Ендометриум – внатрешната обвивка на здодевното страдање
Ниту една жена не е грешка во системот, туку системот им греши на жените и тоа со милениуми
Пред некој ден ми се појави страв дека ќе добијам хронично заболување. Потоа се сетив – веќе имам! Слава му на Бога, имам ендометриоза! Си го престигнав стравот, можам да здивнам.
Што ли е ендометриоза?
Ендометриоза е хронична болест во која ткиво слично на внатрешната обвивка на матката почнува да расте надвор од неа. Може да се појави при првиот менструален циклус и да трае до менопауза. Симптомите, меѓу другото, вклучуваат неописливо ужасни болки, обилни крварења, умор, вртоглавици, повраќање и неплодност. Бидејќи ги засега и хормоните, болеста предизвикува и промени во расположението, а во некои случаи води и до депресија и суицидалност.
Ендометриозата различно се манифестира кај секоја жена. Некои се соочуваат со најлошите можни симптоми кои им го нарушуваат секојдневниот живот и прилично силно им удираат по џебот, а други можат „да поминат“ само со тежок ПМС, промени во расположение и повремени болки. Како и да ја свртиш топката, страдањето е тука. Но, најлошото е што за оваа болест нема официјален лек, а не се знаат ниту причините за нејзиното настанување.
Да ги направиме нештата полоши, според истражувања на СЗО, 10% од жените (околу 190 милиони) страдаат само од ендометриоза. Тука не се вбројуваат другите проблеми со репродуктивниот систем. Кај нас, за жал, не постојат (или барем јас не најдов) статистики на ниво на држава, но доколку го наострите увото кон чаршиските муабети, веднаш ќе чуете за барем еден случај на ендометриоза или, пак, друг вид проблем со репродуктивниот систем.
Симптомите навистина не се за потценување. Хроничните болки и недостатокот на опции за третмани принудиле многу жени низ светот да ги напуштат работните места, да не можат да најдат партнер ниту пак да имаат нормални сексуални односи, да се справуваат со психички проблеми, да бидат неправилно дијагностицирани, форсирано институционализирани и маргинизализирани.
Што вели Бог за ендометриозата?
Причината зошто голем број жени се соочуваат со репродуктивни проблеми е загатка за многумина. Загатка со која се чини како повеќе да се занимава „обичната раја“ отколку медицинскиот свет. Па така, некои од нас лаиците го вперуваат прстот кон нездравата исхрана, брзото темпо на живот, потиснатоста на емоциите, културата на молк и страв и загадениот воздух. Но има и други, поамбициозни, кои болеста ја поврзуваат со теории на заговор или, омиленото, казна од боговите поради менувањето на родовите улоги.
Да, навистина постојат такви и според нив, имам ендометриоза бидејќи не сум доволно „жена“. Искрено, потајно се надевам дека тоа е причината. Така барем ќе знам дека воздухот, водата и храната не ни се трули и дека проблемот лежи во добропознатото место – правата на жената. Во тој случај, лекот за ендометриоза би бил многу едноставен: да чистам, перам, климам со главата, да се облекувам во пристојни фустанчиња и да аплаудирам на успесите на маж ми.
Трагично, официјално најпрепорачаниот лек за ендометриозата е …. drum roll…. да затрудниш! Кога ја прашав докторката за втора опција, ми рече: Нема.
Ваквиот став кон болеста влијае врз емотивната состојба. Сум имала пар периоди во животот кога, поради моите полицистични и ендометрични јајници, сум се прашувала дали воопшто треба да постојам и да го продолжам семејното дрво. На почетокот се сметав за бескорисен генетски материјал, за исклучок и слични бедни симболики. Ги споделувам овие чувства бидејќи знам дека и други жени се соочуваат со истото. Тие дилеми се неизбежни, особено во свет кој со векови ти ја мери вредноста по твојата способност за раѓање.
Но, таквите психотично квази-христијански верувања никому не носат корист. Прашањата кои треба да се постават се сосема поинакви. Ниту една од нас не е грешка во системот, туку системот им греши на жените и тоа со милениуми.
