Бугарскиот премиер Главчев ја обвини Македонија за „неевропско однесување“
Ден пред самитот ЕУ-Западен Балкан и три дена пред средбата на лидерите на ЕУ, бугарскиот премиер Димитар Главчев ја потврди позицијата на Софија во однос на продолжувањето на преговорите на Македонија со блокот и ја обвини нашата земја за „неевропско однесување“.
Главчев денеска за ова разговарал телефонски со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, околу подготовките на лидерскиот самит. Овој самит на ЕУ ќе биде првиот со кој ќе претседава Коста.
Според соопштението на прес-службата на бугарската влада пристапувањето на Македонија во Европската унија бил главен фокус во нивниот разговор.
„Со неевропско однесување не може да се постигнат европски резултати“, му рекол премиерот Главчев на Коста. Бугарскиот премиер истакнал дека Софија ја поддржува европската интеграција на Македонија, под услов да се почитуваат договорите од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и спроведувањето на клучните реформи поврзани со владеењето на правото и добрососедските односи.
Димитар Главчев на Коста му пренесол дека бугарското општество е целосно едногласно околу оваа тема и дека ниту еден бугарски премиер, без разлика дали е официјален или редовен, нема да поддржи став поинаков од оној што официјално го усвои собранието. Тој изјавил дека Бугарија останува посветена на европската перспектива на регионот, но неопходно е да се надминат разликите преку конструктивен дијалог и меѓусебно почитување, соопштува прес-службата на бугарската влада.Проширувањето на ЕУ, миграцијата, ситуацијата на Блискиот Исток и односите меѓу ЕУ и САД ќе бидат на агендата на средбата на шефовите на држави и влади во белгискиот главен град на 19 декември.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски утре во Брисел ќе присуствува на редовниот самит ЕУ-Западен Балкан.