Ќе се градат когеративни централи, за да се намали аерозагадувањето, најави премиерот Мицкоски
Владата веќе работи да се изградат когеративни централи за затоплување на неколку локации, со цел да се намали аерозагадувањето во Скопје, но и во другите градови во земјава, откри денеска премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарско прашање во врска со обвинувањата од опозицијата дека Владата ништо не презема за справување со аерозагадувањето.
Премиерот Мицкоски истакна дека оваа порака шокира од страна на опозицијата, бидејќи како што рече „седум години буквално камен на камен не ставија, ако се зафатеја да работат нешто можеби до ова и немаше да дојде, односно можеби ќе беше поинаку“. Забележа дека на намалувањето на аерозагадувањето работат интензивно, а најголемиот фактор за загадувањето е токму затоплувањето на домовите со дрва, масло, стари плакари и друго, а токму ова е 60% од причините за загадувањето на воздухот. Посочи дека како Влада се во потрага по партнери за изградбата на корегативни централи.
-Ние сме сега во потрага по партнери, коишто на основа на пазарни услови, а не на привилигирани, како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем за затоплување на нашите домови, а кој што ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно корегативни централи, кои ќе произведуваат и електрична енергија и гас. Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека барем за 60 проценти ќе биде намалено загадувањето и почнуваме тоа да го развиваме, изјави Мицкоски.
Посочи дека со овие инвестиции ефектите ќе се почувствуваат за три до четири години.
-Но, ова е единствениот начин како веднаш да реагираме и да направиме нешто со коешто ќе успееме да го подобриме квалитетот на воздухот. Нема друг начин, магија не постои, чудо не постои, денес ако почнеме тоа да го работиме и развиваме, а веќе го развиваме резулатите за три до четири години ќе ги очекуваме. За жал минатите седум години ништо не направија, изјави Мицкоски. вд