Луд и мудар

Почитувани читатели, чувството дека живееме во ирационален, паралелен свет е сѐ поинтензивно. За жал, плаќаме голема цена за двојните аршини и забошотени законски регулативи.

Денес ќе се осврнам на нашата Македонија од почетокот на осамостојување во 1991 година, до ден денешен.

Крвавиот распад на бившата СФРЈ денес е минато. Сите бивши ЈУ републики се самостојни држави кои што денес наместо СФРЈ ја гледаат својата иднина во уште поголема заедница, а тоа е Европската Унија.

Најнапред едно прашање да поставам, дали беше потребно да се распадне СФРЈ, за да денес, некои од некогашните нејзини републики, бидат членки на ЕУ, како што се Словенија и Хрватска, а останатите 4 републики, денес држави, сѐ уште мака мачат да станат дел од оваа унија. Да не заборавиме, уште во времето на последниот премиер на СФРЈ, Анте Марковиќ, ни беше понудено од тогашната европска заедница како сојузна држава да се вклучиме во оваа заедница.

Жално е што господинот Анте Марковиќ веќе го нема. Беше победен од лудите националисти, како Милошевиќ, Туѓман и сличните на нив. Национализмот беше посилен, отколку интересот сите бивши републики од СФРЈ да бидат членки од тогашната Европска заедница, а денес Европска Унија. Очигледно е дека лудиот го победува мудриот. Да биде појасно, доколку бившата СФРЈ станеше дел од тогашната Европска заедница, а денес Европска Унија, Република Македонија ќе ги немаше проблемите со нашите соседи, Грција и Бугарија. Ниту ние Македонците, со нашата национална посебност, немаше да дојдеме до овој паралелен, ирационален проблем.

По распадот на СФРЈ, Македонија стана самостојна независна држава, со кревка економија. Амбициите на завојуваните страни во Балканските војни меѓу Србија, Бугарија и Грција, во почетокот на минатиот век повторно се разбудија.

Нашиот заеднички живот во бившата федерација ги освестија Србите и српската политичка врхушка дека ние Македонците и Македонија не сме ниту Срби, ниту припаѓаме на српската држава. Меѓутоа, амбициите на Грција и Бугарија во континуитет се зголемуваат. Грците по секоја цена сакаа да ни го сменат името на државата, бидејќи се свесни дека без Античка Македонија целата нивна историја може да биде осакатена.

Бугарите никако не можеа да се разделат од сопствениот сон за голема Бугарија, во која што Македонија е само дел од нивната држава, а ние Македонците сме Бугари.

Во првите години на нашето осамостојување, Македонија правеше напори час поскоро да влезе во Европската Унија. Го направивме како држава и првиот чекор за приближување на расчистување недоразбирања со соседна Грција, заменувајќи го националното знаме во 1993 година. Знамето на Вергина го заменивме со денешното актуелно знаме, за да му се додвориме на нашиот јужен сосед.

Очигледно, тој наш исчекор не беше прифатлив за нашиот сосед Грција и блокадата траеше сѐ до моментот додека не станавме Северна Македонија.

Првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров ја почувствува агресивноста од нашиот јужен сосед, кој се потруди да нѐ блокира за да не влеземе во сите светски институции вклучувајќи ги и Обединетите нации. Тој ја разбра пораката од Атина дека ќе нѐ блокираат секаде на нашиот пат доколку опстоиме со нашето уставно име Република Македонија.

Тој го воведе и терминот на еквидистанца со сите наши соседи, што значи голема претпазливост во преговорите во градењето на нашите добрососедски односи.

Умееше да каже дека не сме економски силна држава и дека немаме многу држави-пријатели низ светот кои што би застанале на наша страна и дека е потребно ние граѓаните на Република Македонија да издржиме во преговорите со нашите соседи, со истовремено јакнење на економската сила на државата и создавање на нови пријателства со независните држави низ светот.

Повеќе или помалку овој концепт на првиот претседател Киро Глигоров беше почитуван од највисоките политички структури кои владееа со Македонија сѐ до 2017 година.

Избрзаното решавање на односите со соседите Грција и Бугарија, од страна на бившиот премиер Зоран Заев, е вистинскиот проблем со кој денес се соочуваме сите ние , граѓаните и владите на Република Македонија. Преспанскиот договор се потпиша брзоплето, без отворена дискусија меѓу граѓаните и партиите, спротивно на резултатите од референдумот.

Очигледно нашите соседи Грција и Бугарија чекаа да исплива политичар со многу сомнителни државнички квалитети, како што е Зоран Заев, за да ги реализираат своите желби и политички агенди. На идентичен начин господинот Заев потпишува договор со соседна Бугарија за добрососедство, каде го продава македонскиот национален идентитет. Цената за сите овие грешки на господинот Заев ја плаќаме сите ние, граѓаните на Република Македонија.

Ваквите непромислени или можеби свесно промислени грешки од страна на господинот Заев за мене претставуваат чин на предавство. Жално е што немаме одговорност како држава да ги санкционираме чинителите на лошите државнички потези од страна на одредени политичари. Сѐ уште економијата ни е кревка и како самостојна држава не можеме да се пофалиме со голем број на вистински пријатели низ светот, особено во ЕУ.

Денес се поставува суштинското прашање, како да се исправат направените грешки со нашите соседи Грција и Бугарија. Историјата памети невозможни случувања, а за таквите да се случат потребни се искусни и мудри политичари и секако, долг временски период.

Денешната колумна под наслов ,,Луд и мудар”„ е посветена на две личности: Зоран Заев и Киро Глигоров. Илјадници мудри луѓе не се во состојба да ги исправат грешките на еден луд поединец. Потребна е посветеност, истрајност и време.

Новата влада која што е оформена пред 4 месеци го нема волшебното стапче во своите раце, за да ги реши сите грешки направени од претходната власт. Ние Македонците се спротивставивме на бугарскиот диктат по кој Бугарите, кои се на број 3.500 во Република Македонија, да ги внесеме во нашиот Устав.

Жално е што зад овој бугарски диктат стои целата Европска Унија. Компромис мора да се бара на достоинствен начин, не со ,,виткање кичма”, а за тоа е, повторувам, потребна сериозна мудра посветеност, истрајност и многу време.

Членството во ЕУ е наш приоритет, ама не по секоја цена. Преговорите со ЕУ е двонасочен интерес и ние како држава мора да пораснеме во сите сфери на нашето живеење и бидеме вистински партнери. На ЕУ ѝ се преку глава питачење и клечење, бидејќи истата се соочува со сериозни економски проблеми кои што го загрозуваат нејзиниот натамошен опстанок и развој.

Ние мора да направиме нашата држава да биде функционална, по европски терк, со базични вредности како што се владеење на правото и градење на сопствена силна економија.

На крајот завршувам со предлог до сите граѓани на Република Македонија: имајте трпение кон новата владеачка гарнитура, дајте им простор и време за да ги решаваат економските проблеми, да ни ја вратат правната држава на нас граѓаните и да се потрудат да му објаснат на светот дека непромислените политички одлуки со нашите соседи Грција и Бугарија мора да се разрешат на достоинствен начин.

Трифун Костовски

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close