Од денеска можете да се пријавите за бесплатна вакцинација против сезонски грип

Министерството за здравство соопшти дека од денеска, преку веб-страницата – vakcinacija.mk почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип за ризичните групи население, при што првично набавени се 70 000 дози четиритипна вакцина.

Пријавувањето за вакцинација се врши со пополнување на апликација, со што секој граѓанин директно се регистрира во системот „Мој термин“. Согласно распоредот предвиден со планот за вакцинација, граѓаните кои ќе се пријават за бесплатна вакцина, преку СМС-порака ќе добијат повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат.

Со бесплатна вакцинација се опфатени следните ризични групи: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.

ОД МЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција, која спречува појава на потешки форми на грип, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи.

Back to top button
Close