Телеграм – рајот на проруските канали, мобилизира српски националисти за Косово

Автори: Гентијана Пачаризи и Уран Хаџа, Центар против дезинформации центар на Западен Балкан

Последователните кризи во општините со српско мнозинство во Косово од 2021 година особено служеа за активирање на националистички содржини на овие канали (на Телеграм). Овие канали послужија и како простори за мобилизирање за последната блокада со барикади на граничните премини на Косово со Србија на почетокот на септември.

Каналите кои споделуваат содржини за Косово меѓусебно се поддржуваат преку повторно споделување на постовите на едни со други, зголемувајќи ја видливоста на содржината. Освен за Косово, тие имаат слична содржина и за други теми: успесите на Русија во војната во Украина; „терористичките“ акции на Украина против Русија; пропаганда против НАТО, Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ), западните земји и Украина.

Едно објавено истражување во јуни оваа година од Детектор, беа издвоени 23-те најпопуларни канали на Телеграм на српски и руски јазик кои ги следи публиката од Западен Балкан. Вториот најследен канал, „Бунт је стање духа“ („Бунтот е состојба на умот“), го има Косово како една од клучните теми на своите објави.

Извор: Телеметрио, податоците се добиени на 8 септември 2024 година

 

Според ова истражување, овие канали забележале огромен раст на бројот на членови по руската инвазија на Украина во 2022 година. Се чини дека инвазијата на Украина беше пресвртница за засилување и зголемување на националистичкото чувство за „Голема Србија“.

Според Стефан Јањиќ, професор по новинарство во Нови Сад и главен уредник на сервисот за проверка на факти во Србија „Fake News Tragac“, по руската инвазија на Украина, кога русофилските кругови во Србија веруваа дека претседателот Владимир Путин ќе го окупира Киев за неколку дена, постоеше идеја дека „позициите на геополитичката моќ се менуваат“ и дека „новата ера“ ќе овозможи враќање на Косово во границите на Србија.

Сепак, дури и оние кои ја пропагираа оваа идеја не веруваа во неа, но таа многу добро се вклопи во претходните наративи за нов поредок, со Трамп, Путин, Орбан и Ле Пен како нови лидери, рече Јањиќ.

Извор: Телеметрио, податоците се добиени на 8 септември 2024 година

 

Речиси секој канал што го анализиравме: „Бунт је стање духа“, „Коридор“, „Бункер“, „Српска Спарта-инфо“, се состои од поединци со силни националистички тенденции, длабока поврзаност со историските наративи за виктимизација и верба во вродената големина на Србија. Многу од нив се поврзани со конзервативни или религиозни идеологии, гледајќи се себеси како бранители на нивната култура и вера против перцепираните надворешни закани, особено од Западот и соседните нации.

Извор: Телеметрио, податоците се добиени на 8 септември 2024 година

 

Мобилизација за „Голема Србија“

Со преку 36,000 објави, околу 20 дневно, 160 месечно, каналот  „Бунт је стање духа“( во натамошниот текст скратено – БУНТ), споделува фотографии, видеа и објави за Косово, Србија, Украина, Русија, а понекогаш и за други земји од Западен Балкан.

Наративите се конзистентни: негирање на државата Косово, оправдување на војната на Русија во Украина, мобилизација против Западот, промовирање на српско-руското братство и „Голема Србија“. Како што вели слоганот кој што од време на време се повторува на каналот: „Сè е Русија, освен Косово, Косово е Србија“.

„Кога војската ќе се врати во Косово“. Фотографијата е преземена од каналот БУНТ.

 

Според каталогот на Телеграм канали – Телеметрио,, во септември каналот БУНТ имал околу 86,500 членови, додека нивните објави достигнале до 18,000 прегледи за 24 часа или во просек 700 луѓе реагираат на нивните објави. Исто според Телеметрио, околу 916 канали го споменале овој канал или повторно објавиле содржина од БУНТ. Ова сведочи за многу поширока мрежа на канали кои се меѓусебно поврзани и одржуваат слични наративи отколку што може да се следат во овој момент.

