Светот го одбележува Денот на тоалетите
Светскиот ден на тоалетите (World Toilet Day) е официјален ден на Обединетите Нации, којшто се одбележува секоја година на 19 ноември, со цел акција за справување со глобалната криза за санитација. И на овој 19 ноември, здруженијата „Новинари за човекови права“ и „Балканска мрежа за вода“ повикува на итна потреба од изградба и вложување во одржување на јавни тоалети, како и на подигнување на свеста кај граѓаните за нивното правилно користење и зачувување.
„Над 4,2 милијарди луѓе во светот немаат пристап до безбедно управувана санитација, а околу 673 милиони сè уште практикуваат отворена дефекација“, се истакнува во соопштението.
Сепак, според извештајот за Целите за одржлив развој од 2020 година, сериозно е загрозен и попречен напредокот кон Агендата 2030 и постигнувањето мир и безбедност, како што истакна и генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.
„’Новинари за човекови права’ во соработка со ‘Балканската мрежа за вода’ 10 години го одбележуваат овој ден со цел подигнување на свеста од итна потреба за јавни тоалети, но за жал градските власти немаат слух за оваа тема. Само колку за илустрација: Во 2021 година, по повод Светскиот ден на тоалетите, истакнавме дека градовите во Македонија – или немаат јавни тоалети, или тие се нефункционални. Дополнително, само 18 отсто од територијата на државата е покриена со канализациска мрежа, што укажува на потребата од подобрување на санитарната инфраструктура“, соопштија здруженијата.
Зошто се важни тоалетите?
Здравје: Безбедните санитарни системи спречуваат ширење опасни болести како што се холера, дијареја, тифус и дизентерија. Во Гватемала, на пр., едукацијата за хигиена ја намалила дијарејата и ги подобрила условите за децата. Во Турција, по земјотресите во 2023 година, приватни тоалети им овозможија на луѓето во камповите да го зачуваат и достоинството и здравјето.
Безбедност: За жените и девојките, безбедните тоалети значат заштита од насилство и други опасности. И во бегалските кампови, како во Северен Киву, ДР Конго итн., безбедни тоалети значат помал ризик од насилство и болести.
Достоинство: Пристапот до тоалет има огромно влијание врз човековото достоинство, особено во кризни и природни катастрофи.
„Во 2021 година, поставивме уметничка инсталација на тоалетна шоља пред нефункционалниот јавен тоалет во Скопје (под мостот „Гоце Делчев“), со цел да го привлечеме вниманието на јавноста кон недостатокот на јавни тоалети и потенцијалните здравствени ризици поврзани со тоа, но освен медиумска покриеност ниту еден претставник на градската власт се одважи да направи промена“, се додава во соопштението.
Во таа смисла, здруженијата потсетуваат оти Скопје сѐ уште нема функционален јавен тоалет.