Нема пари за реформи во Обвинителството во предлог-буџетот за догодина, му се пожалил Коцевски на евроамбасадорот Рокас

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски на средба со Микалис Рокас, меѓу другото, го информирал шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава дека во предлог-буџетот за следната година не се предвидени никакви дополнителни средства потребни за спроведување на реформите во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Од средбата на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Микалис Рокас / Фото: Јавно обвинителство на РСМ

Коцевски на средбата, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, го информирал евроамбасадорот дека Обвинителството веќе презема чекори за подобрување во сите области кои се наведени како препораки во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата и дека интензивно работи на подготовка на задачите од Реформската агенда која наскоро треба да почне да се реализира.

 

Сепак, како клучен предизвик Коцевски ги навел недоволните ресурси потребни за реализација на активностите, што и Европската комисија ги констатира во Извештајот.

Имено, како што посочил тој, наместо за Обвинителството да бидат издвоени 0,4 отсто, како што е одредено со закон, и годинава во предлог-буџетот за следната година се предвидени околу 14 милиони евра, што е нешто повеќе од 0,2 отсто или половина од законскиот минимум.

„Од нас се бараше во предлог-буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации за сите овие реформи. Тоа и го направивме. Но, за реформите што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година“,рекол државниот јавен обвинител на средбата со Рокас.

Коцевски, информираат од Обвинителството, го запознал евроамбасадорот и и со предизвиците кои се однесуваат на кадровската неекипираност, односно недостатокот и од јавни обвинители и од јавнообвинителска служба. Дополнително, јавниот обвинител го посочил и проблемот со застареноста на опремата.

Двајцата соговорници се согласиле дека буџетските приоритети мора да бидат во согласност со планот за работа на Јавното обвинителство и реформите, за да се постигне напредок во владеењето на правото и борбата против корупцијата, што е од клучно значење за земјата да се движи кон Европската Унија.

„Двете страни се согласија да продолжат со напорите за пренесување на овие пораки до одговорните органи во земјата“,се вели во соопштението за средбата.

Европската комисија во последниот извештај за нашата земја посочува дека за зајакнување на перформансите во борбата против корупцијата треба да им се овозможат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка на обвинителствата и на нивните истражни центри.

„Растечкиот дефицит во ресурси во правосудството ја зголемува загриженоста дека тоа ќе влијае врз квалитетот и ефикасноста на правдата“,стои во Извештајот на ЕК, посочуваат од Јавното обвинителство на РСМ и додаваат дека како институција целосно се согласуваат со ваквата констатација.

Back to top button
Close