Филипче: Премиерот да ја обезбеди најавената поддршка во ЕУ за предлогот уставни измени со одложено дејство


Очекуваме премиерот Христијан Мицкоски да ја обезбеди најавената поддршка во ЕУ, за неговиот предлог уставните измени да се применат со одложено дејство, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање, за време на посетата на манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепското село Селце, по повод празникот 11 Октомври.

-Очекуваме премиерот да ја обезбеди таа поддршка, која се обезбедува со консензус во Европската Унија, дека таму ќе прифатат да има уставни измени со одложено дејство и кога тој ќе го обезбеди тоа, ние апсолутно ќе го поддржиме, рече Филипче во одговор на прашањето дали за СДСМ е прифатлив предлогот за уставни измени со одложено дејство.

Филипче побара премиерот Мицкоски да каже кои се земјите кои го поддржуваат неговиот предлог.

-Премиерот најавува дека има некаква поддршка од некои земји членки во ЕУ, не од сите, а таму знаеме дека одлуките се носат со консензус, дека наводно за нив е, прифатливо да има уставни промени со одложено дејство. Ние упативме отворен апел, повик, да има собраниска седница на која премиерот ќе каже кои се тие земји кои нѐ поддржуваат со тој негов предлог, зашто собранието е тоа кое носи одлуки и собранието е место каде се креираат такви политики. Во таа смисла, очекуваме премиерот да каже кои се тие земји, која е таа поддршка, меѓутоа истовремено имаме предвид двајца луѓе кои го демантираат премиерот во тие најави. Прво, неговиот министер за евроинтеграции, Муртезани, кој кажува дека таква работа е неприфатлива за Европската Унија и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, господинот Рокас, кој го кажа тоа истото. И, да бидам конкретен, очекуваме премиерот да ја обезбеди таа поддршка, која се обезбедува со консензус во Европската Унија, дека таму ќе прифатат да има уставни измени со одложено дејство и кога тој ќе го обезбеди тоа, ние апсолутно тоа ќе го поддржиме, изјави Филипче.

Според претседателот на СДСМ, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не само што не ја подобрила преговарачката позиција, како што се најавуваше, туку ситуацијата се влошува, а краен епилог е одвојувањето на Албанија од Македонија на патот во ЕУ.

-Ние, за жал, во изминатиов период не гледаме ништо конкретно, никаков обид да ја подобрат нашата преговарачка позиција. Напротив, гледаме само влошување на ситуацијата, влошување на билатералните односи, прво со Грција, а потоа и со Бугарија и, за жал, одлука да ние се одвоиме на патот за Европската Унија од Албанија поради тоа што, очигледно, во нас не гледаат никаков напредок во ЕУ. Притоа, меѓувладината седница која сега ќе ја одржи Албанија ќе се случи на 15 октомври, за само два дена. Таква седница, на истиот датум ќе имавме и ние да имавме малку поодговорна власт, изјави Филипче при денешниот престој во манастирот „Свети Димитрија“ кај Прилеп на традиционалниот народен собир на партијата.

Back to top button
Close