Конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување
Конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување се одржа денеска во Кабинетот на Претседателот, откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата.
За претседател на Комисијата, како што информираат од Кабинетот на Сиљановска Давкова, е именувана д-р Милка Ристова, а за членови проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.
На првата седница на новиот состав на Комисијата за помилување присуствуваше претседателката Сиљановска Давкова, која на членовите на Комисијата им посака успешна работа, изразувајќи уверување дека Комисијата со својата работа, почитувајќи ги принципите за транспарентност и отчетност, праведност и еднаквост, хуманост и разбирање, ќе придонесе за јакнење на институционалната доверба, а одлуките ќе бидат пример за почитување на демократските вредности.
Сиљановска Давкова, истакнувајќи ги своите заложби за владеење на правото и почитување на човековите права, ја нагласила важноста на институтот помилување и потребата целата постапка да не биде предмет на дневнополитички препукувања.
– Таа изрази очекување дека сите одлуки на Комисијата ќе бидат во согласност со јавниот интерес и општествените вредности, а секој случај ќе се разгледува со најголема професионалност, во рамки на законски утврдена постапка, се вели во соопштението