Вработени на МВР убедувале граѓанин од турска етничка припадност да земе пасош на друг јазик бидејќи немале обрасци на турски

Граѓанин од Врапчиште од турска етничка припадност бил убедуван од страна на вработени МВР-Гостивар да аплицира за пасош на друг јазик бидејќи немале обрасци на Турски јазик. Бидејќи човекот требало итно да патува, бил принуден да прифати пасош на друг јазик, се наведува во кварталниот извештај на Комисијата за спречување од дискриминација објавен вчера.

Комисијата за спречување на дискриминација утврдила директна дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик.

„Се утврдува директна дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик врз граѓанин од Врапчиште во процес на издавање лични документи, сторена од страна на Министерството за внатрешни работи. Се утврдува и директна продолжена дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик врз граѓаните на Република Северна Македонија од турска етничка припадност во процесот на издавање лични документи, сторена од страна на Министерството за внатрешни работи“, стои во одлуката на Комисијата.

Но ова не било единствен случај граѓани од турска етничка припадност да не можеле да извадат лични документи на мајчиниот јазик. Подносителот во прилог на преставката доставил и изјави на 13 граѓани од турска етничка припадност, кои во прериодот од 5 јануари до 20 март годинава не им биле примени барања за издавање лични документи на македонски и турски јазик во подрачната единици на МВР во Гостивар заради недостиг на обрасци на турски јазик.

КСЗД вели дека е несомнено оти МВР издало двојазични пасоши за споменатиот период, но во ниту еден момент за поднесените претставки не дава одговор и аргументација за одбивањето на граѓаните од турска етничка припадност да поднесат барања за издавање патни исправи на македонски и турски јазик во периодот од јануари до април 2024, ниту пак во споменатите поднесоци дава аргументација за посочениот недостаток на обрасци на турски јазик.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорачува МВР да изврши набавка на доволен број обрасци на турски јазик за издавање лични карти, возачки дозволи и пасоши на турски јазик, со цел непречено и континуирано постапување по барањата и издавање на документи на на турски јазик, во рок од 90 дена од приемот на мислењето и препораката, и за тоа писмено да ја извести Комисијата.

Се препорачува МВР континуирано и непречено да ги прима и да постапува по барањата на граѓаните за издавање на лични документи на други јазици, согласно Законот за употреба на јазиците.

Се препорачува МВР во иднина во плановите за јавни набавки прецизно да го дефинира бројот на потребните обрасци за издавање лични документи на други јазици, со цел непречено и континуирано издавање на личните документи согласно член 12 и член 14 од Законот за употреба на јазиците, а во насока на превенција од дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик

Back to top button
Close