Меџити: „Вреди“ има подготвено предлог-закон за правична застапеност што ќе го замени „балансерот“

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџети најавува дека коалицијата „Вреди“ како партнер во Владата ќе понуди нацрт-законско решение кое ќе го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, што Уставниот суд денеска ја укина.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити / Фото: Архива

Евиденција или регистар за етничка припадност во јавната администрација, на нотар заверена етничка припадност на кандидатот при вработување, бонус бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ е потребен на институцијата, се дел од предлозите кои „Вреди“ ќе ги понуди во нацрт-законот, вели Меџити за „Слободен печат“.

Првиот вицепремиер тврди дека заедно со владиниот партнер (ВМРО-ДПМНЕ) заеднички констатирале дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите за вработување во јавната администрација, но и за правичната застапеност.

„По одлуката на Уставен суд за ‘балансерот’, ‘Вреди’ веднаш ќе пристапи кон ново решение. Како ќе се именува, дали ‘балансер’ или закон за правична застапеност, за ова нема дилеми и заедно констатиравме со партнерот (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите во јавната администрација за да се изберат најдобрите, но и за правичната застапеност. Владините партнери сè уште немаат усогласено решение како да се заштити правичната и соодветна застапеност како темелна вредност на Уставот при вработувањата во јавната администрација“,

вели Меџити во изјавата за „Слободен печат“. 

Според него, предлог-законот е веќе подготвен и треба да се најде на јавна расправа, а како што додава, тука треба да се внимава и да не се навлезе во приватниста на вработените.

„Се разгледува во рамките на јавната администрација да се воведе евиденција за етничката припадност, односно (кандидатите) да наведат од која етничка припадност се кога се вработувааат за да се спречат злоупотреби, со цел да не се повтори ситуацијата при вработување – да се изјасни, на пример, дека е Албанец, а потоа да си ја врати етничката припадност, на пример, Македонец. Но, тука треба да внимаваме да не навлеземе во приватноста на вработените. Има повеќе предлози, можно е вработените да поднесат изјава за етничката припадност заверена на нотар. Има систем кандидатите да се бодуваат и, на крај, ако за тоа место е предвидено да биде вработен Турчин, за него да има позитивна дискриминација и на освоените бодови да добие плус 10 и тој да биде примен“,објаснува првиот вицепремиер.  

Меџити вели оти не се согласува со насоката на Уставниот суд дека на конкурсите за вработување во јавната администрација пресуден критериум треба да биде квалитетот и според него мора да се внимава и на правичната застапеност.

Според, првиот вицепремиер, ова би значело дека ако во некоја институција треба да се вработи Бошњак, тогаш треба да се избере најдобропласираниот припадник на оваа етничка заедница меѓу пријавените кандидати.

„Треба да внимаваме на правична застапеност зашто, во принцип, по оваа логика, не може да оставиме на случајност и да експериментираме со правичната застапеност. Ние како ‘Вреди’ сме за тоа да се внимава на правичната застапеност, односно ако во некоја институција недостига Бошњак, тогаш мора Бошњак да се прими, значи да се избира најдобриот Бошњак, односно од заедницата од која недостига претставник. Квалитет да, но и правичната застапеност. Ако не се најде начин за вработување според правичната застапеност, тогаш ние тоа ќе го оспориме пред Уставниот суд. Секоја тенденција, и најмала, да се запостави правичната застапеност ‘Вреди’ нема да ја прифати“,вели Меџити. 

Што се однесува до сега веќе укинатиот „балансер“, првиот вицепремиер, додава дека заедничка констатација на сите фактори во државата била дека тој веќе не функционирал, бидејќи предизвиккал контраефекти и оти изминативе години се злоупотребувал.

Уставниот суд на денешната седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.

Back to top button
Close