Зависноста на Владата на Мицкоски од предизборната пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ веќе е проблем на нацијата.


Силјановска-Давкова минатата недела тивко соопшти дека Преговарачката рамка е таква каква што е и дека во неа нема да има промени.
Она што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им го кажаа на своите членови и симпатизери е дека тоа значи дека:
– штом Преговарачката рамка не е спорна, тогаш не е проблем ниту „францускиот предлог“ како составен дел од Преговарачката рамка.
– тоа значи дека Белата палата го прифаќа „францускиот предлог“.
– штом „францускиот предлог“ не е проблем – тоа значи дека нема ниту „д“ од „диктат“ во спроведувањето на предлогот, бидејќи тоа значи исполнување на обврските од Преговарачката рамка.
– штом нема „бугарски диктат“ – тоа значи дека целата предизборна кампања на која ВМРО-ДПМНЕ ги темелеше фобиите кон соседите, заедно со неупотребата на придавката во името на Северна Македонија е една голема лага.
Коректно е да се заклучи дека минатата власт како да „се трудеше“ да не ги капитализира поените од двата билатерални договори (вклучително нивните протоколи) со кои и Грција и Бугарија, инсистирајќи на различностите и спецификите, променија свои децениски политики.
За тоа, впрочем власта и ја плати политичката цена на 8 мај.
Но ако се водиме од оваа премиса, се наметнува и заклучокот дека и во 2024 (како и во 2006) ВМРО-ДПМНЕ ја градеше својата кампања на предрасуди кон македонскиот народ (неверувајќи во него), на отпор кон немакедонците (претставувајќи ги како некои кои нешто сакаат да им земат на Македонците) и на отпор кон сите (потпирајќи се на теории на заговор против македонскиот народ и државата).
Последично произлегува фактот дека со предизборната кампања и постизборното поведение, ВМРО-ДПМНЕ целно е ангажирано во проблематизирање на придобивките на македонскиот народ од договорите саботирајќи две најголеми придобивки и на македонскиот и на народите што живеат во земјава – европската интеграција и градењето на нација на рамноправни граѓани на Северна Македонија.
А овие две цели на ВМРО-ДПМНЕ се штетни како за македонскиот народ, така и за сите граѓани на Северна Македонија бидејќи:
1. Се спротивставени на дефинираната етничка цел на македонскиот народ (и воопшто на припадниците на народите во земјавата) за членство во ЕУ и
2. Со саботирањето на нацијата на Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ го саботира дефинирањето и штитењето на националните интереси на Северна Македонија, вклучително на Македонците како составен дел од неа.
Оттука, потребно е да видиме кому тоа му одговара кога не ни одговара нам, односно чии стратешки интереси застапува ВМРО-ДПМНЕ, кога тоа веќе не се нашите?
Национална цел на Северна Македонија е членство во ЕУ.
Со неисполнувањето на договореното со ЕУ, Северна Македонија наместо да оди по магистралата за преговори заедно со Албанија, стои на паркинг каде чека српското државно раководство да се врати на европската агенда.
Презабележлива е за да биде игнорирана и коинциденцијата на активното факторизирање на Српската православна црква во Црна Гора и Северна Македонија со закочувањето на интеграциите на двете нации:
– Во Црна Гора низ обидот за злоупотреба на Темелниот договор што ризикуваше црногорството во клерикална операција да го сведе на подваријантна на српството;
– Во Северна Македонија со подреденоста кон „томосот“ од Белград наспроти незаинтересираноста за Томосот за автокефалност којшто доаѓа од Константинопол, а не од Белград или Москва.
Црна Гора од тогаш, како и Северна Македонија по изборите одеднаш „закочија“ во интеграциите.
Национален интерес и стратешка цел на Северна Македонија е да биде раскрсница на Балканот, во која коридорите 8 и 10 имаат економска, енергетска, инфраструктурна и безбедносна компонента со усогласена европска и евроатланска смисла.
Со следењето на унгарско-српската проекција за коридорот 10 и преку него за спојување на „Патот на свилата“ (што нужно го запоставува коридорот 😎, Владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја нарушува и оваа стратешка и национална цел на Северна Македонија и ѝ овозможува примат на раскрсница на Србија.
Со сите последици по економијата и финансиите на Северна Македонија.
Интересни се трендовите и низ енергетиката: ако Мицкоски ја услови гасификација на Северна Македонија и интерконекцијата со Грција со продолжување на гасната рута кон Србија уште пред формирањето на неговата Влада, а неговата Влада не прифаќа „бугарски диктат“, ЕСМ Продажба на неговата Влада нема проблем да набавува природен гас од бугарската фирма на поранешниот претставник на Лукоил во Бугарија.
На кусо, ставајќи ги во подреденост националните приоритети на својата држава и нација, ВМРО-ДПМНЕ всушност ја користи неинтеграцијата на земјата во ЕУ и неинтеграцијата на граѓаните во модерна нација на Северна Македонија – за да ги држи и Македонците и немакедонците во подредена позиција кон други земји и политички и инфраструктурно и енергетски и, со тоа, безбедносно и економски зависни и подредени, кон Белград и Москва/Пекинг виа Будимпешта.
Со сето ова во вид, „одложените клаузули“ на ВМРО-ДПМНЕ, писмата на ВЛЕН и останатите форми на „забава за народот“ се само прав во очите на сите (вклучително дипломатскиот кор) пред кои се одвива жестокото нарушување на интересот на македонскиот народ, националните приоритети на Северна Македонија па дури и темелите на државната безбедност, економско-енергетска одржливост и интегритет.
П.С. Во такви околности опозицијата нема право само да се занимава со себе за да не и пречи на Владата во спроведувањето на политики од штета за народот и нацијата.
Сите оние коишто од внатре го попречуваат процесот на консолидација во опозицијата ова всушност ги идентификува како:
– подизведувачи на политиките на оваа Влада за потчинетост на македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија и
– согласни со нашето одвојување од европската и евроатланската целина каде припаѓаме.

Back to top button
Close