политичари се пренесуваа на објективен и коректен начин, што обично се случува кога се дадени на теми од надворешната политика или интеграциите. Но, треба да се издвои доминацијата во медиумскиот дискурс на премиерот Христијан Мицкоски, што е резултат на неговите секојдневни изјави за различни теми и прашања, особено за евроинтеграциите, како што се случуваше со поранешниот премиер Зоран Заев. Од формирањето на новата влада во политичката комуникација на извршната власт имаме монопол од премиерот, што говори за тенденции за контрола на „моќта на комуникацијата“, затоа што шефот на владата одговара на медиумите – од прашања поврзани со социјалната политика, до оние геополитичките и геостратешките. Во оваа насока се забележува и етнички паралелизам, затоа што првиот вицепремиер Изет Меџити го прави истото во комуникацијата со албанските медиуми. Ретки се другите владини функционери кои зборуваат пред медиумите за различни прашања.
Препораки
Медиумите треба да го зајакнат професионалниот и продлабочениот аналитички пристап кон евроинтеграциите, а во оваа насока треба да се зајакнат капацитетите на редакциите со специјализирани новинари од областа, кои ќе ги одат подалеку од јавните изјави.
Потребни се аналитички медиумски пристапи, но и телевизиски дебати и подкасти поврзани со статус – квото во кое е земјата и како тоа ќе се одрази на меѓуетничките односи, односите меѓу власта и опозицијата, односите во владината коалиција, развојот на економијата со посебен акцент кон привлекување странски инвестиции и кон невработеноста. Фокусот на медиумите треба да биде и влијанието на блокирањето на интеграцијата врз демографската димензија, поточно миграцијата на граѓаните во странство, особено на „одливот на мозоци“, главно во областа на ИТ и медицината.
Треба да се третира прашањето дали владата има резервна опција, што подразбира сојузништво со разни држави, доколку потфрли процесот на интеграција во ЕУ како резултат на блокадата од соседна Бугарија и неподготвеноста на владата да ги прифати уставните измени. Покрај официјалните гласови, меѓу кои доминантни се премиерот и вицепремиерот, медиумите треба да се потрудат да обезбедат плурализам на мислења на темата евроинтеграции, бидејќи не треба да се дозволи владата да биде доминантен филтер на јавните произнесувања на оваа тема.
Дополнително, потребно е на домашната јавност да ѝ се објасни контекстот на бугарскиот политички систем, формирањето на новата влада, колку интеграцијата на нашата земја зафаќа место во политичкиот и медиумскиот дискурс на Софија и дали е веројатно дека ќе се смени курсот на бугарската политика кон Скопје.
Треба да се напомене дека ниту еден албански медиум нема дописник ангажиран во Брисел, што значи дека во иднина треба да се размислува и за оваа димензија. За да немаме новинари кои личат како „јајце на јајце“, медиумите, особено порталите, треба да се посветат самите да произведуваат вести и авторски медиумски содржини, бидејќи тоа ќе им го зголеми кредибилитетот и влијанието во јавноста.
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)
Извор: Институт за медиуми и аналитика ИМА