Етикетирање, маргинализација и културен конфликт – причини за деликвенција меѓу малолетните доселеници во Германија

„Постојат бројни причини коишто децата и младите со странски корени ги носат кон криминал“, вели проф. д-р Михаел Кубинк, народниот правобранител за извршување казни во покраината Северна Рајна-Вестфалија, почнувајќи ги одговорите во интервјуто за Нота.мк. Тој е доктор на науки и вонреден професор по право на Институтот за криминологија при Универзитетот во Келн. Во наведувањето на причините тој се држи до три објаснувања, кои одамна се етаблирани во криминалистичката наука.

Кога станува збор за причините за деликвенцијата меѓу децата и младите со мигрантско потекло, прво мора да се земе предвид таканаречениот пристап на етикетирање, нагласува омбудсманот.

проф. д-р Михаел Кубинк народниот правобранител за извршување казни во покраината Северна Рајна-Вестфалија

„Ако, на пример, врз основа на социјалните стереотипи се претпостави дека децата и младите со мигрантско потекло имаат поголема веројатност да извршат кривични дела, тоа исто така ќе доведе до зголемени контроли врз оваа популациона група (на пример, во форма на зголемени кривични пријави). Со почести проверки, логично, се откриваат повеќе кривични дела, што пак доведува до дополнително жигосување. Засегнатите потоа ја согледуваат променетата слика на општеството за нив и во одреден момент ја прилагодуваат својата перцепција за себе кон неа“, објаснува проф. д-р Михаел Кубинк.

Омбудсманот за извршување санкции како друга причина, која ги тера малолетниците со мигранско потекло на криминал, ја наведува маргинализацијата.

„Ова објаснување ги зема предвид посебните предизвици со кои се соочуваат мигрантите. Ова ги вклучува, на пример, јазичните и образовните дефицити. Учеството во општествениот живот и влезот во професионалниот живот често се отежнуваат, а тоа може да го ‘олесни’ патот до криминалот. Не треба да се занемари дека доселениците – особено кога се разликуваат меѓу генерациите наследници – не секогаш имаат реални очекувања од нивниот престој во Германија. Разочараните очекувања потоа можат да бидат и објаснување за отстапувањата од нормата“, нагласува народниот правобранител за извршување казни во покраината Северна Рајна-Вестфалија.

Проф. д-р Кубинк смета дека во разгледувањето на причините за малолетничката деликвенција меѓу доселениците во Германија не треба да се занемари теоријата за културен конфликт, развиена од американскиот криминолог Торстен Селин.

„Особено културните разлики претставуваат објаснување за статистички несразмерната деликвенција на мигрантите. На пример, различните претстави за вредностите, особено различното разбирање на таканаречените норми кои го легитимираат насилството и, поврзано со тоа, различните лични искуства на жртвите со насилство, влијаат на однесувањето на децата и младите со мигрантско потекло“, објаснува омбудсманот проф. д-р Михаел Кубинк.

илустрација тест за германски јазик

Криминологот нагласува дека овие наведени фактори ни го ослободуваат младото лице од индивидуалната одговорност, ниту неа ја оправдуваат. Професорот Кубинк посочува дека при носењето пресуда за малолетниците мора да се земе предвид каква интензивна образовна потреба постои кај нив. „Познавањето на јазикот и образованието играат важна улога во рамки на криминалот кај децата и кај малолетниците“, потенцира проф. д-р Кубинк.

„Стекнувањето на овие вештини не само што овозможува да се избере професија за да се обезбеди егзистенција, туку многу повеќе тие се основен предуслов за учество во социјалниот и приватниот живот во едно општество. Стабилното социјално опкружување и редовната дневна рутина имаат позитивен ефект врз однесувањето на децата и младите и значително го намалуваат ризикот од деликвенција – како во однос на аспектите на социјалните вештини, така и во однос на практично намалените можности за криминал“, објаснува омбудсманот за Нота.мк.

Малолетнички притворски центар Дизелдорф

Од 1923 година досега во Германија важи кривичната одговорност од наполнета 14-годишна возраст. Оваа граница, од која почнува кривичната одговорност, е поврзана со менталната и моралната зрелост на младото лице.

„Само доколку оваа зрелост е присутна, во смисла на интелектуална и социјална разбирливост на стореното недело, може да се зборува за зрелост за кривична одговорност. И на крајот, само оние кои се одговорни за своите постапки можат да бидат осудени“, вели проф. д-р Михаел Кубинк.

Овој омбудсман за извршување санкции во покраината Северна Рајна-Вестфалија вели дека постои вообичаено недоразбирање дека нема никаква реакција од германската држава кога се зборува за незрелоста на лицата.

„Во дом за деца поради сторениот прекршок, на пример, може да се сместат и деца до 14 години или млади луѓе, кои не се класифицирани како доволно зрели. Дополнително, може да се преземат мерки како што се социјална групна работа, назначување на образовен асистент или социјално-педагошка семејна поддршка со цел да се реагира на направениот деликт и во рана фаза да се направи спротивставување на криминалната кариера на младите престапници“, нагласува проф. д-р Михаел Кубинк.

“Артур“ во Притворски центар Дизелдорф

Професорот потсетува дека во минатите 100 години постои разгорување на дискусиите во јавноста за намалување на старосната возраст за кривична одговорност, особено по случаи на убиства. Но, во научните кругови во Германија немало конкретни дискусии на темата. Во Германија меѓу 1871 и 1923 година важела кривична одговорност од 12-годишна возраст, само доколку во поединечен случај можела да се утврди зрелоста на сторителот. Во некои земји, како на пример Англија, денес старосната граница, од која почнува кривичната одговорност, е од 10-годишна возраст.

„Така, на пример, во Швајцарија кривичната одговорност започнува на возраст од 10 години, но оваа проценка е предмет на проверка во поединечен случај“, објаснува проф. д-р Михаел Кубинк.

5.342 деца под 14 години и младинци под 18 години со македонско државјанство се појавуваат во германската криминалистичка статистика во минатите пет години. Бројот на малолетниците од Србија во истиот временски период изнесува 11.630. Во германската криминалистичка статистика во минативе пет години се појавуваат и 28.350 деца и младинци со романско државјанство.

Ресоцијализацијата во Германија се прави како во малолетнички затвори, така и во притворски центри. Покрај во затвор, според одлука на суд малолетните деликвенти во Германија може да се испратат и во притворска установа, за да добијат впечаток што ги очекува, доколку продолжат со криминал.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработници: Сања Петров и Маријан Чиријак

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Малолетни деликвенти – меѓу детството и криминалот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

 

Back to top button
Close