Беџети тврди дека немал информации за тајната средба на Водно за враќање на Груевски

Пратеникот на ДУИ и поранешен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, тврди дека не располагал со информации, ниту поседувал снимки, според кои во претседателската сила на Водно лани во март се одржала средба меѓу претставници на тогашниот државен врв и на меѓународната заедница, на која се разговарало за враќање во земјава на поранешниот премиер Никола Груевски.

„Се обраќам со овој демант, како моја уставна гаранција, до сите медиуми во државава и барам веднаш и без одлагање да биде демантот објавен на сите телевизии, весници и портали со приближно ист отстапен простор како за нивните клеветнички текстови и прилози со наслови или најави како Екслклузивни детали од неуспешната операција за враќање на Груевски.

Воедно, барам и јавно да ми се извинат сите телевизии и портали за изнесените клевети и навреди согласно чл.13 и чл. 14 од Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, како би ја ублажиле штетата која веќе ми ја нанесовте и би го намалиле износот за надомест на штета.

Ниту некогаш до мене од страна на некој свиркач или вработен во кабинетот на Претседателот на државата е доставен било каков аудио или видео запис ниту пак сум добил некаква информација за било каква средба со политичари на која било разговарано враќање на Никола Груевски. Од тука не сум имал никаква информација или снимка која би можел некому да ја проследам.

Како политичар согласен сум да бидам под лупата на јавноста и медиумите за мојата работа, да бидам критикуван до степен дури и на провокација, но нема да дозволам да ми се импутираат невистини и клевети дека сум поседувал и дистрибуирал на неовластено снимани комуникации кои сами по себе се кривично дело.

Од тука доколку ваквите клевети не бидат веднаш повлечени од сите медиуми и не добијам јавно извинување, против секоја телевизија, весник, неделна публикација и против секој портал ќе поведам постапки за надомест на штета за ова клеветење. Оваа непроверена и клеветничка вест ќе мора да ја докажувате на суд, за кое нешто нема да успеете да се докажете, бидејќи станува збор за ноторна лага и клевета“, стои во реакцијата на Беџети

Back to top button
Close