Пештера на киклопи

Се поинтересно станува како тоа еден универзитетски професор, и тоа од областа на hard science, а сега и во својство на Премиер, успешно жонглира со употребата на поимите: “мерит систем”, “компетентност”, “стручност”, “надпартиски”, “професионално”…

Cupeska

А, за волја на вистината, зачестеноста во експлоатацијата на овие термини (изговорени се безброј пати) ми дава за право да поверувам дека би можел и повеќе од ова – маратонски да бруси. Но, за жал, денот трае само 24 часа па покрај неговите медиумски изјави, набилдани со популарни фрази, сепак, мора да слушнеме и по некоја временска прогноза.

Фасцинирана сум, навистина, од самодовербата и начинот на кој ги раскажува овие мечти, и самиот како да верува во нив. Вергла ли вергла (мерит систем, правда, владеење на право, компетентност, професионалност); човек да помисли дека штотуку се разбудил од шестмесечна кома; и тоа не каква било кома, туку општонародна кома во која. Пола гледам, пола слушам, ништо не чувствувам, а можеби и не. Да не знае човек каде и кога се разбудил. Како да сме среде езотеричен сон наменет за некакви паранормални и транцедентни искуства. Или, како да сме во некоја митолошка приказна: Пештера на Киклопи… А , во неа на некои им се прогледува низ прстите, а за другите слепи сме. Едното окце, на челото, некогаш гледа бистро , друг пат блурирано.

Настрана фантазијата, секој би рекол.

Но, извинете, немам други паралели, кога вака сум предизвикана овие појавности, затоа што Премиерот, се однесува малце чудно… Говори, како да е сеуште во опозиција, и ја критикува актуелната “опозиција”, како да е таа сè уште власт. Се чини, како да не разбира дека сега улогите се променети, а со тоа драстично се променети и одговорностите – поименично, по должност и по однос на надлежност, впрочем.

Лично, претходно, сметав дека ваквото однесување беше одраз на некој пролонгиран флеш бек после изборите, и дека барем до 100-те дена ќе заврши со тоа, но, напротив, обратното се случи; се инсистира на оваа тактика.

Упорно се сее заблуда дека власта не е власт… И за други слични парадокси и амбивалетни искази, испразнети од значење, сведочиме често, а особено кога Премерот ќе каже : “никогаш”; “час поскоро”; ” со искуство е” ,” професионализам”. Секојпат , имено, излага, тотално обратно. Како да има некој свој субјетивен внатрешен живот на специфична антонимија; која само он си ја користи и ја разбира: “никогаш” (Северна) значи “засекогаш” или се изобличува во : ” тоа е факт/реалност/ уставот мора да се почитува”. Кога кажува “час поскоро” , веројатно мисли на нешто “долго како вечноста” , а кога ќе каже “да му дадеме време на времето” – мислам дека му значи, “никогаш”. Уживам да го слушам кога зборува за професионализам, компетенција, мерит систем, но, сепак, човекот изгледа мисли на “лојалните кадри”.

Не знам како се именува оваа појавност врзана за вакви субјективни антонимии… Можеби, лицемерие, демагогија или нешто слично.

Не е ни важно.

Го видов она писание, што е насловено Лична Биографија на популарната членката на УО на АЕК. Зарем е можно, еден магистер, човек со научно звање; за позицијата што конкурира, а за која има пропишано јасни законски услови, од аспект на спецична КОМПЕТЕНТНОСТ, да биде наведено дека знае интернет и ворд ? !

Па извинете, ама ако е ова мерит системот за кој се залагавте, изгледа дека имаме проблем со базичното разбирање на некои термини и нивнa бестијалнa злоупотреба.

И, таман се понадевав дека, после онаа противзаконска и фалсификаторска катастрофа со назначување на директорот на АНБ, ќе се прогледа, и ќе се ретерира од едноочното и едноумното согледување на работите, еве сега уште еден нов бисер; best case example за “мерит” системот.

Мили мои, да живеевме во митолошкиот свет, сигурно тоа ќе беше некоја Пештера на Киклопите.

Немам други асоцијации за овие настраности, сем вакви, митолошки и нестварни.

Ана Чупеска

 

Back to top button
Close