Трамп: „Јас сум непредвидлив!“

Путин и Медведев добиваат доза од својот „лек“: спремност на Америка и нејзините сојузници, барем на зборови, да употребат нуклеарно оружје, ако треба. Кога почна инвазијата на Украина, двајцата руски политичари, му упатија порака на Западот дека ако интервенираат во процесот на распарчување на соседот, Русија ќе одговори со нуклеарно оружје.

Сега, кога Русија бара да запре испораката на ракети со долг достре, Западот одговара дека и натаму ќе ја поддржува Украина во нападите на руска територија, а Русија ако сака може да почне нуклеарна војна. Вистина или блеф? Никој разумен не би сакал да провери, ниту во 2022 ниту денес. Боб Вудворд, некогашниот коментатор на „Вашингтон пост“познат по откривањето на аферата „Вотергејт“, вели дека Бајден ја заслужува нобеловата награда за мир, за одбегнувањето директен судир со Русија. Како ќе одговори Путин сега кога ескалацијата е во полн ек и кога некој предложи на Украина да и се даде и нуклеарно оружје?

Мнозина веруваат дека се работи само за ескалација која е вообичаена пред мировни преговори кои се очекуваат после 20 јануари, кога на должност ќе стапи новоизбраниот претседател на Америка. Не би имал ништо против да ја добијам Нобеловата награда за мир, ќе изјави Трамп деновиве. Ќе успее ли да произведе мир? Многу е неизвесно. Прашан дали неговиот план предвидува откажување од четрите окупирано области од страна на Русија, тој одговара негативно. Но, без такво откажување нема мир. Всушност, мир преку договор кој е прифатлив и за Русија и за Украина е апсолутно невозможен. Зарем залудни беа толку жртви од двете страни? Русија нема да се откаже од освоените територии кои го поврзуваат Крим во Црното море со својата територија. Зеленски, или било кој друг, не би можел да потпише капитулација и откажување од 20 проценти од својата територија. Можен е само прекин на огнот и „замрзнување“ на конфликтот на неодредено време. Како корејската војна од 1945?

И сега: Трамп анте портас. Во своите мемоари, некогашната германска канцеларка Меркел вели дека го помешала Трамп со некој „целосно нормален“. Тоа беше времето кога таа, од него,ја превзеде титулата „лидер на слободниот свет“, дотогаш резервирана само за американските претседатели. Тогаш, Меркел се спротистави на одлуката од Букурешт, на Украина да и се вети членство во НАТО, на што, разбираме од мемоарите, Путин и рекол:„Нема да бидеш канцелар вечно. И тогаш Украина ќе стане членка на НАТО. Сакам тоа да го спречам“. Едно е сигурно: односите во Европа се затруени за многу долго време. И согласно поговорката дека додека некому не му се стемни на другиот не може да му се раздени, Македонија и Западниот балкан, можат да искористат од новата геополитика која наложува „заокружување“ на границите на Европа.Сепак, прво треба да се отстрани опасноста од нуклеарна војна. Тоа би можело да го направи Трамп. Но, повторно неизвесност: ако Трамп предложи решение а Путин одбие, тогаш претседателот на Америка може да ја продолжи или да ја засили досегашната политика со ракети со уште поголем дострел. Никој не е сигурен што ќе стори Доналд Трамп по превземањето на власта. Тоа е неговиот стил на владеење со кој тој се фали: „Не сакам тие да знаат што правам. Дел од мојата сила е во перцепцијата на противниците и на сојузниците дека јас сум непредвидлив“.

Денко Малески

Back to top button
Close