Таравари за обвинувањата на Села дека одиграл за Мицкоски: Не коментирам конспирации и клевети, времето ги открива сите вистини!

Обично не коментирам конспирации и клевети, времето ги открива сите вистини“ – ова е кусиот коментар на министерот за здравство и еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари, во однос на обвинувањата што ги изнесе неговиот поранешен соработник во Алијанса за Албанците Зијадин Села, кој, покрај останатото, рече дека Таравари одиграл во корист на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.

Во интервју за „Фокус“, Села рече дека Таравари направил пуч во Алијанса и се кандидирал за претседател за државата по наредба на Мицкоски. Притоа, пратеникот од Европскиот фронт посочи дека кружеле информации во македонските медиуми оти целиот процес на поделба во АА чинел околу 5 милиони евра. Сепак, истовремено се огради дека за тоа лично немал доказ.

–Чекорите што ги презеде покажува на едно и единствено. Имајќи предвид дека Мицкоски излезе 2 недели пред да се случат збиднувањата во АА, со тврдење и гаранција дека партијата ќе се подели на две крила, значи дека тој (Таравари) имал директна наредба за да ја отцепи Алијанса… За мотивите кои биле, дали пари или некој друг вид уцена, не знам. Знам само едно, дека при секоја средба со мене некаде од декември, па сѐ до поделбата, кога седнувавме заедно да зборуваме околу партијата и политичката ситуација, страшно му се тресеа рацете – истакна Села.

Во врска со судскиот процес што го водат двата спротивставени табори за печатите на АА, во чии рамки второстепениот апелациски суд го врати предметот на повторно одлучување во основниот првостепен суд, Села ги отфрла обвинувањата дека неговиот соработник Кренар Лога во својство на министер за правда вршел притисок врз тетовскиот суд да пресуди во негова корист. Дури, тој го обвинува Таравари за притисоци врз гостиварскиот апелациски суд.

– Според мои информации, имало една тајна средба на Таравари со еден од апелациските судии и сега предметот е вратен во основниот суд во Тетово – вели Села, додавајќи дека повеќе од јасно е дека тој настапува како лидер на Алијанса за Албанците и, како што нагласува, сите доказите се доставени пред Основниот суд во Тетово и во Апелацискиот суд во Гостивар.

Инаку, во интервјуто Села испорача сериозни тврдења и во однос на други политички фигури, при што наведе дека Зоран Заев своевремено го оставил Никола Груевски да ја напушти државата и да побегне во Унгарија, додека, според Села, на последните избори Заев му помогнал и на Мицкоски да постигне апсолутна победа. Во однос на тоа, реагираше експремиерот и лидер на СДСМ Заев, кој за „Фокус“ изјави:

„Колку треба човек да е желен за власт за да може да каже вакви забегани и налудничави работи. Зарем има нормален човек кој може да поверува дека Зоран Заев може да биде против СДСМ? Повеќе од 9 години сум бил претседател на СДСМ и повеќе од 7 години потпретседател на СДСМ. Со мене на чело два пати ја донесовме СДСМ на власт. Нема потреба да потсетувам што се сум поминал јас и моето семејство, како и многу други истомисленици од „раката“ на ВМРО-ДПМНЕ последните 25 години…“.

Back to top button
Close