Мицкоски: Речиси сите банки прифатија да ги исплатат парите од унгарскиот кредит за компаниите


Премиерот Христијан Мицкоски вели дека речиси сите банки прифатиле да ги исплатат парите од унгарскиот кредит за компаниите. Мицкоски вели дека кредитите за компаниите ќе бидат до десет милиони евра и тоа за инвестиции, а минималното учество на инвеститорот е 20 проценти, од самиот проект.

„Каматата ќе биде 1,95 проценти која ќе ја добијат компаниите, нешто што претставува најниско во регионот и во Европа, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од барањата на кредитобарателот затоа што има компании коишто сакаат помали рокови. Затоа го ставивме тоа да биде флексибилно“,речи Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при неговата денешна посета на компанијата „Костел“.

Според него, дел од овој проект ќе бидат сите оние коишто ќе инвестираат во основни средства за работа, во производни системи од обновлива енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба.

Мицкоски денеска беше прашан и за коментар во однос на изјавите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за издавањето на кредитите за стопанството. Тој во одговорот рече дека понекогаш се чуди на изјавите од опозицијата.

„Имам чувство како некој намерно да го мести. Тешко на новоизбраниот претседател на СДСМ бидејќи од сите комори, од стопанствениците, од компаниите стигаат навистина позитивни вести, воодушевување и благодарности, само од него успеавме да слушнеме критика. Немам што да коментирам“,

вели Мицкоски.
Тој упати совет до опозицискиот лидер Филипче што побргу да расчисти во своите советнички тимови зашто „толку подобро ќе биде и за државата бидејќи ќе имаме навистина конструктивна опозиција“.

„Затоа што ваков тип пораки сега ние мораме да ги коментираме бидејќи станува збор сепак за најголема опозициска партија, но навистина се чудам. Во најмала смисла се чудам“,

изјави Мицкоски.
Прашан за коментар на средбата меѓу претседателката Гордана Силјановска-Давкова и лидерот на СДСМ, Мицкоски вели дека ова треба да биде пракса бидејќи и тој кога бил избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ побарал средба со тогашниот претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев.

„Јас жалам што изминатите пет месеци новоизбраниот претседател на СДСМ не побара средба со лидерството на државата. Но, добро и позитивно го оценувам чекорот да побара средба со претседателот на државата, професорката Гордана Силјановска-Давкова. Така што, ова треба да биде една пракса во иднина“,рече Мицкоски.

Back to top button
Close