Пратениците да добиваат безбедносен сертификат со почнувањето на мандатот и без проверки, предлага ДУИ
Потребата од ваквите дополнувања на Законот за класифицирани информации што е веќе во собраниска процедура предлагачите ја образложуваат со зголемување на ефикасноста на работењето на Собранието, како и на работните тела, односно комисиите кои разгледуваат прашања од областа на безбедноста
Според актуелното законско решение, безбедносен сертификат со стапувањето на функцијата добиваат претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, вицепремиерите, претседателот на Уставниот суд и претседателот на Врховниот суд
Немањето безбедносен сертификат беше повод пратеникот Скендер Реџепи кој е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ и претседател на Комисијата за за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање (АР) пред нешто повеќе од еден месец да ја прекине седницата на која Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР требаше да се расправа за контраверзите што избија околу изборот на Бојан Христоивски за директор на АНБ
Пратениците во Собранието да добијат безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации во истиот момент кога ќе им почне мандатот, предлага опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од ДУИ.
Имено, станува збор за официјален предлог за измена на Законот за класифицирани информации поднесен од коалицијата, по скратена постапка.
Материјалот е веќе доставeн и примен во Собранието и, како што може да се види на веб-страницата на законодавниот дом, е со статус на второ читање, односно треба да биде разгледан од матичната Комисија за одбрана и безбедност и Законодавно прваната комисија.
Предлагачи се 11 пратеници од редовите на „Европскиот фронт“, а како овластен предлагач е наведен пратеникот Скендер Реџепи од коалицискиот партнер на ДУИ, „Движење попули“, кој е претседател на собраниската Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР).
Со решенијата кои ДУИ и пратнерите ги предлагаат, се предвидува пратениците од моментот кога ќе им почне мандатот веднаш да добијат безбедносен сертификат со кој ќе имаат пристап до класифицирани информации од сите степени.
Сертификатот, според прелагачите, пратениците треба да го добијат без претходна безбедносна проверка и да го поседуваат до крајот на нивниот мандат како народни избраници.
Потребата од ваквите измени ја образложуваат со зголемување на ефикасноста на работењето на Собранието, како и на работните тела, односно комисиите кои разгледуваат прашања од областа на безбедноста.
Со донесувањето на дополнувањата, се наведува и дека Законот за класифицирани информации ќе се усогласи со законите што го уредуваат ова прашање во одредени земји членки на Европската Унија, а како конкретен пример е посочена Словенија.
„Пратениците се народни изабраници, со можност на одлучување за сите државни законитости, вклучително и Устав и граници на државата, затоа нивното безбедносно оспорување би било спротивно со горенаведените права.
Исто така, за брзото и ефикасно работење на Собранието, вклучително и работните тела на Собранието од областа на безбедноста, потребдно е да нема попречување на работата со немањето на Сетрификат или чекање на одговор за истиот, што е пак спротивно со правата на пратениците.
Решенијата содржани во Предлогот на законот е пратениците за извршување на работните задачи да добијат безбедносен сертификат за пристап и користење на класифицирани информации од сите степени, без претходна безбедносна проверка, заради непречено вршење на функцијата од денот на изборот до крајот на мандатот“,наведуваат предлагачите во образложението на причините и целите за донесување на дополнувањата на Законот.
Дополнително, според предгагачите, предлог-законот за дополнување на Законот за електронски комуникации треба да биде донесен по скратена постапка, бидејќи не станува збор за обемен и сложен закон.
Сумирано, ДУИ и нивните коалициски партнери од „Европскиот фронт“ сметаат дека и пратениците треба да се стекнат со безбедносен сертификат од денот кога ќе бидат избрани, како што тоа сега е случај со претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, вицепремиерите, претседателот на Уставниот суд и претседателот на Врховниот суд.
Кои од највисоките државни функционери добива безбедносен сертификат од денот на почнувањето на мандатот е уредено во членот 40 од Законот за класифицирани информации и токму во него е една од двете интервенции што ДУИ и партнерите ја предлагаат со измените.
Така, членот 1 од поднесниот предлог-закон за дополнување на Законот за класифицирани информации гласи:
„Во Законот за класифицирани информации (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 275/19), во членот 40 став (2) по зборовите: ‘претседателот на Собранието на Република Северна Македонија’, се додава зборот ‘пратениците’.
Принтскрин од членот 40 од Законот за класифицирани информации
Вториот член се однесува со стапувањето во сила на Законот, односно тоа да биде со неговото објавување во Службен весник.
Инаку, според актуелната законска пракса, пратениците во Собранието, освен претседателот, треба да поднесат барање и да поминат низ безбедносни проверки за добивање на безбедносните сертификати, процес за кој е задолжена Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Немањето безбедносен сертификат беше повод Скендер Реџепи пред нешто повеќе од еден месец да ја прекине седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, а на која по иницијатива на СДСМ требаше да се расправа за контраверзите што избија околу изборот на Бојан Христоивски за директор на АНБ.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за дополнување на дневниот ред ја прекина комисиската седница за директорот на АНБ, Бојан Христовски
Тоа не се случи, откако членот на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, побара покрај оваа точка на дневен ред да биде ставени уште две точки – едната за посета и надзор на Агенцијата за разузнавање и другата за посета и надзор на Агенцијата за национална безбедност.
Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи одби да ги стави овие две точки на дневен ред бидејќи, како што кажа, тој и неговиот заменик Блерим Беџети сè уште немаат безбедносен сертификат.
Наместо дискусија за изборот на новиот директор на АНБ, седницата се претвори во кавга меѓу координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, и неговиот колега и сопартиец Драган Ковачки од една и претседателот на Комисијата Скендер Реџепи од друга страна.
Од пратениците на СДСМ, кавгата беше оценета како театар на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да не се стави на дневен ред нивната иницијатива, насловена „Информација за незаконското именување на Бојан Христовски за директор на АНБ“.