Уставниот суд да одлучува и по словото и по духот на законот, а не моноетнички или партиски
1. Рамковниот не е само „мировен“ договор кој се води од максимата „нема територијални решенија за етнички прашања/права“.
Тој е корекција на Уставот од 1991, кој во себе ја следеше максимата „еден народ, една нација, еден јазик“ – внесена со амандманите 1989 година.
Амандмански-административно бришејќи ја албанската и турската „народност“, СРМ стана национална држава само на македонскиот народ и го избриша и стекнатото право на службена употреба на нивните јазици вон локалната самоуправа.
Овие уставни измени од 1989 се придонесот на југословенско Скопје кон политиките на Милошевиќ по правецот на Меморандумот на САНУ – големосрпскиот проект за исцртување на српски територии во Србија, Косово, БиХ, Хрватска, Македонија и Црна Гора.
Денес тој е алтернативно соопштен во мемо-то на Сесрпскиот собор, кое дефинира зони на српско економско, политичко и културно присуство во она што некои политичари во Белград го дефинираат како „српски свет“.
На страна што овој “проект” е опасен и по Србија и по нејзините соседи – таа проектирана зона на влијание подрачно се поклопи со политичкото дестабилизирање од БиХ и Црна Гора, преку ибарската диверзија во Косово се до состојбата во Северна Македонија.
2. Рамковниот договор е инструмент на модерната нација на Северна Македонија.
Нацијата на РСМ е политичката дефиниција на државно-правниот субјективитет на рамноправните граѓани на Северна Македонија во која македонскиот народ е неспорно конститутивен и се развива заедно со припадниците на сите останати народи во државата.
Во таквата нација секој од нас, поединечно на ниво на граѓанин – ги остварува своите потреби и права, а етнички дефинираните идентитети рамноправно се штитат индивидуално и колективно.
Всушност Рамковниот договор, заедно со Преспанскиот и Преговарачката рамка ја вратија Северна Македонија во национална држава на македонскиот народ, како и албанскиот народ и припадниците на бошњачкиот, влашкиот, ромскиот, српскиот, турскиот… бугарскиот, хрватскиот, словенечкиот, египќанскиот, торбешкиот… народ – исто како и до 1989 година.
И низ него концептот на граѓанска рамноправност, вклучително рамноправноста на личните и колективните права – не е спротивставен, туку отелотворен низ мултиетничката нација на унитарна Северна Македонија.
Во неа македонскиот јазик е заедничкиот јазик и на најбројниот и на сите народи во земјата – и не е ниту помалку доминантен ниту помалку вреден со законски уредената употреба на албанскиот јазик.
3. Рамковниот договор го разби концептот на моно-етнички граѓанизам.
И до и по 1991, Скопје ги следеше параметрите на „граѓанство“ поставени од Белград, а Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите – не смееја да и го попречат “ексклузивитетот” на југо-македонистичката „елита“ да нормира што е „граѓански“, а што не е.
Оттука потекнува отпорот и кон Рамковниот договор и кон Уставот и кон нацијата на Северна Македонија од партиите, од “гранките” на скопскиот Правен во институциите – од Вила “Водно”, преку “Илинденска” 2 и Уставниот суд, до НВО-и, МАНУ и медиумите.
И нетолкувањето на уставноста по слово + по суштина и дух.
Законитоста значи примена на нормите засновани на етички и на општествени вредности, а не само членови, ставови и алинеи од сувопарен текст.
4. Имајќи предвид дека заштитата на правата на немнозинските заедници е токму со (механизми на) гласање на нивните припадници за прашањата кои ги засегаат – моноетничката одлука на Уставниот суд би била целно катастрофална.