Нема незаконско постапување, позадината на кривичната е лукративна, реагира Петровска
Стојам зад одлуките кои сум ги носела и нема никакво незаконско постапување. Преговарав со сите синдикати и успеавме да усогласиме нов колективен договор. Позадината на оваа кривична пријава е лукративна и таа не ги решава проблемите со кои се соочува подносителот кои се од лична материјална природа.
Вака реагира поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, откако Независниот синдикат на професионални војници (НСПВ) поднесе кривична пријава против неа, поради сомнение дека ја злоупотребила својата службена положба, со тоа што го спречила синдикалното движење и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата.
–И како министерка, но и сега се грижев и се грижам за угледот на Армијата и од тие причини нема да изнесувам детали, со оглед на тоа дека Насковски е нејзин припадник, но бидејќи ја знам позадината, а таа е далеку од законите ќе поднесам граѓанска тужба за клевета и нарушување на мојата чест и углед – вели Петровска во изјава за „Фокус“.
Инаку, од НСПВ сметаат дека во периодoт од 1 декември 2023 до 28 мај 2024 година Петровска го сопрела функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи, ја сопрела уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на МО и го замрзнала членството, со што, велат од таму, го спречило синдикалното движење на Синдикатот.
Воедно, претседателот на Синдикатот, Александар Насковски, истакна дека ќе излезат на протести пред Владата ако, како што вели, блокирањето и криминалот врз Синдикатот не се сопре во најкраток можен рок. Тие се обратиле и до актуелниот министер Владо Мисајловски и до претседателката и врховна командантка на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова , но тврдат дека биле игнорирани и не добиле никакви одговори.