Сеќавање

Почитувани читатели, ќе ми дозволите да ги споделам со вас сеќавањата од моето рано детство, кога се стекнав со основните животни принципи, дека само со работа и посветеност може да се стигне до посакуваната цел.

Од најраното детство, паралелно со растењето растеше и мојата поврзаност со куќата и семејството. Растев во куќата на моите, веќе починати, тетин Кочо и тетка Катерина-Тинка Стојменови од Гевгелија.

Жешките лета, типични за климата во Гевгелија, ги минував токму во куќата на мојата тетин и тетин, кои што ме чуваа како родено дете. Не беа благословени со свои деца, па јас им бев прва и последна љубов.

Нивниот однос кон мене беше повеќе и од родителски. Секогаш беа умерени и полни љубов. Сѐ што научив од нив, го учев преку нивниот искажан збор, без да подигнат тон или не дај Боже кренат рака.

Во куќата на моите тетка Тинка и тетин Кочо научив да собирам, нижам, сушам и калапам тутун. Затоа многу добро ја знам таа најмакотрпна работа за секој земјоделец. Во текот на цела година тутунот мора да се обработува сѐ до финалната форма за продавање во тогашните монополи за откуп на тутун.

Во куќата на моите тетка Тинка и тетин Кочо уште како дете го доживеав градинарскиот бум кога, во бившата СФРЈ , гевгелискиот регион стана поим за квалитетен ран зеленчук и овоштие. Доматот беше примарен како зеленчук, а грозјето како овошје

Како тинејџер секое лето продавав зеленчук и овошје низ пазарите во Словенија и Хрватска. Го научив целиот систем како функционираат тогашните пазаришта. Да се стане рано, да се фати тезга, да се обезбеди вага или кантар и да се воспостави добра комуникација со потенцијалните купувачи. Истовремено требаше да се обезбеди и транспорт од железничките станици каде стасуваше зеленчукот и овошје до складиштата на пазарите.

Навидум изгледа лесно, меѓутоа се работи за ран зеленчук и овошје кои што имаат рок на траење и токму поради тоа научив за флексибилноста во тргувањето со количини и цени.

Тетин ми Кочо беше единствениот ,,новинар” во Гевгелија, не по диплома и професија, туку по искуството како продавач на весници, неделници и месечни списанија. Секој ден, со обична количка која во тие времиња се користеше за носење цемент или малтер, го чекаше на железничката станица меѓународниот експресен воз Парис-Атина, кој доаѓаше околу 11 часот и цели 2 часа разнесуваше весници од врата на врата по долгата улица од неколку километри. Улицата беше препознатлива само за Гевгелија, за која што се велеше: „една улица од сташонут” (железничка станица) до граница”. Немаше човек кој не го почитуваше мојот тетин Кочо, како чесен, праведен и трудољубив човек.

Како дете често го заменував во неговата бутка (трафика)каде што продаваше весници. Помеѓу 14 и 17часот попладне мојот тетин Кочо мораше малку да се одмори па јас го менував. Тогаш научив што значи да се заработува. Прв пат работев со пари. Довербата која ја добив од мојот тетин Кочо беше огромна. Никогаш ниту ме проверувал, ниту потпрашувал за продажбата. Многу подоцна сфатив зошто.

На една средба, по моето завршување на факултет, ми откри зошто никогаш не ме проверувал. Тој ми кажа: „ако имав и трошка сомнеж во тебе, никогаш немаше да ти дозволам да работиш со пари на раце, во готовина”.

Многу ми значеше. Моето присуство во нивната куќа ги правеше многу среќни и горди.

По катастрофалниот земјотрес во Скопје, втората година од гимназиско образование ја продолжив во Гевгелија. На сите родителски состаноци, во текот на целата година, мојот тетин Кочо седеше секогаш во прва клупа, прашувајќи: „каков ученик е мојот Пуне?”Да појаснам, прекарот Пуни ми е наследство од мојата почината мајка, која што никогаш не го прифати моето име Трифун. Ја асоцираше на нејзиниот сосед од детството со име Трифун, кој што бил пијаница и многу лош човек.

Откако тетин ми ќе ги добиеше првите информации дека неговиот Пуни е одличен ученик, веднаш по родителската ќе отидеше во централното кавине (кафеана) и од радост ќе се напиеше. Мојот тетин Кочо не умееше да пие, меѓутоа радоста беше посилна и така после две-три испиени чаши ќе се вратеше насмеан дома. Уште од вратата, весело со широка насмевка ќе викнете „Тинка нашто дете е одлично!”

Почитувани читатели, овие спомени се длабоко врежани во мојата меморија и сакам да ги споделам со сите оние кои што веруваат во семејните вредности.

Мојата тетка Тинка беше побожна жена, посветена на Бога. Големиот празник Свети Илија на 2-ри Август, откога паметам за себе, го поминувавме во манастирот Свети Илија, Давидово. Таму преспивавме, спиејќи на рогозина. Тетка ми имаше дарба за гледање во шолја кафе, да погодува за човечките судбини допирајќи некој личен предмет на луѓето кои доаѓаа да им помогне. И денеска не сум свесен од каде ја имаше таа моќ. Во тие времиња беше многу популарна не само во регионот, туку доаѓаа луѓе од цела Југославија да бараат помош.

Не сум љубител на кафе, ниту верувам во претскажување судбини, меѓутоа мојата покојна тетка Тинка ме тераше да се напијам кафе за да ми ја претскаже судбината. После три такви ,,судбински” кафиња, престанав да пијам кафе и не и дозволував да ми гледа во талогот на кафето, затоа што мислев дека ме мајтапи. Секогаш во филџанот гледаше моја светла иднина велејќи ми: „Пуни, ти ќе бииш (бидеш) гулем (голем) чувек”. Нормално, не верував во нејзините претскажувања, бидејќи животното искуство до тој момент не ми дозволуваа да размислувам во тој правец. Живеев скромно, да не речам бедно, со сиромашна исхраната и изветвена облека. Сонував за тогашните фармерки „Super Rifle” кои што во тие времиња се шверцуваа и носеа од Трст низ цела Југославија. Беа скапи за мене, за моите родители, моите тетин Кочо и тетка Тинка.

Денес , сеќавајќи се на тие моменти почнав длабоко да размислувам за судбината која што секој поединец ја носи во себе. Во очите на моите најблиски и пошироко јас сум успешен човек.

Моето животно искуство ми дава за право да заклучам дека во животот сум учел да ,,купувам” мудрост од луѓе кои ги збогатуваат моите животни видици, и каде што чесноста, посветеноста и работливоста се доблести на прво место.

Улогите на моите тетин Кочо и тетка Тинка во мојот живот се непроценливи. Денес тие се минато за Гевгелија и гевгеличани, ама за мене не. Токму со пишаниот збор за нив сакам да им оставам трага, да не ги забораваме луѓето кои што ни помогнале во животот да станеме луѓе со вистински човечки вредности.

Трифун Костовски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close