Како им грешел системот на жените со ендометриоза низ историјата?
За оние кои сè уште мислат дека зголемениот број случаи на репродуктивни болести е казна од боговите поради „модерните жени“ или дека жените мораат да патат бидејќи така вели една стара библиска приказна, би сакала да го препорачам следното истражување – Endometriosis: Ancient disease, ancient treatment. Во него се испитуваат начините на кои биле толкувани и лекувани симптомите на ендометриоза кај жените во минатото. Изненадување: овие состојби веројатно постоеле отсекогаш, дури и пред Исус да зачекори на Земјата. Истражувањето сугерира дека слично како и денес, тие биле толкувани под влијание на сексистички предрасуди и желба за моќ.
На пример, во Античка Грција и Рим, менструалните болки биле опишувани како „загушување/давење на матката“, категоризирани под називот „hysterike pnix“, основа за понатамошната добропозната хистерија. Според некои списи, матката била гледана како посебно суштество кое било толку очајно за оплодување што предизвикувало болка и емотивна раздразнетост кај жените. Како и денес, и тогаш постоело верувањето дека жената мора да зачне што побрзо за да не пати од ужасни болки и симптомите на тогаш непознатата ендометриоза. Во истражувањето јасно се наведува дека е крајно поразително тоа што медицината и по два милениуми го нуди истото решение. Препораката за затруднување е митско верување кое не е поткрепено од медицински истражувања. Од ендометриоза патат и 14 годишни девојчиња, но и 40 годишни жени дури и откако раѓаат деца. Едноставно кажано, породувањето не е решение за оваа хронична болест, ниту пак немањето деца е причина.
Понатаму, истражувачите увидуваат дека одредени телесни појави во средниот век кои добивале натприродни објаснувања и биле причина за обвинение за вештерство, целосно се совпаѓаат со симтоми на ендометриоза. Коматозирање, повраќање, панични и анксиозни напади, тресење од болка, драстични промени во расположение и обилно крварење биле толкувани како поврзаност на жените со демонското. Замислете, додека жените биле избезумени од физичка болка, тие станувале дел од ритуали на егзорцизам, фрлани во ладни реки, боцкани со глупави игли, прекорувани, мачени и плукани.
Би било добро тука да застанеме, да земеме здив и да се запрашаме зошто светот на толку грозоморен начин се справува со болката, особено онаа на која не ѝ се знае причината?
Етикетата „хистерија“
Иако денес немаме вештерски судења, голем број истражувања покажуваат дека и современата медицина ја дискриминира жената и не ја сфаќа сериозно физичката болка. Пред неколку години, се крена јавната свест за тоа дека современите лекувања и експериментирања се фокусираат на машкото тело. Жените имаат потешкотии да ги најдат вистинските лекови и третмани бидејќи медицината со векови ги игнорира или мистифицира нивните тела. Се покажа дека и денес, повеќето клинички истражувања се прават врз машки субјекти и потоа резултатите се аплицираат и врз женските тела. Дополнително, постои и феноменот на „pain bias“ односно лажното верување дека жените ја преувеличуваат својата болка бидејќи се помалку толерантни – мит кој што е веќе побиен преку испитувања. Истражувањето Sex/Gender Biases in Pain Research and Clinical Practice открива дека „жени со хронична болка се често споредувани со мажи и се перцепирани како посензитивни на болка, поотворени да ја пријават болката, а некојпат дури и хистерични“.
Поврзувањето на физичката болка со хистерија кај жените не е нов феномен. Според гореспоменатото истражување, Endometriosis: Ancient disease, ancient treatment, повеќето случаи на дијагноза на хистерија во минатото биле случаи на нетретирана и недијагностицирана ендометриоза. Во 19-от век, самата хистерија се класифицирала како болест на матката со претпоставката дека жените се физички понежни и склони кон емотивна раздразнетост. На почеток на 20-от век, со појава на психоанализа, физичките симптоми целосно се поврзувале со психички состојби. Па така, илјадници жени со ендометрични симптоми биле институционализирани и прогласени за луди. Ужасните симптоми наводно се должеле на кревкиот женски дух и незадоволените сексуални потреби. Тоа е тој добропознат стар начин на размислување кој се базира на сексуализирање и објектификација на жената. Ги правеле да се чувствуваат луди во свет кој што целосно ги игнорирал нивните потреби и страдања.
