Писонеро за „Фронтлајн“: ЕУ со нетрпение очекува отворање на кластерите со Северна Македонија – по уставните измени

Портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување, Ана Писонеро ексклузивно за „Фронтлајн“ изјави дека „Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите за кластерите со Северна Македонија што е можно поскоро, откако земјата ќе ги исполни релевантните критериуми договорени од Советот“.

– Европската унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија веднаш штом ќе ја спроведе својата обврска за завршување на уставните измени како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Во декември 2023 година, Европскиот совет дополнително ја повика Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие промени, изјави Писонеро за „Фронтлајн“.

 

Патот на Северна Македонија и на Албанија кон членството во ЕУ беше споен со почетокот на преговорите во летото 2022 годинa. Тогаш беа одржани и првите меѓувладини седница на Скопје и Тирана со Брисел, но отворањето на кластерите беше поместено за втората меѓувладина седница.

Претходно, во ноември 2020, Бугарија стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.

На 26 септември оваа година Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“.

Back to top button
Close