Кандидати по потекло од Северна Македонија во трка за општински советници во Белгија
Во Белгија утре се одржуваат избори за членови на органите на локалната самоуправа, на кои меѓу кандидатите за советници има и лица по потекло од Северна Македонија.
Според бизнисменот од Антверпен по потекло од земјава Исмет Адеми, изборот на кандидат за член на општинските совети ќе овозможи подобра претставеност и заштита на интересите на лицата кои потекнуваат од Северна Македонија, без разлика дали се Албанци, Македонци, Роми или припадници на некоја од другите етнички заедници во државава.
– Од 1992 година од кога сум јас во Антверпен, само приватно сме организирале собири со нашите граѓани од Македонија, но немало никаков настан со институционална поддршка. Ако имаме наш човек во советите, ќе може да се организира нешто од страна на нашите здруженија и со поддршка од општините, вели Адеми за МИА.
Тој потенцира дека конкретно во локалната администрација во Антверпен на повисоки работни позиции, покрај Белгијци, има и Турци, Мароканци, Авганистанци…, но нема ниту еден кој потекнува од земјава. Со избор, на „наш“ општински советник, според Адеми, ќе се создадат услови и за полесно вклучување на лица по потекло од земјава во разни проекти на локалната самоуправа, со што тие ќе дадат свој придонес за доброто на општината и за припадниците на нашите заедници.
Адеми е кандидат за член на Советот на Градот Антверпен и на Советот на антверпенската Општина Дурне на листата на фламанската социјалдемократска партија Напред (Ворујт). Бриселскиот изборен закон дава можност едно лице да биде кандидат на градските и на општинските изборни листи, но може да задржи само едно од советничките местата на кои би бил избран.
Адеми очекува поддршка од голем број негови сограѓани, но првенствено од припадниците на албанската, македонската и ромската заедница од земјава и регионот што живеат во Антверпен.
Негови главни заложби се создавање подобри услови за младите и децата, подобрување на јавниот транспорт, бесплатен градски превоз за учениците и студентите на возраст од 12 до 20 години, проширување на зелените површини и паркови, реновирање на социјалните станови во градот, поддршка на младите за развој на сопствени бизниси, подобрување на хигиената и овозможување на административни услуги и физички, а не само онлајн, пред се за повозрасните граѓани.
Адеми потенцира дека негова цел е да работи на тоа сите припадници на 174-те етнички заедници во Антверпен да го чувствуваат градот како свој дом, без разлика дали се Белгијци, Турци, Македонци, Албанци или припадници на некоја друга нација.
Право на глас на локалните избори во Белгија, покрај белгиските државјани имаат и странци со легален регулиран престој во земјата, меѓу кои има и доста лица по потекло од земјава. Досега гласањето на изборите на сите ниво во Белгија беше задолжително, но оваа година првпат во регионот Фландрија, гласањето на локалните избори не е задолжително и лицата со регулиран престој не се гласачи по автоматизам, туку мора да се регистрираат доколку сакаат да гласаат, за што рокот бил до 31 август.
Адеми потенцира дека многу од нашите сограѓани со регулиран престој во Белгија не биле навреме информирани за оваа новина, па не се регистрирале за гласање на изборите, што заедно со незадолжителното гласање, стравува дека ќе му донесе две до три илјади гласови помалку. Имајќи предвид дека локалните избори во Белгија се спроведуваат со отворени изборни листи, проценката е дека со овие „загубени“ гласови тој сигурно би освоил место во Советот на Антверпен, но сепак и во сегашниот случај се надева на обезбедување мандат во градскиот или општинскиот совет во Дурне.
Инаку, Адеми поседува компанија која се занимаваат со градежништво, осигурување, одржување и услуги, при што соработува и со македонски фирми од кои набавува прозорци и материјали за изработка на кујни и фасади и за бојадисување. – Ние увезуваме од Македонија за Белгија, што е реткост, додава Адеми.
Покрај него, на овие локални избори кандидатка на партијата Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) за членка на Советот на Општина Гримберген, што се наоѓа во регионот Фландрија, на околу 10 километри северно од Брисел, е Марина Витанов Крстески.
Таа пред се очекува поддршка од сограѓаните од сите етнички заедници по потекло од Северна Македонија, потенцирајќи дека нејзина заложба како евентуален член на Општинскиот совет на Гримберген ќе биде подобрување на нивните животни услови.
Камуран Сејди – Камчо, кој по потекло е од Скопје, е кандидат на Независна листа за членови на Советот во фламанската општина Бом.
Сејди, меѓу другото, се залага за подобар дијалог меѓу младите и органите на власта, поголема грижа за повозрасните категории граѓани и лицата со попреченост, зголемување на безбедноста во сообраќајот и укинување на наплатата на паркинг просторот.
Како евентуален член на Општинскиот совет на Бом тој најавува дека ќе се залага и за подобрување на условите за живот, пред се на припадниците на ромската, но и на македонската и на другите етнички заедници по потекло од Северна Македонија. Имајќи пред вид дека во Бом има бројна ромска заедница по потекло од Северна Македонија, тој очекува поддршка од нив, но и од другите негови сограѓани за освојување на место во Општинскиот совет.
Меѓу кандидатите за членови на Советот на Општина Шарлероа на листата на валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ) е Елвира Хасан по потекло од Скопје.
Таа нагласува дека доколку биде избрана за општински советник ќе биде посветена на справување со социјалните предизвици, со посебен фокус на три главни области: здравството, образованието и социјалната акција. – Мојата цел е да гарантирам квалитетна грижа достапна за сите, наведува Хасан во својата програма.
Хасан ветува обезбедување правично и инклузивно образование за секое дете и воспоставување на мерки за поддршка на најранливите категории граѓани со цел да се подобри нивниот квалитет на живот.
Како евентуален член на Општинскиот совет таа најавува посебни заложби за подобрување на условите за живот на припадниците на македонската, ромската и на другите етнички заедници по потекло од Северна Македонија, што живеат во Шарлероа.
На листата на кандидати за членови на Советот на Брисел на партијата Посветени е и Сливи Адем, исто така по потекло од Северна Македонија.