Прва задача за сопственичката на фирмата што требаше да гради гаража зад Собрание: Да ја стопира одлуката на АЕК за зголемување на платите од 20 отсто

Новото раководство, односно новиот Управен одбор на Агенцијата за електронски комуникации ќе ја стопира одлуката за покачување на расходите за бруто плати за 20 проценти во АЕК, истакна премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање.

– Јас тоа го дознав од новото раководство во Агенцијата за електронски комуникации, кое што беше избрано во Парламентот пред отприлика две недели, дека раководството на одење потпишало Колективен договор заедно со директорот, кој што е кадар на Демократската унија за интеграција, овие кои што се грижат за стандардот и се загрижени многу кој е легитимен, кој не е легитимен.

Потпишале ваков Колективен договор кој претходно никогаш не бил потпишан, ниту имало потреба од него, кога сите знаеме колкави и какви се примањата во Агенцијата за електронски комуникации. Добрата вест е што новото раководство, новиот Управен одбор прво што ќе направи е да ја стопира оваа одлука и ќе ги преземе сите механизми што стојат на располагање да биде овој колективен договор ништовен.

Колективниот договор, ќе повторам, го потпишало претходното ракводство каде што членот, односно претседателот на Управниот одбор е од СДСМ, а директорот кој што во моментот сѐ уште ја извршува таа позиција е од редовите на ДУИ, истакна Мицкоски.

Агенцијата за електронски комуникации го објави предлог финансискиот план за 2025 година заедно со Годишната програма за работа и од документите може да се забележи дека расходите за бруто плати на вработените ќе бидат зголемени за 20 проценти.

За плати за вработените во Агенцијата за електронски комуникации кои и досега земаа натпросечни плати за јавниот сектор, ќе се издвојат 242 милиони денари или 3,9 милиони евра. За 2024 година планот велеше дека за бруто плати ќе се издвојат 202 милиони денари или околу 3,3 милиони евра.

За петте членови на Комисијата на ова регулаторно тело за телекомуникацискиот пазар ќе се издвојат 11 милиони денари.

Вкупно планираните расходи на АЕК се 572 милиони денари или 9,3 милиони евра.

Ова тело, кое најголемите приходи ги добива од телекомуникации, во 2025 година планира да оствари приходи од 9,3 милиони евра што е намалување за 31 % во однос на планираните приходи за 2024 година.

За нови членови на Комисијата преку Собранието со 61 глас беа се избрани бизнисменката Анкица Трпковска, сопственичката на „Анго“, фирмата која требаше да ја изгради спорната катна гаража до Собранието. Таа нема да биде вработена туку ќе учествува на седниците на Комсијата и за ангажманот ќе прима месечен надоместок од 2.700 евра.

повеќе

Back to top button
Close