Позиционирајќи го каналот како место каде што нема цензура, дневните објави за Косово се вртат околу неколку клучни теми: духовната врска со Косово, што според нив е нивната поврзаност со рајот; враќањето на војската и на Србија на Косово; и тврдењето за прогон на српската заедница во Косово од страна на „албански терористи“. Овој канал станува особено активен околу Косово кога политичките кризи го вклучуваат делот населен со Срби.

Во едно интервју за Klix.rs, на 7 јули годинава, член на тимот на БУНТ рече дека „Косово и Метохија се нашата духовна, културна, историска лулка и поврзани со небото. Во нашиот симбол на БУНТ, трите споени прсти од десната рака го симболизираат Светото Тројство и желбата да се зачува и исполни српскиот аманет. Затоа: „Ако те заборавам Косово, нека ме заборави мојата десна рака…“

Конзистентен наратив во БУНТ и другите канали е враќањето на „Голема Србија од Задар (Хрватска) до Скадар (Албанија)“. Во истото интервју соговорникот вели дека главниот мотив на 10-те луѓе кои стојат позади каналот е „нашите татковци и дедовци кои се бореле за оваа земја, вклучувајќи ги и сите српски територии од Задар до Скадар… ние немаме право да изгубиме сè“. Тој напомена дека најголемиот дел од нивните членови потекнуваат од Централна Србија, но голем број доаѓаат и од Косово.

Покрај виртуелната мобилизација за косовското прашање, на овој канал членовите се мобилизираат и за акции во Белград и во други земји од Западен Балкан со српско население за одбрана на српската заедница на Косово.

На пример, на 24 февруари оваа година, каналот БУНТ објави фотографии од протестот што го имаше организирано во Белград за поддршка на српската заедница во Косово. Неколку десетици луѓе продефилираа низ улиците на Белград држејќи карти со различни слогани поврзани со Косово. Еден гласеше „Не го даваме Косово“, каде знамето на НАТО беше нацртано на дното со црвена линија за застанување погоре. Знамињата што ги вееја ја покажуваа мапата на Косово во боите на српското знаме и руското знаме со злогласната буква „З“ додека во песните во позадина се пееше за Косово.

Фотографии од протестот организиран во Белград за поддршка на „народот на Косово и Метохија“. Фотографиите се преземени од каналот БУНТ

 

Симболот „Z“ првпат го привлече меѓународното внимание кога почна да се исцртува во бела боја на руските воени возила во првите недели и месеци од инвазијата на Украина што започна во февруари 2022 година. Симболот „Z“ продолжува да ја симболизира поддршката за рускиот претседател Владимир Путин и неговата војна. Истиот симбол беше забележан на северот на Митровица за време на насилните протести во мај 2023 година во општините со српско мнозинство.

Според Рамадан Иљази, експерт во Центарот за безбедносни студии (КЦБС), Косово стана место за средба на Русија и десничарските екстремисти во ЕУ, кои застапуваат ксенофобични и расистички ставови.

Ранливоста на Косово и на регионот во однос на етно-политичката радикализација е главно поврзана со нерешавањето на конфликтот меѓу Косово и Србија и недостигот на соочување со минатото, особено во Србија. Имаме сосема спротивни наративи за минатото и оваа ситуација продолжува да ги зголемува тензиите во општествоторече Илази.

Според него, нормализацијата на односите Косово-Србија е од суштинско значење како за евро-атлантските интеграции на Косово, но во поголема слика, и за избледување на влијанието на Русија во регионот.

Слоганите на овој протест се поклопуваат со графитите и написите кои се споделуваат на каналот БУНТ и на другите канали, каде една од главните теми е Косово. Исто така, националистичките и воинствените графити што се појавуваат во Србија, Косово и Босна и Херцеговина се конзистентни со слоганите што ги користат овие канали за да ги поттикнат националистичките чувства на нивните членови. Ова јасно покажува дека активностите на овие групи не остануваат само во виртуелниот свет на Телеграм, туку се појавуваат и во реалниот живот.