Истражувачите велат дека ако нивните наоди се вистинити, ова би било „најколосалната, масовна погрешна дијагноза во човековата историја. Тоа би значело дека повеќевековното игнорирање на ендометриозата ги ставало жените во позиција да бидат убивани и институционализирани“.
Совети за крај (на првиот дел)
Минатото не е потопено само во црнила. Постоеле многу луѓе кои се труделе здраворазумно да ги објаснат ендометриотичните симптоми и да најдат причина и третман за оваа мистериозна состојба. Па така, ендометриозата како посебна дијагноза била теоретизирана во 1860 година, а требало да стасаме до 30-те години од минатиот век за сето тоа да се официјализира. Секако, ништо не се случува преку ноќ. Медицинскиот свет сè уште ќе се развива, откривајќи повеќе за хроничните болести, вклучувајќи ја и ендометриозата. Но, неоспорлива е врската помеѓу идеологијата на одредено општество и медицинските истражувања и толкувања. Како што би рекле истражувачите на Endometriosis: Ancient disease, ancient treatment:
„Нашето истражување откри дека теориите кои се користеле за да се конципира женската болест низ годините биле под силно влијание на културолошките сфаќања за болестите. Ова е потсетник дека медицинските верувања никогаш не се само продукт на објективната вистина, туку се еднакво подложни на менливите општествени норми. Исто така, забележуваме дека, на извесно ниво, болките во пелвисот со векови биле објаснувани преку претпоставената изопаченост на жените – нивното замислено лудило, слабост или промискуитет – која се манифестира преку необјасниви случаи на хронична пелвична болка“.
Секако дека во современието постои поголем број на луѓе кои се посветени на наоѓање на причини и соодветни решенија. Сепак, вистината е дека сме сѐ уште далеку од тоа објективно да ги чуеме жените кои страдаат од ендометриоза, без предрасуди и митолошки потсвесни верувања. Дополнително, денешната состојба со дијагностицирање и третирање на ендометриоза воопшто не е сјајна. За актуелната состојба, како и за реалните искуства на жени кои патат од ендометриоза, ќе зборувам повеќе во вториот дел од текстот.
Во меѓувреме, ве советувам дека клучот за подобрување е во кршење на табуата и пркосење на молкот. Затоа, не ја кријте својата болка и немојте да мислите дека претерувате. Верувајте му на своето тело. А да, и следен пат кога ќе ви кажат дека причината за вашата репродуктивна болест е тоа што не сте родиле деца или тоа што сте маженствена (навистина се случува да ги добиете овие коментари), само пратете им линк од истражувањето за третманот на ендометриоза низ историјата. Можеби некој од нив ќе го прочита.
Филипа Сара Попова
Референци:
World Health Organization: WHO & World Health Organization: WHO. (2023). Endometriosis. https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/endometriosis (пристапено на 04.09.2024)
Nezhat, Camran et al. (2012). “Еndometriosis: ancient disease, ancient treatments”, in Fertility and Sterility, 98 (6). https://www.fertstert.org/article/S0015-0282%2812%2901955-3/fulltext (пристапено на 04.09.2024)
International Association for the Study of Pain. (2024). Sex/Gender Biases in Pain Research and Clinical Practice – International Association for the Study of Pain (IASP). https://www.iasp-pain.org/resources/fact-sheets/sex-gender-biases-in-pain-research-and-clinical-practice/?fbclid=IwY2xjawFEj3hleHRuA2FlbQIxMAABHQZQcw0vaeGwLrsRoBpahb-Grp3WUDcgGdruD16OfN73MPVxXNlydgn6Kw_aem_w-FUN-13_i13_neYFyNerw
Billock, J. (2022). Pain bias: The health inequality rarely discussed. https://www.bbc.com/future/article/20180518-the-inequality-in-how-women-are-treated-for-pain (пристапено на 04.09.2024)
Извор: Медуза