Дискусија: Онлајн-медиумите да ги модерираат коментарите што поттикнуваат дискриминација и говор на омраза

Прекршување на кодексот за одговорно новинарство е секојдневие особено во онлајн-медиумите. Модерирањето на коментарите под вестите што ги објавуваат и бришење на навредливите и дискриминаторски тие треба да го сфатат како сериозна задача зашто медиумите стануваат платформа за натамошно ширење на говор на омраза, беше посочено на панел-дискусијата „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“ што денеска ја организираше Институтот за медиуми и аналитика ИМА.

Според наодите што ги соопштија учесниците панелисти, онлајн-медиумите како оправдување ја имаат неможноста да ангажираат луѓе за администратори што постојано ќе ги следат коментарите од читатели под објавените вести. Честопати се работи за млади луѓе кои имаат ИТ-знаења, но не и основна новинарска обука.

 

Најчесто дискриминацијата и говорот на омраза е по основа на етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет. Забележани се и случаи на повик за линч на социјалните медиуми каде што и жртвите и сторителите се главно млади луѓе со оглед дека тие се и најчесто корисници на социјалните мрежи.

 

Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), рече дека според бројот на претставки во 2023-та, на второ место се токму претставките од областа на јавно информирање и медиуми.

Посочи три примери кои биле вознемирувачки и за кои Комисијата постапувала по службена должност – за изјава на „експониран политичар“ кој во дебатна емисија негирал постоење на турската етничка заедница во Македонија, пратеник кој со коментари на Фејсбук поттикнувал дискриминација на трансродови лица и свештеник на јавен настан на ТВ кој „извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет кон ЛГБТ заедницата“.

Билјана Георгиевска, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), соопшти дека до нивната Комисија за жалби над 90 отсто од пријавите се за онлајн-медиумите.

Главно тоа се жалби кои ги добиваме во месецот кога се одбележуваат правата на ЛГБТ-заедницата, кога се организира Парада на гордоста, многу често тие жалби се однесуваат на коментарите… На порталите работат деца кои знаат само да се справуваат со компјутери и копи-пејст прават на се живо што ќе допре до нив. Не може да биде оставено на нив да ги модерираат коментарите. Ова медиумите треба да си го сфатат како многу сериозна задача. Имаме разбирање за нивната ситуација и за недостигот од кадар и мноштвото онлајн-медиуми кои работат со по еден човек или двајца, меѓутоа никој во светов не се откажува од таа задача, истакна Георгиевска.

Порача дека медиумите треба да внимаваат и на објави со сензационалистички наслови кои „подгреваат“ нетрплеивост и привлекуваат дискриминаторски коментари, како и при објавување на фотографии од сензитивни настани. Како пример го посочи убиството кај ТЦ Мавровка во август кога, покрај големиот број коментари со кои се шпекулирало за идентитетот на жртвата, неколку медиуми објавиле и фотографија од непокриеното тело на усмртениот човек, која не била ниту замаглена.

Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека нотираат континуиран говор на омраза на социјални медиуми и најчесто се млади луѓе и сторителите и жртвите.

Рече дека досега до надлежните поднеле десетици пријави, но нема ниту едно покренато обвинение. И таа укажа дека порталите мора да внимаваат како модерираат коментари и да ги отстранат тие со говор на омраза зашто стануваат вирални.

-Оваа година имаме регистрирано над илјада случаи на говор на омраза. Не се сите кривични, има доста и вознемирување и поттикнување на насилство во смисла на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Пикот во оваа година е за време, пред и по изборите, и вториот врв на говорот на омраза е за Парадата на гордоста, што се случува секоја година кога се организира, рече Анастасовска.

Според неа, во коментарите на онлајн-медиумите има и одобрувања на убиства, семејно насилство и фемициди што, рече, дополнително охрабруваат насилни однесувања.

Сара Миленковска од коалицијата „Маргини“ смета дека се забележливи антиродови движења кои, според неа, се институционализирале и сега креираат антиродиви политики и водат кон замолчување на активисти и нивни истомисленици.

Самата држава, рече, не учествува во заштита на трансродовите лица и главен аргумент на Обвинителството за непостапување по вакви случаи е што кај нас не е регулиран статусот на трансродовите лица поради што и не можат да бидат заштитени.

-Проблемот не е само во недејствувањето на институциите туку е повеќе во тоа што постојат јасни и директни стратегии… Многу често еден од главните наративи што го користат е дека тие се тивкото мнозинство и дека не се дел од некаков естаблишмент. Така што, мора да зборуваме за демаскирање на нивното претставување со цел да го разбереме тоа што го прават, рече Миленковска.

Како пример посочи дека поради говор на омраза бил откажан настап на трансродова активистка на Медицинскиот факултет, како и на реакциите што следуваа по одлуката наградата „Мето Јовановски“ за човекови права оваа година да ја добие трансродово лице.

Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), организатор на дискусијата, рече дека забележуваат оти неколку месеци од изборите се присутни теми во медиумите „кои ја поларизираат јавноста врз етничка основа“.

-Тоа не беше само прашањето за укинувањето на „балансерот“, беше за Законот за јазици, политичките односи внатре во власта и помеѓу власта и опозицијата. Гледаме дека е засилено во јавната комуникација, за разлика од еден претходен период. Гледаме дека одредени политички актери во земјава се обидуваат на оваа тема да добијат политички поени и се користи пожестока етноцентрична реторика кај нив што се рефлектира и со внатреетничка конфронтација… Ова се дефинира и како патриотски говор на омраза што никому во земјава не му носи добро, особено на граѓаните , без разлика на етничката припадност. Бидејќи овие теми кои стануваат доманнтни го оттргнуваат вниманието од реалните проблеми. На овие теми медиумите треба да им приоаѓат со студени глави и критички да бидат опсервирани, порача Сарачини.

Back to top button
Close