На 28 јули, каналот „Храбро за Космет!“, го објави графитот „Приказната е тешка, но мора да успее. Од градот Призрен до Република Србија“. На 12 август, чија објава ја сподели БУНТ и другиот канал „Бункер Срб“, беше повикано слични графити да се цртаат во сите српски „држави“. Тие известуваа, со фотографии, дека, досега, графитите биле исцртани во Белград, Бјелина, Крушевац, Приједор, Чачак и Параќин. На една фотографија, покрај графитот некој држи знаме на НАТО на кое е нацртан знакот за забрана, каде што е напишано „Fuck NATO“.

„Приказната е тешка, но мора да успее. Од градот Призрен до Република Србија“, графити кои се појавија на Косово и во уште неколку земји на Балканот. Фотографиите се преземени од каналот БУНТ.

 

Вмрежувањето меѓу каналите кои користат српски јазик со просрпски и проруски наративи најдобро се покажа во нивната координација за „заштита на српската заедница на Косово и Метохија“, како и при организирањето на блокади на граничните премини меѓу Косово и Србија на 6 септември.

 

Мобилизација за „заштита на српскиот народ“

Од почетокот на годинава кога владата на Косово изведе акции во општините со српско мнозинство на Косово за отстранување на паралелните српски структури, забраната за употреба на динарот како валута и отворањето на албански бизниси во тој дел на северот, објавите во БУНТ ја прикажуваат ситуацијата како воена состојба, каде што „албанските терористи“ со „долго оружје“ го „окупираат“ северот, ја напаѓаат српската заедница и објектите како болници, училишта и поштите.

Според Иљази, ситуацијата на северот на Косово е особено чувствителна на овие кампањи, кои можат да претставуваат претерани настани со цел да предизвикаат насилни реакции, било од Србите или од Албанците кон Србите.

Поради недостигот на доверба во безбедносните власти на Република Косово на север и нивните слаби односи со заедницата, манипулацијата и употребата на социјалните медиуми за цели на дестабилизација стана уште полеснарече Иљази.

Додека БУНТ претежно реобјавува содржини од другите два канали „Бункер“ и „Ходник“ за секојдневните случувања на северот, овие последните заедно со „Српска Спарта инфо“, преку фотографии, видеа и повици за мобилизација служат како прв извор на содржините за Косово. Од видеата и фотографиите од општините со мнозинско српско население може да се забележи дека тие се направени од таму, што покажува активна вклученост на српските граѓани од Косово во овие канали.

Во описот на каналот „Бункер“, основан во март 2023 година, пишува дека фокусот е на „Актуелните настани со фокус на Косово и Метохија“. Според Телеметрио, за година и пол овој канал има собрано околу 17,000 членови, а нивните објави достигнуваат и до 6,000 прегледи за 24 часа. Со околу 20 објави дневно, според Телеметрио, околу 167 канали го споменале овој канал или повторно објавиле содржина од „Бункер“.

Ист фокус на Косово  има и каналот „Српска Спарта инфо“. Основан во мај 2023 година, овој канал собра близу 14,000 членови до септември, а нивните објави достигнуваат до 4,000 прегледи за 24 часа. Околу 122 канали го споменаа овој канал или повторно објавија содржина од „Српска Спарта Инфо“.

Во меѓувреме, другиот канал „Ходник“ отворен во април 2023 година, релативно помал од БУНТ и „Бункер“, според Телеметрио, имал нешто повеќе од 7,000 членови во септември, со близу 4.000 прегледи за 24 часа и 10 објави на ден. Содржината на овој канал е споделена или спомната на 57 канали.

Содржината во „БункерСрб“ и „Ходник“ е слична на БУНТ, но фокусот на Косово е поистакнат. Во последните денови од август владата на Албин Курти презеде акција за затворање на паралелните српски општини. Овие канали ја нарекоа „окупација“ на северот од „албанските терористи“ и повикаа на мобилизација на „народот на Косово и Метохија“.

