Судскиот и Советот на јавни обвинители велат дека нема ништо незаконско во номинациите на нивни членови во Управниот одбор на АСЈО

Во однос на членот 44 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, кој забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член од орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, од Судскиот совет велат дека тој во конкретниот случај не може да се примени

Заради надминување на изнесените дилеми, оттаму велат дека веќе започнале постапка за изготвување подзаконски акт, со кој ќе се регулираат условите и постапката за сите номинации кои се во надлежност на Советот

Судскиот и Советот на јавни обвинители денеска преку соопштија објавени на нивните веб-страници одговорија на реакциите во јавноста во врска со номинирањето членови на овие две тела во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Оттаму велат дека нема ништо незаконито во нивните одлуки и оти номинацијата на нивните членови била извршена транспарентно на јавни седници.

Реакциите на Судскиот и на Советот на јавни обвинители следуваат откако дел од политичките партии, но и невладиниот сектор излегоа со забелешки на тоа што за членови на Академијата се предложени актуелни членови на овие две тела, што според нив, е во спротивност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Според Судскиот совет, ваквите негативни ставови во врска со конкретното прашање не само што не кореспондираат со реалноста туку предизвикуваат перцепција дека Советот донел незаконита одлука.

„Судскиот совет на транспарентен и отчетен начин, на јавната седница одржана на 24.10.2024 година изврши номинација на членови на Управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите кои се членови на Судскиот совет. На седницата беа истакнати аргументи и дадено образложение кои се во насока на законитоста и оправданоста на таквата одлука, односно номинација, а истото беше сторено пред присутната јавност на седницата“се вели во соопштението на Судскиот совет.

Во однос на членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси кој забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член од орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, од Судскиот совет велат дека тој во конкретниот случај не може да се примени.

Образложението на Судскиот совет е дека членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица, а во поткрепа на законитоста на нивната одлука, велат е и досегашната пракса.

„Неспорно е дека Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители одлучува по приговори на кандидатите во АСЈО, кои по завршување на Академијата ги избира Советот, но неспорно е и дека во постапката за избор учествува и Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој одлучува по жалби на неизбраните кандидати кои завршиле Академија. Значи ли тоа дека во случајов е незаконита и номинацијата на судија од Врховниот суд за член на Управниот одбор во АСЈО поради судир на интереси?“,велат од Судскиот совет.

Заради надминување на изнесените дилеми, оттаму велат дека веќе започнале постапка за изготвување на подзаконски акт, со кој ќе се регулираат условите и постапката за сите номинации кои се во надлежност на Советот.

Инаку, за членови на Управниот одбор на АСЈО, Судскиот совет на седницата на 24 октомври ги номинираше членовите на Советот, Антоанета Димовска и Ханиф Зендели, а за нивни заменици се номинирани Тодор Поп Панев, судија на Апелацискиот суд Штип и Емељ Кранли Али, судијка во Основниот суд во Ресен.

„Советот смета дека не постои законска пречка за номинација на членовите и замениците во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Номинираните членови се од редот на јавните обвинители согласно Законот. Не само членовите на Советот, туку сите судии и јавни обвинители се избрани и именувани лица, а голем број од нив членуваат во Комисии и тела на Академијата . Исто така, членови на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и досега биле членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а член има и во актуелниот состав, па за целиот овој период од надлежните институции не е констатирана забрана, ниту судир на интереси. Надлежностите во двете институции не се преклопуваат и не предизвикуваат состојба на судир на интереси согласно законската дефиниција од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, туку создаваат обврска да се внимава на потенцијален судир на интереси која законска обврска ја имаат сите носители на јавни функции при нивното работење“,се вели во соопштението од Советот на јавни обвинители.

Изминатите неколку дена овие две тела се цел на жестоки критики на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои преку соопштенија и прес-конференции, освен за незаконитоста во номинирањето членови во Управниот одбор на АСЈО, тврдат дека во случајот прсти замешала и политиката, притоа посочувајќи на опозицискиот СДСМ.

Во тој контекст, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека номинираната членка на Судскиот совет Антоанета Димовска е сестра на експратеничката на СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева. Дополнително, на прес-конференција денеска, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков рече дека и номинираната заменичка на Димовска, Емељ Кренли Али е братучетка на Ветон Кранли, кој, како што кажа пратеникот, бил началник на оддел за организиран криминал за време на министерувањето на Оливер Спасовски во МВР и негова десна рака.

И премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот на собраниската седница за пратенички прашања најавувајќи дека од неделава во координација со министерот за европски прашања, министрите за надворешни и внатрешни работи, правда и сите други засегнати ќе започне консултации за темелни реформи во Судскиот совет, како примери за лошата состојба во правосудството ги наведе случаите со именувањата на Димитриеска и Димовска за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Идната недела ќе почнат консултациите за темелни реформи на Судскиот совет, најави Мицкоски

Инаку, за нивното назначување минатата недела реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“, од каде што посочија дека ваквото постапување на Судскиот и Советот на јавните обвинители претставува сериозен ризик од корупција и судир на интереси.

„За ова правно прашање, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), повикувајќи се на овој член од Законот, во 2022 година има дадено упатство за постапување во кое е наведено дека постои судир на интерес токму во ваквите ситуации кога членовите на Судскиот и Советот на јавните обвинители извршуваат и други јавни функции“рекоа од „Сите за правично судење“ преку писмено соопштение.

Членови на Судскиот и Советот на јавни обвинители се избрани и за членови во Управниот одбор на АСЈО, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“

Back to top button
Close