Нуклеарната ера и новиот реализам
„Нема претерување во тврдењето дека ако во милениумот во кој зачекоруваме, нашава цивилизација биде уништена, тоа, најверојатно, нема да биде резултат на ненадејна епидемија или драматичен недостиг на храна, како што бил случај во претходни времиња, туку на погрешно водена надворешна политика. Имено, опстанокот на човештвото, во голема мерка, ќе зависи од поведението на државите . Ќе зависи, меѓу другото, од тоа како тие ќе ги решаваат традиционалните безбедносни дилеми во меѓународната политика, засилени со огромен потенцијали за деструкција што ги поседуваат, вклучувајќи ја тука и нуклеарната енергија. Не помалку важна ќе биде и нивната сапособност да одговорат на новите проблеми на дваесет и првиот век, какви што се еколошките и популационите, на пример,што ги раѓа погубната логика дека луѓето можат да земаат неограничено од, инаку, ограничените природни ресурси на планетата Земја. Оттаму, не е претерување да се каже дека изучувањето на поведението на државите претставува напор да се осознаат начините за опстанок на човештвото“.
Со овие редови почнува предговорот на книгата „Меѓународна политика“, која ја објавив во 2000, поставувајќи ги темелите на истоимената научна дисциплина на Правниот факултет во Скопје. Темели кои денес се обраснати во пиреј. Ние во Македонија, една од поновите држави-членки на ОН, не сме дел од дебатата во меѓународната политика која традиционално се води меѓу „идеалистите“ и „реалистите“. Првите кои мислат дека меѓународното општество на држави може да се подобри со помош на правото и на меѓународните институции и вторите кои на меѓународната политика гледаат како на „истата проклета работа, одново и одново“ – силата и војната. Во моменти на мир во светот, со дебатата доминираат „идеалистите„ или „институционалиистите“ како што често се нарекуваат. Во моменти на војна, како денес после руската агресија врз Украина, темата ја диктираат реалистите за кои војната е вечен придружник на човештвото а рамнотежата на силите меѓу моќните држави одлучува за мирот во светот.
Имено, од азбуката на меѓународната политика знаеме дека анархичната структура на меѓународното општество на држави во кое нема централна власт која би можела да и помогне на држава во невоља, ја прави трката за моќ неизбежна. Неизбежни се и судирите меѓу државите кои, неретко, завршувале со војни. Еден поглед врз историјата ќе ни даде бројни потврди на оваа теза за војната како вечен придружник на човештвото, па оттаму и вечната потрага по мир. Но, примерот со украинската војна ни покажува дека нешто драматично се има променето во односите помеѓу големите сили во нуклеарната ера. Не можеме веќе,согласно реализмот да речеме дека војните, ете,се случуваат, и само да регистрираме дека се случила уште една светска војна какви што биле Првата и Втората, а Третата само да ја регистрираме во историските читанки.Трета светска војна би значела крај на човештвото, во страшни маки и страдања. Нуклеарното оружје го промени значењето на она што досега се подразбираше под реализам. Во едно најново истражување кое ја симулира замислената Трета светска војна,следејќи ја од минута во минута, авторката заклучува дека во нуклеарна војна светот би бил уништен за само два часа. Е, ова е вистински реализам.
Тешки задачи се пред политичарите кои управуваат со големите сили. Малите држави, пак, нека му ја мислат добро. Тешки задачи се и пред учесниците во научната дебата за меѓународната политика, во која ние не учествуваме како општество. Анархичната структура на меѓународното општество на држави, која автоматски произведува трка за моќ меѓу големите сили заради нивната безбедност, а со тоа и конфликти меѓу нив,се судрува со новиот реализам. Дека војната во нуклеарната ера е самоубиство на човештвото. Ако досега ова беше повеќе теорија, денес, со војната во Украина, сме лице во лице со страотното механичко чудовиште надвиснато над нашите животи.
Денко Малески