Кога на 31 август во медиумите на албански јазик во Косово беше објавено дека на мостот на Ибар биле стационирани италијанските карабинери, кои потврдиле дека нивното присуство е дел од вежба, а не во контекст на најавите за отворање на мостот, на овие канали беа споделени фотографии и видеа кои не го спомнуваа делот со вежбата, туку придонесуваа за врамување на ситуацијата на северот на Косово како воена состојба.

Кога бизнисите во сопственост на Албанци почнаа да се отвораат на северот на Косово, овие канали повикаа на масовен бојкот од страна на српската заедница. Притоа, преку овој канал им се заканија на граѓаните, велејќи дека доколку ги видат како пазарат во маркетот „Меридијан“ ќе бидат фотографирани и казнети.

Но, мобилизацијата и вмрежувањето на овие канали стана уште позабележително кога на крајот на август беа упатени повици за блокирање на граничните премини меѓу Косово и Србија.

Во четирите канали БУНТ, „Ходник“, „Бункер“ и „Српска Спарта инфо“, на почетокот на септември беше објавен повик за мобилизација за затворање на граничните премини во Брњак, Јариње, Мердаре, Кончул и Кула на 6 септември, според нив, до „конечното заминување на терористите на Курти од северниот дел на Косово во јужниот дел преку Ибар“. Повикот е организиран од Организацискиот одбор за блокади во Србија, но не може да се потврди дали админите на овие канали се дел од овој одбор.

Во соопштението се вели дека превоз ќе биде обезбеден од Белград, Нови Сад, Смедерево, Крагуевац, Ниш, Крушевац, Врање и Рашка. Објавата повикува на помош на „нашите браќа и сестри во Косово и Метохија“.

На каналот „Српска Спарта Инфо“, на 3 септември, беше објавено дека организаторите на блокадата поднеле барање до МВР на Србија протестот да се одржи на граничните премини со Косово. Нивниот првичен план беше протестот да започне во 18 часот, а демонстрантите да се менуваат на секои 12 часа, при што би им било понудено место за спиење во едно училиште во близина на Мердаре, како и оброк. Преку различни објави, поддржувачите беа повикани да донесат шатори, храна и се друго што можат да донесат. Повикот се оправдуваше со „теророт“ низ кој поминува локалната српска заедница на Косово. Според објавите, локалните српски граѓани на Косово нема да учествуваат поради опасноста со која може да се соочат од косовската полиција. На протестот би учествувале граѓани од централна Србија, Црна Гора и Република Српска.

На 4 септември, за блокирање на граничните премини повика и Раша Ројевиќ, претседател на таканареченото „Здружение на граѓани на косовско-митровачкиот округ“. На овој повик одговори КФОР, повикувајќи да се избегнат дејствија кои можат да создадат непотребни тензии. Министерството за надворешни работи на Косово ги повика граѓаните на Косово кои планираат да транзитираат низ територијата на Србија да ги избегнуваат премините меѓу Косово и Србија поради најавената блокада.

Блокадата започна во 18:00 часот во петокот на 6 септември. На овие канали беа споделени видеа и фотографии од блокираните гранични премини, како и нивните барања. Министерството за внатрешни работи на Косово и медиумите во Косово објавија за маскирани лица кои застануваат и враќаат автомобили и камиони. Косово ги затвори граничните премини во Јариње и Брњак.

Но, блокадата не траеше долго. Од наредниот ден, граничните премини беа слободни. Пораката што кружеше на сите три канали беше дека организаторите на блокадите решиле да си заминат бидејќи блокирањето на граничните премини ќе претставува проблем за работниците и студентите кои патуваат, како и за граѓаните кои морале да ја преминат границата со Косово заради здравствени услуги. Според организаторите, тие го одредиле 1-ви октомври како краен рок за исполнување на нивните барања, а доколку не се исполнат на 1-ви октомври би организирале порадикални мерки за блокирање на граничните премини.

Во меѓувреме, на 11 септември Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение за нападот во Бањска против 45 лица. Каналот „Коридор“ на 13 септември објави фотографии од општините со мнозинско српско население каде беа поставени памфлети со заканувачки пораки. Таму има фотографија од Милан Радојчиќ, кој го организираше нападот во Бањска, заедно со неколку членови на групата „Сите сме Милан и браќа од Бањска. Вие окупатори разбудете ги дивјаците, ве чекаме на север. Команданте, само кажи, летаме како куршуми“, пишуваше во памфлетот.

Памфлетите кои се појавија на северот на Косово во септември. Фотографија преземена од каналот „Коридор“.

Според Стефан Јањиќ, ширењето на овие наративи се чини дека е сложена мешавина од доброволно учество и координирани напори.

Многу српски корисници сметаат дека овие идеи совршено се совпаѓаат со нивниот светоглед и нивното разбирање за меѓународната политика, мотивирајќи ги активно да ги шират овие перспективи, рече Јањиќ.

Но, според него, интересен е фактот дека ширењето на овие идеи не секогаш е директно или отворено политичко, бидејќи некои поединци првично се приклучуваат на онлајн групи или канали од очигледно аполитични причини, како што се барање совети за природна медицина или дискутирање на културни теми.

Сепак, овие платформи често служат како порти за вметнување на политички пораки на бавен и суптилен начин. Корисниците кои првично се приклучуваат од безопасни причини, можат постепено да бидат вклучени и потенцијално да потпаднат на влијанието на геополитичките наративи, вели Јањиќ.

Антизападниот наратив

Покрај големиот фокус на случувањата околу Косово и националистичкиот повик за враќање на „Голема Србија“, овие канали го промовираат и антизападниот дух, при што се поткопуваат вредностите на ЕУ и САД. Генерално, лидерите од регионот кои имаат прозападна ориентација се гледаат како марионети на западните сили, а овие последните се претставени како двигатели на голем заговор против Србија и Русија.

На 6 септември, кога се очекуваше да бидат блокирани граничните премини, владата на Обединетото Кралство им препорача на своите граѓани да избегнуваат да ги посетуваат општините со мнозинско српско население во северно Косово. Каналот „Словенски Медвед“, кој според истражувањето на Детектор (Detektor.ba), беше идентификуван како еден од најбрзо растечките проруски канали на Западен Балкан, постираше објава каде прашува „Дали Британците спремаат нешто?“ и додаде дека поранешниот службеник на разузнавачката служба на Југославија, Љубан Каран, сугерираше дека западните сили можеби стојат позади ескалацијата на ситуацијата во регионот и покрај тоа што ЕУ и САД официјално ги осудија дејствијата на косовското раководство.

Францускиот претседател Емануел Макрон во последната недела од август ја посети Србија и се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ. На 29 август, со фотографија на која Макрон е претставен како кловн, БУНТ објави дека Макрон изјавил дека ќе инсистира на спроведување на Охридскиот договор и формирање Заедницата на српски општини. При оваа посета беше официјализирана набавката на 12 борбени авиони „Рафал“ од Франција. БУНТ, коментирајќи една објава на Твитер, рече дека купувањето оружје од Франција е „самоубиство од воено-политичка гледна точка“. Според БУНТ, НАТО и неговите пиони на Балканот се „единствениот наш вистински непријател во случај на војна“.

Фотографијата која ја придружуваше објавата за Емануел Макрон. Скриншот од каналот БУНТ.

 

Другиот канал „Бункер“, исто така, во една објава во овој контекст, ги потсети своите членки дека на 30 август 1995 година започна НАТО бомбардирањето на Република Српска, во кое учествуваше и Франција. Исто така, коментирајќи една изјава на Макрон каде тој ги нарекува Србите „пријатели“, „Бункер“ рече дека Франција неколку пати ја бомбардирала Србија и српскиот народ.

Заедно со окупаторот на НАТО окупираше дел од српската територија и ја призна како независна држава. Дури неодамна таа беше коавтор на француско-германскиот план за „нормализација на односите со таканареченото Косово“ и коспонзор на резолуцијата за „геноцидот во Сребреница“. „Пријатели“стоеше во објавата на БункерСрб.

По истата линија, БУНТ објави слика со изјавата на Макрон и слика од бомбардирањето на Србија во 1999 година на која пишува „Сакај ја Франција колку што таа те сака тебе“.

Фотографијата која ја придружуваше објавата за Емануел Макрон. Скриншот од каналот БУНТ.

 

Во меѓувреме, коментирајќи го новиот систем за влегување во ЕУ, кој се очекува да стапи на сила за Шенген зоната од ноември, БУНТ коментираше:

Што значи – воспоставување визен режим за „пониските“ земји, секако ја вклучува и Србија – вие Србите правите се што ќе ви кажат, продадете ја земјата, распарчете ја, влезете во „Отворен Балкан“, прифатете ги емигрантите и се друго што оди со тоа, а за да влезете во земјите на Европската Унија ќе ве третираат исто како емигрантите, а да не зборуваме за влез во ЕУ и ова е челично пријателство за вас и „местото на Србија е во Европа“. 🤡”

Според Јањиќ, овие наративи привлекуваат поединци кои се разочарани од долгиот процес на европска интеграција, кој изгледа бесконечен.

Тие често резонираат со луѓе чиј животен стандард не е значително подобрен за време на периодот на транзиција, како и со оние кои сè уште носат болни спомени од бомбардирањето на НАТО во 1999 година, рече Јањиќ.

Според него, во таква средина, која понекогаш делува депресивно, постои силна желба да се најдат објаснувања за моменталната ситуација.

Ова често води кон прифаќање на идејата дека „светот ја мрази Србија“ или поточно дека „Западот ја мрази Србија“. Како резултат на тоа, многу луѓе се вртат кон Русија, гледајќи ја како алтернатива на западните структури. Тие ја разгледуваат можноста за приклучување кон БРИКС и ги идеализираат Путин и Русија, засновајќи го своето восхитување на реалните и замислените аспекти на соработката и историјата, вели Јањиќ.

Според него, оваа тенденција значително ја зајакнуваат српските власти, кои, иако се заинтересирани за европските фондови, често се чувствуваат и должни да се „исчистат“ по секоја интеракција со западните лидери. Тие го прават тоа промовирајќи конзервативни, десничарски или проруски идеи, играјќи на двете страни од политичкиот спектар.

Во меѓувреме, според Иљази, една од целите на руската пропаганда на Балканот е да ја ослабне довербата во западните сили преку проектирање на Западот како неуспешен во напорите за стабилност и демократија на Западен Балкан.

Главната цел на руската пропаганда на Западен Балкан е да создаде поделби во општествениот консензус за интеграција во ЕУ и НАТО, со што би се поткопала поддршката за Западот, особено за САД, вели Иљази.

Некои од објавите, како на пример од БУНТ, „БункерСрб“ и „Коридор“ ја врамуваат улогата на меѓународната заедница, вклучително и на КФОР и ЕУЛЕКС, како овозможувачи на акциите на владата на Курти на север, со цел да се создаде Асоцијација на општини со мнозинско српско население. На пример, за изјавите на КФОР и ЕУЛЕКС, каде се вели дека не биле информирани за дејствијата што ќе се преземат, овие канали објавуваат фотографии од автомобилите на вработените на ЕУЛЕКС кои се со косовската полиција на север, за да ги демантираат нивните изјави. Во меѓувреме, засилувањата на КФОР од НАТО, особено по нападот во Бањска, се сметаат за помош за вооружување на „албанските терористи“ за окупација на северот.

Според Иљази, владата на Косово треба да ги зајакне капацитетите на косовската полиција и на Министерството за внатрешни работи за сајбер безбедност и справување со кампањи за дезинформации. Но, според него, во сегашната ситуација, дејствијата на владата на север создаваат плодна почва за руски дезинформации.

Но, во сегашната ситуација, дејствијата на владата на север, кои се перципираат како дејствија што му штетат на секојдневниот живот на тамошните граѓани, создаваат плодна почва за руски дезинформации, вели Иљази.

Оваа напис е подготвен во партнерство со регионалната иницијатива Центар против дезинформациски на Западен Балкан, кој се имплементира од Фондацијата „Метаморфозис“., со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Содржината на написот е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на партнерите и поддржувачите на проектот. (Вистиномер)

 

Back to top button
Close